Богослужбите за Велики Четврток во Охридското архиерејско намесништво на Дебарско-кичевската епархија, се отслужија во сите градски парохии. Владиката г. Тимотеј богослужеше во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Охрид, во сослужение на протоереј-ставрофор Ефтим Бетински и свештениците Кирил и Игор, како и ѓаконот Димче Азески.

 
На светата Литургија, којашто во овој ден се извршува во спомен на првата Евхаристија, која Господ Исус Христос ја изврши заедно со Своите ученици, и која претставува почеток на оваа света Тајна, мноштво верници, деца, млади, возрасни и стари пристапија кон светата Чаша и се причестија со чесното и свето Тело и божествената крв на Господа Спасителот наш Исус Христос.

Во преполнетиот храм на светиот великомаченик Ѓорѓи беше отслужена света Василиева литургија соединета со Вечерна служба, а по завршувањето на Литургијата, Владиката и свештенослужителите, по вообичаен ред, ја отслужија и светата Тајна Елеоосветување, на која по завршувањето на осветувањето на елејот Владиката изврши кратко помажување на челото на свештенството и верниците, а потоа свештениците ги помажаа сите присутни во храмот. Поголем дел од верниците, веќе подготвени, во малечки шишенца понесоа во своите домови од овој свет елеј, кој ќе им служи за помажување на челото, лицето, рацете и сите оние делови од телото кои им се болни.

Вечерта на овој ден, со почеток во 18.30 часот во сите парохиски Охридски цркви ќе започнат богослуженијата со читањето на Страсните Евангелија.
Владиката г. Тимотеј ќе богослужи во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Струга.

Известува: отец Игор Николовски

Посети:{moshits}