Тропар на преносот
на моштите на светиот
Христов архиепископ
Атанасиј Велики
2 мај / 15 мај

Велик си ти Атанасие слуго на Бога Живиот,
исповедниче на православието,
учителу на верата која спасува,
преку тебе Духот Свети вселената ја поучи,
преку тебе учиме да разликуваме духови.
По неговите свети молитви,
Господи Исусе Христе, Сине Божји,
помилуј нѐ и спаси нѐ.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот цар Борис,
во монаштво Михаил
2мај / 15мај

глас 4
Денес го празнуваме споменот на
благоверниот кнез Борис
и го прославуваме претставувањето
на преподобниот Михаил во монасите,
осенети со неговото благодатно застапништво,
умилно вознесуваме молитви кон него:
покри не со покровот на твоето застапништво
 и избави ги твоите луѓе од секое зло,
молејќи го Христа Бога,
Кого си Го возљубил со сета душа,
да ги спаси душите,
 кои тебе, оче, верно те почитуваат!



 
Извор МПЦ - ОА

 Тропар на светите маченици
Борис и Глеб
наречени во светото крштение
Роман и Давид
2мај /15 мај
глас 8
Денес секоја душа на верните се весели,
при пренесувањето на чесните ваши мошти,
Борисе и Глебе: слепи прогледуваат,
неми усти се одврзуваат, и неволните се утешуваат:
бидејќи примивте од Христа Бога исцелителна благодат,
молете се за нашите души!


 
Извор МПЦ-ОА

 

 Тропар на светите
Христови маченици
Еспер, Зоја, Кириак и Теодул
2 мај / 15 мај

Кириак и Теодул свети, како млади изданки
напоени со благодат која ги ороси главите нивни,
ја пробудија верата во Зоја мајка им благочестива
и Еспера кој слобода само во Христа бараше,
па сите заедно во Тебе Господи маченички засветлија, останувајќи недопрени од овој свет.
По нивните молитви Спасе, спаси ги нашите души.
 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (15.05.2020)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово

Од Верскиот календар:

Светите маченици Еспер, Зоја, Киријак и Теодул

Во времето на царот Адријан (117 г. – 138 г.) незнабожецот Катал ги купи како робови овој Еспер, жена му Зоја и нивните синови Киријак и Теодул. Бидејќи беа убедени христијани, никако не сакаа да вкусат од идолските жртви, а она што им се даваше од нив за да го јадат им го фрлаа на кучињата, додека самите гладуваа и трпеа. Кога дозна за ова Катал се разгневи и почна тешко да ги измачува овие свои робови. Најнапред ги мачеше децата, но децата останаа непоколебливи во верата, па дури и бараа од мачителот потешки маки. Најпосле сите четворица ги фрли во огнена печка, во која вознесоа благодарствена молитва и Му го предадоа духот на Господ. Нивните тела останаа цели и неподгорени од огнот.

Свети Атанасиј Велики, архиепископ Александриски

На денешен ден се празнува преносот на неговите мошти и чудата произлезени од нив. А животот и подвигот на овој светител се опишани под 18 јануари: Роден во Александрија 296 година. Од детството наклонет кон духовниот призив. Беше ѓакон кај архиепископот Александар и го придружуваше својот архиепископ на Првиот Вселенски Собор во Никеја. На овој Собор многу се прослави со неговата ученост, благочестие и ревност за Православието. Многу придонесе за побивањето на Ариевата ерес и за утврдувањето на Православието. Го напиша Симболот на Верата кој на Соборот беше усвоен. По смртта на Александар, Св. Атанасиј беше избран за архиепископ Александриски. Во архиепископскиот чин остана над четириесет години, иако не беше цело време на архиепископскиот престол. Речиси сиот живот беше гонет од еретиците. Од царевите најмногу го гонеа: Констанциј, Јулијан и Валент; од епископите Евсевиј Никомидиски со уште мнозина други; а од еретиците Ариј и неговите следбеници. Беше принуден да се крие од гонителите дури и во бунар, во гроб, по приватни куќи, по пустини. На двапати бегаше во Рим. Дури пред смртта едно време проживеа мирно како добар пастир сред своето стадо, коешто вистински го љубеше. Мал е бројот на светителите што се толку клеветени и толку злосторнички гонети како Св. Атанасиј. Но неговата голема душа најпосле излезе победоносна од сета таа долготрајна и страшна борба. За совет, утеха и морална потпора често одеше кај Свети Антониј, кого го почитуваше како свој духовен отец. Човекот којшто ја формулираше најголемата вистина мораше и да пострада за таа вистина, додека Господ не го упокои во Своето Царство овој Свој верен раб, во 373 година.

Светите маченици Борис и Глеб

Синови на великиот кнез Владимир, којшто го покрсти рускиот народ. До Крштението Владимир имаше многу жени и деца од нив. Борис и Глеб беа браќа од една мајка. Пред смртта Владимир им ја раздели државата на сите свои синови. Но најстариот син, Свјатополк, кнез Киевски, посака да ги земе и деловите што им припаднаа на Борис и Глеб. Затоа испрати луѓе, па на едно место го уби Борис, а на друго Глеб. Овие давјца браќа беа необично побожни и во сѐ богоугодни и ја сретнаа смртта со молитва и со срце воздигнато кон Бога. Нивните тела останаа нетлени и благоухани и беа погребани во Вишгород, каде што до денес од нив исходи благодатна сила, исцелителна за маките и болестите кај луѓето.