Тропар на светите
Христови девет маченици во
Кизик
29 април / 12 мај

Непоколебливи во верата света како гората Сион,
огнена ревност имајќи како Илија,
вие свети девет маченици словото Божјо до крај го запазивте,
молете се за нас сега претстојувајќи пред престолот Божји,
затоа што слобода имате пред Оној Кој вашите мошти,
ги покажа нетлени и преку нив мноштво
чудеса сотвори.

Теогниј, Руф, Антипатар, Теостих, Артем, Магна, Теодот, Тавмасиј и Филимон

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слеп

 

Тропар на светиот
Христов епископ
Јован Калоктенис
29 април / 12 мај

Добрината Господова се изли на твоите рамења,
Јоване оче наш свети, и милоста
одозгора ги поддржуваше сите твои дела,
кои народот гледајќи ги Бога Го прославуваше,
Кој достоен пастир те покажа,
и молитвен извор непресушен
за сите кои при тебе приоѓаат.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на преподобниот отец
Мемнон чудотворец
29 април / 12 мај

Помислите погубни како скакулци од силен
ветер беа однесени од секој кој твоето
име го призва о Мемноне Божји угодниче.
Благодатта која во тебе делуваше
славата Господова преку чудотворства
ја прикажуваше затоа поитај од Христа
да испросиш за нас милост голема.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
новомаченик Христов
Станко овчарче
29 април / 12 мај

Децата кон Тебе поитаа Господи,
децата храброст мажествена покажаа
и едно од нив: Станко – раце подаде кон Тебе
и така остана за да посведочи при која Светлина тргна.
Заради нетлената награда
и верата негова сочувана: застапи, спаси
и помилуј Христе, во сите векови.



 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (12.05.2020)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Свети Василиј Острошки

Родум од Попово Село во Херцеговина, од родители прости но благочестиви. Од малечок беше исполнет со љубов кон Божјата Црква, а кога порасна отиде во требињскиот манастир на Успение на Пресвета Богородица и прими монашки чин. Набрзо се прочу со својот сериозен и редок подвижнички живот, зашто себеси си налагаше подвиг врз подвиг, сѐ потежок и потежок. Подоцна го посветија за епископ Захумски и скендериски, наспроти неговата волја. Како архиереј прво живееше во манастирот Тврдош и оттаму како добар пастир го утврдуваше своето стадо во православната вера, чувајќи го од турската свирепост и од латинското лукавство. А кога непријателите многу го притеснија, а Турците го разорија Тврдош, се пресели во Острог, каде што тврдо се подвизуваше, оградувајќи го своето стадо со непрестајни молитви. Се упокои мирно во Господ во 16 век. Неговите мошти останааа цели и целебни, нераспадливи и чудотворни до денешен ден. Чудата на гробот на Св. Василиј се безбројни. Кон неговите мошти притекнуваат и христијаните и муслиманите и наоѓаат исцеленија во најтешките маки и болести. Секоја година на Педесетница во Острог станува голем народен собир.

sv.mc.Kizik.jpg 

Светите девет маченици во Кизик

Овие деветмина храбри маченици во кои гореше љубовта Христова не сакаа да им принесат жртви на идолите ниту да се одречат од Господ Христос, заради што беа луто мачени и најпосле убиени со меч. Во времето на царот Константин во Кизик беше изграден храм во чест на овие маченици, а таму ги положија и нивните нетлени мошти. Нивните имиња се: Теогниј, Руф, Антипатар, Теостих, Артем, Магн, Теодот, Тавмасиј и Филимон. Презреа сѐ минливо заради вечното. Затоа Господ ги воведе во Своите вечни обители и им даде венци на непропадлива слава. Чесно пострадаа и се прославија во 3 век.

Преподобен Мемнон Чудотворец

Се предаде на пост и молитва од младоста. Толку го очисти своето срце што стана живеалиште на Светиот Дух. Ги исцелуваше неисцелливите болни и правеше многубројни други чуда. Се јавуваше и во морски бури и ги спасуваше бродовите од пропаст. Мирно се упокои во Господ во 2 век и се пресели во Неговите небесни дворци.