„Кога со леењето солзи го угасна распалувањето на телесните срасти, а го запали огнот на божествената љубов, ти се озари со бесмртноста на Царот Христос, и Му се придружи Нему, добра девојко, и со Него влезе во духовната палата. Параскево, моли се за душите наши“ (стихира на Слава... на Господи повикав... на Вечерна на преподобна Параскева).

 

 

 

На 27.10.2014 година, на празникот на преподобната мајка Параскева – света Петка, во манастирот „Св. Петка“ во с. Велгошти, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Никола Кипријанов, Никола Христоски, Горан Ставрески и Владо Недески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодно слово, кое во целост ви го пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашата света Црква, како грижлива Мајка, постојано ни изнесува примери, од кои ние треба да се поучиме и да ги следиме, доколку сакаме да влеземе во Царството Божјо.  Секоја недела и на секој празник, Црквата ни пренесува разни параболи, изречени од устата на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, а упатени кон апостолите и народот, кој Го опкружувал и слушал. Овие параболи имале за цел да ги насочат луѓето на патот на спасението. Овие параболи честопати биле загатка за народот, но и за самите апостоли. Токму затоа, не ретко и апостолите барале од Спасителот да им ги објасни овие параболи. Но, има и многу параболи, што не биле објаснети и протолкувани од Господа Исуса Христа. Овие параболи биле протолкувани во светата Црква, преку светите отци, за да ни бидат наш водач на патот кон спасението.

Во денешното свето Евангелие, прочитано на светата Литургија, ние ја слушнавме Христовата парабола за петте мудри и петте неразумни девојки. Кога се вели мудри и немудри, не се мисли на нивниот интелект или знаење. Тука мудроста, односно неразумноста, се однесуваат на тоа дали тие го поминале својот живот разумно или неразумно. Дали го поминале својот живот добродетелно, или, пак, блудно и неразумно. Но, ова се однесува и на сите нас. Во Првата книга Мојсеева, кога се зборува за творечкиот акт, се вели: „Да создадеме човек според Нашиот образ и подобие како што сме ние“(1Мојс. 1,26). Образот или ликот ни е даден на сите нас. Но, подобието е она нешто, кое сите ние треба да го постигнеме и усовршиме.

Нам христијаните, пак, дадена ни е уште поголема благодат, и тоа најпрво преку светата тајна Крштение, преку која стануваме членови на Црквата Христова, а потоа и преку сите други свети Тајни, преку кои стануваме учесници во Христовиот живот и го стекнуваме Царството Небесно. Доколку ги користиме овие благодети, тогаш патот кон Божјото Царство ни е отворен и небесните врати ни се широко отворени. Тоа го направиле  мудрите девојки, кои навреме си купиле елеј и подготвени Го дочекале Младоженецот. Тие уште од самиот почеток биле украсени со добродетели, секогаш исполнувајќи го законот Божји, а со тоа и законот на Црквата Христова. Но, многумина од нас се и како петте неразумни девојки. Ние често си викаме: има време, уште сум млад, па кога ќе подостарам, тогаш ќе почнам да одам во црква, тогаш ќе почнам да славам, тогаш ќе се покајам и причестувам и тогаш ќе почнам да ги исполнувам Божјите заповеди. Мислејќи дека Младоженецот ќе задоцни, многумина Го дочекуваат неподготвени и заспани. А Господ, нашиот Бог, на сите нас, по нашата смрт, но и на Страшниот суд, ќе ни суди според нашите дела во овој минлив живот.

Во денешната парабола, Царството Небесно е прикажано како свадба. Но, свадба во духовна смисла на зборот. Оние, кои ќе го спечалат Царството Божјо, ќе бидат облечени во свечени духовни облеки и ќе влезат во свадбените одаи, каде Господ ќе ги пречека: „Елате, Благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот; оти гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (Мт. 25, 34-36). Ова се добродетелите, што треба да го красат секој христијанин. Ние, пак, често сме слепи за проблемите и маките на нашите ближни, оставајќи ги сами и не помагајќи им. А не значи дека треба да имаме огромни богатства за да им помагаме на ближните, зашто Царството Божјо може да се заслужи и со една подадена чаша вода.

Секој еден од нас има можност во животот да одбере два пата. Првиот е стрмен и тесен. Тоа е нагорен пат, кој како скала нè води кон Небото. На таа скала има многу препреки, кои преку молитвите и добродетелите, како и застапништвото на светиите, ние можеме да ги победиме и да стигнеме до целта. Другиот пат, пак, е широк и стрмен, исполнет со гревови и страсти и насочен кон долните предели на адот, каде нашите души ќе бидат вечно одделени од Господа.

Преподобната Параскева, чиј спомен денеска го празнуваме, е уште еден пример за тоа како една христијанска душа може Го следи Христа во својот живот и да го заслужи Царството Небесно. Света Петка била родена од богати родители во Епиват. Стоејќи еднаш на молитва во храмот, таа ги слушнала Христовите зборови: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и да оди по Мене“ (Мт. 16, 24). Овие зборови оставиле силен впечаток кај оваа млада христијанска душа. Па откако починале нејзините родители, таа решила да ги исполни овие Христови зборови. Го продала сиот имот и го разделила на сиромасите, а потоа се упатила во Јорданската пустина, каде подвижнички го поминала својот живот. Според житието, пред крајот на нејзиниот живот, и се јавува ангел Господен, кој и кажува дека Божјата волја е таа да се врати во родното место, каде што и ќе го заврши својот живот. Се разбира, дека таа како исполнителка на Божјите заповеди, се враќа во родното место, каде веќе никој не ја познавал. Била сместена во некоја мала куќарка, каде и ќе ја предаде својата душа на Бога. Таа и како туѓинка била погребана, но Господ не оставил, а да не го прослави нејзиниот богоугоден живот. Нејзиното тело било откопано, а откако се утврдило дека тоа е нераспаднато и цело, било пренесено во Цариград, каде било изложено за поклонение. Историјата на пренесувањето на нејзините мошти е долга, но сепак за ова ќе кажеме неколку зборови. Моштите на света Петка едно време престојувале во Белград, на Калемегдан, каде и денес има храм посветен на оваа голема испосничка. Тие престојувале и во Трново, денешна Бугарија, а денеска се наоѓаат во градот Јаши, Романија, на самата граница со Молдавија. Тие почиваат во соборниот храм во овој град, каде неизбројна река од луѓе секојдневно ги посетуваат и бараат нејзино застапништво. Нека не биде за фалба, но ете и ние, пред неколку дена, заедно со неколку свештеници од нашата епархија, како и од другите епархии на Македонската црква, имавме можност да се поклониме на нејзините свети мошти.

И ние, денеска, собрани во овој свет манастир, посветен на преподобната Параскева, да се помолиме таа да биде наша закрилничка и да нè води на патот кон Царството Божјо. И ние да постапуваме како мудрите девојки, онака како што постапувала и живеела и света Петка, за да ја исполнуваме Божјата волја и да ги спасиме нашите души и тела, сега и во сета вечност. Амин!      



Преподобна Параскева
27.10.2014 година
Манастир „Св. Петка“ с. Велгошти, Охрид

Избор: Дебарско- кичевска епархија