Тропар на свети Игнатиј Богоносец
30 април/ 13 мај
глас 8
Поборнику на Православието,
на покајанието и на молитвата
 сигурен учителу и делатнику,
на архиереите боговдахновен украсу,
славо и пофалбо на оние кои монахувааат,
со твоите пишувања сите
нé оцеломудри.
Флејто духовна, Игнатие Богумудре,
моли го Христа Бога Словото,
Кого си го носел во срцето твое,
да ни подари пред крајот покајание.

 
 Извор МПЦ-ОА

 

Тропар на светата
Христова новомаченица
Аргира
30 април / 13 мај

Долг беше патот твој кон небесата, Аргиро света,
за нас кои не го познавме трпението твое,
но утеха ни стана ревноста храбра,
која ја покажа од зандана во зандана поведена,
која за тебе постана награда по награда нанижана,
закрепена со надеж во Бога,
за нас моли се маченичке света,
да се ослободиме од оковите на гревот.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на преподобниот
Христов епископ
Донат
30 април / 13 мај

Верата твоја свети Донате засилена
со молитвеното подвижништво,
благодатта во сила чудотворна ја претвори
и од Бога измоли пустини да станат водни извори
и мртва твар да проговори,
по твоите свети молитви да се оживи.
И сега свет Божји човеку измоли од Бога вода жива
која ќе ги очисти нашите срца обременети
и нѐ приведе кон спасение.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светиот
Христов апостол
Јаков Заведеев
30 април / 13 мај

Радоста твоја и жедтта по Христа Господа,
те поведе свети Јакове
по маченичките скалила,
каде Љубовта апостоле те прими во својата градина.
Радувај се ти кој чашата до крај ја испи,
и за нас моли се кој Христа
на земјата го следеше,
а Он на Небесата престол ти подигна.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче 

 

Тропар на преподобниот отец
Климент химнограф
30 април / 13 мај

Твоите љубови при Бога принесени,
за нас станаа дарови кои
устите наши кон Небесата ги подигнуваат,
о Клименте достојнославен исповеднику,
кој срцата со молитвословие ни ги загреа,
и молитвени песнопеења кон умот прилепи.
Радувај се ти чие име небото го знае,
и за нас моли се секогаш присутен оче.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (13.05.2020)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020лето Господово

Од Верскиот календар:

Светиот апостол Јаков

Син на Заведеј, брат на Јован, еден од Дванаесеттемина. Кога Господ Исус ги повика, тој и брат му Јован ги оставија рибарските мрежи и својот татко и веднаш тргнаа по Него. Спаѓа меѓу оние тројца апостоли на коишто Господ им ги откриваше најголемите тајни, пред кои се преобрази на Тавор и пред коишто тагуваше во Гетсиманската градина пред да пострада. Откако Го прими Светиот Дух, Св. Јаков по разни краишта го проповедаше Евангелието и отиде дури до Шпанија. Кога се врати оттаму со него почнаа да се препираат за Светото Писмо Евреите. Бидејќи никако не можеа да му одолеат, најмија еден маѓесник Хермоген. Но Хермоген и неговиот ученик Филип обајцата беа победени од силата на Вистината што ја проповедаше апостолот и откако беа поразени се крстија. Тогаш Евреите го обвинија кај Ирод и го наговорија некој Јосија да клевети на апостолот. Овој Јосија го виде мажественото држење на Светиот апостол и штом ја слушна јасната проповед за Вистината, се покаја и поверува во Христа. Кога го осудија на смрт Јаков, го осудија и Јосија. Тој го молеше апостолот да му го прости гревот на клевета. А Јаков го прегрна, го целива и му рече: „Мир на тебе и прошка!“ И обајцата ги наведнаа главите под мечот и беа убиени за Господ Кого Го возљубија. Свети Јаков пострада во 45 година во Ерусалим. Неговото тело беше однесено во Шпанија, а на неговиот гроб и денес се случуваат чудесни исцеленија.

Свети Донат

Епископ во Еврија Албанска. Бог му даде голема благодат на чудотоврство, па правеше многу чуда корисни за луѓето. Така претвори горчлива вода во пивка, низведе дожд во сушно време; ја исцели од лудило царската ќерка, воскресна мртовец. Овој мртовец му го имаше исплатено долгот на својот заемодавец, но бидејќи несовесен заемодавецот сакаше уште еднаш да си го наплати долгот и го бараше од вдовицата на покојниот. Вдовицата плачеше и му се жалеше на епископот. Свети Донат го опомена заемодавецот да почека да го погребаат човекот пред да поразговарат за ова. Но заемодавецот настојуваше со жестокост. Тогаш Свети Донат му пристапи на мртовецот, го фати и му викна: „Стани, брате, и види што имаш со твојот заемодавец!“ Мртовецот се крена и со грозен поглед го погледна својот заемодавец, па му кажа каде и кога му го платил долгот. И плус тој ја побара од овој заемодавец својата писмена обврзница. Исплашен заемодавецот му ја врачи неговата хартија, мртовецот ја искина и повторно легна и се упокои. Свети Донат мирно се упокои во длабока старост и отиде кај Господ во 387 година. Неговите мошти почиваат во Еврија во Албанија.

Светата маченичка Аргира

Оваа Христова маченичка е родена во Бруса, од благочестиви родители. Штотуку се омажи за еден христијанин, во неа се загледа еден Турчин од соседството, па ја повикуваше на грев со него. Христољубивата Аргира ги одбиваше нечистите предлози на Турчинот. Но овој се разбесни и ја обвини на судот дека божем сакала да прими ислам, па се откажала. Од судија до судија, од затвор до затвор, Света Аргира помина цели петнаесет години страдајќи за Христа. Зашто Го љубеше Господ над сѐ. Најпосле се упокои во затворот во Цариград во 1725 година.