Photo

 Sample Image

„Да се очистиме, браќа, со царицата на добродетелите (покајанието), зашто, ете, таа дојде, давајќи ни богатства на добра: таа ги лекува раните на страстите и со Господа ги смирува оние што згрешиле; затоа со радост да ја примиме, викајќи кон Христа Бога: Ти, Кој воскресна од мртвите, неосудени запази нè, нас кои Те славиме Тебе, единствениот безгрешен“

 (хвалитна стихира на Недела Месопусна).

Photo

Во третата подготвителна недела пред Великиот Пост, наречена Месопусна недела, Митрополитот Повардарски г. Агатангел отслужи Света Божествена Литургија во Серменинскиот манастир „Св. Илија“. На Литургијата сослужуваа јеромонахот Атанасиј, јеромонахот Паисиј и ѓаконот Васли Ристовски. Со благослов на Митрополитот Агатангел, пред присутните верници се обрати јеромонахот Атанасиј зборувајќи за Светата Тајна – Причест, односно за значењето на подготовката пред примањето на Светите Дарови и соединувањето со Господ Бог, Исус Христос.

Месопусна недела (наречена уште и „Недела на Страшниот Суд“) се нарекува „месопусна“ бидејќи после неа, за време на сите денови кои следат (до Пасха) Црквата пропишала ограничен пост – воздржување од месо. Оваа недела е третата подготвителна недела од Посниот Триод, литургиска книга која се користи за службите во Великиот Пост. Неделата на Страшниот Суд следи по Неделата на блудниот син, а пред Прочка.
 Photo