• Душата на човекот, како родена христијанка, секогаш тежнее да го пронајде патот кон Вечниот Бог, кон својот Создател. Но, тој пат не е ниту лесен, ниту, пак, самите ние можеме да го пронајдеме.  Спасителниот пат можеме да го пронајдеме единствено како заедница, односно Црква - Тело Христово. А во тоа Тело Христово секој си ја знае (или треба да си ја знае) својата функција и улога. Функцијата на епископите, пак, ја одредил уште Самиот Господ Исус Христос, Кој ги испратил апостолите по светот, за да го проповедаат Царството Небесно.


Секој, барем еднаш во животот, ќе се запраша дали ја исполнил својата задача овде на земјата или не? Дали ја исполнил својата улога во Црквата или не? Некој ќе си одговори потврдно, некој негативно. Но, сведоштвото на другите за нашето учество и придонес во животот на ближните секогаш е поверодостојно од нашиот одговор на ова прашање. Во оваа смисла, Епископот Хераклејски Климент, секретарот на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква  - Охридска архиепископија, ја потврди значајната, односно огромната улога на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во животот на своите паства, кои повеќе од 30 години црпат знаење, вера и пример од поуките на нашиот Митрополит. Презентирајќи го делото Плаошки мироглед, кое претставува збирка од интервјуа, есеи, но пред сè беседи, изговорени од устата на возглавителот на нашата света Епархија, Епископот Климент добро воочи дека главните животни карактеристики на Митрополитот: концизноста, директноста, но пред сè недвосмисленоста, се главните црти и на оваа прекрасна збирка, од која секој може да учи, без разлика на неговата улога и години. Вас секој може да Ве разбере – беа зборовите на промоторот на ова дело. Епископот се задржа и на главната мисла во беседите, која Митрополитот ја доживеал и почувствувал уште пред да стане Епископ на Црквата Христова, а тоа е Божјата волја и енергија, која секогаш нè враќа на вистинскиот пат.

  • Потврда за капиталниот труд на Митрополитот Тимотеј е и изборот на неговата збирка Плаошки мироглед, за оригинално дело, кое ќе ја претставува Македонската православна црква – Охридска архиепископија во изборот на најдобар оригинален труд на Саемот на книга 2014 година.


На овој прекрасен ден (11.04.2014), на Саемот на книга 2014, беше промовирано уште едно издание на издавачката куќа „Канео“ при Дебарско-кичевската епархија – Охрид. Се работи за капиталното дело Евхаристија, чиј автор е архимандритот Кипријан (Керн). Преведувач на книгата е свештеникот Никола Христоски, а промотор беше асистентот по Литургика на Богословскиот факултет во Скопје, м-р Владо Недески. Отец Владо ја истакна значајноста на овој труд, кој претставува збир од предавања на архимандритот Кипријан, одржани во периодот 1937-1947 година. Иако книгата Евхаристија е класичен учебник, таа е интересна, но и суштинска, и за секој еден, кој сака подлабоко да навлезе во историскиот од на Литургијата, но и во нејзиното значење. Отец Кипријан ја става Литургијата на нејзиното вистинско место, во центарот на Црквата, а без учеството во неа - нема живот. Затоа отец Владо топло ја препорача оваа книга на сите кои сакаат повеќе да научат за Тајната над Тајните и повика и во иднина да се издаваат повеќе вакви дела.      

Од името на Епархијата им благодариме на промоторите, како и на учеството на гостите на овие две прекрасни презентации, а особено би сакале да му се заблагодариме на учеството на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Му се заблагодаруваме и на нашиот Митрополит Тимотеј, кој неуморно и активно дава придонес во издавањето на многубројните дела од нашата Епархија, кои се храна и питие за оние, кои непрестајно Го бараат Бога. Се надеваме и посакуваме да има уште многу вакви презентации, а на Митрополитот Тимотеј му посакуваме здравје и поткрепа од Светиот Дух, за да може уште многу години да нè наситува и напојува со духовна храна.

ДА - Вие го исполнивте својот позив. На многаја лета! 

   

 

 

  Извор: Дебарско- кичевска епархија