Тропар на преподобниот отец
Теодор Сикеот
Анастасиополски
22 април / 5 мај

Светлината тивка те збогати со дарови
неискажливи во слава Нејзина,
за да се излеваат преку тебе свети Теодоре над родот човечки, и како чудотворец пред  нашите очи те претстави,
кој брзо нашите молби пред Господа ги принесува.
Радувај се ти кој заштитен од плаштот
на великиот Георгија, угодник на Пресветата,
Христос со благодатна плаштаница те обви,
и за нас моли се пред Преблагиот Владика.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар
на преподобниот отец
Виталиј монах
22 април / 5 мај

Блажен си ти Виталие, кој благослов
Божји за подвиг бестелесен измоли
и благословен е Господ
Кој тоа од острастените не го сокри,
 за да остане судот при Христа Бога,
во Кого е милоста голема:
а смирението и трпението
нека бидат лек за телесните
по твоите свети молитви, о црнорисче.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (05.05.2023)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Преподобен Теодор Сикеот

Место на неговото раѓање е селото Сикеа, заради што го нарекоа Сикеот. Уште како десетгодишно момче се предаваше на тврд пост и сеноќна молитва, по примерот на некој старец Стефан, којшто живееше во неговиот дом. Неговата мајка Марија беше богата вдовица и сакаше својот син да го посвети на воената служба. Но во сон ѝ се јави Св. Георгиј и ја извести дека Теодор Му е наменет на служба не на земниот туку на небесниот Цар. Св. Георгиј многупати му се јавуваше и на самиот Теодор или за да го поучи или за да го спаси од некоја опасност во којашто би западнал од злобните демони. Имаше и неколку виденија на Пресвета Богородица. Неговиот подвиг со суровоста ги надминуваше подвизите на сите живи подвижници на неговото време. Телото си го измачуваше со жед и глад и со железни вериги и сеноќно стоење на молитва. Сѐ само за да ја врзе душата со љубовта кон Бога и да ја направи господарка над телото. На неговата љубов милостивиот Господ одговори со љубов. Му подари голема моќ над нечистите духови и над сите болести и маки човечки. На сите страни се прочу како чудотворен исцелител. Заради големата чистота и духовност и покрај неговата волја беше избран за епископ Анастасиополски. На епископската служба помина единаесет години, а потоа Го измоли Бога да го ослободи од таа служба за повторно да му се посвети на својот омилен подвиг. Потоа се врати во својот манастир, каде што на старост Му ја предаде својата душа на Господ заради Кого драговолно многу страдаше. Се упокои во почетокот на царувањето на царот Ираклиј, околу 613 година.

 

Преподобниот монах Виталиј

Во времето на патријархот Јован Милостив се појави еден млад монах којшто штом дојде состави список на сите блудници во Александрија. Дење се грабаше да ги работи најтешките работи, а ноќе одеше во домовите на блудниците, ги даваше парите на некоја блудница и со неа ќе се затвореше в соба цела ноќ. Штом ќе се затвореа Виталиј ќе ја замолеше жената таа да легне да спие, а тој во аголот на собата цела ноќ ќе ја поминеше молејќи се на Бога за таа грешница. Така ќе ја сочуваше да не греши барем една ноќ. Наредната ноќ ќе отидеше кај друга, третата кај трета и така сѐ дури не ги изредеше сите, а потоа почнуваше од почеток. По неговите совети многу од овие жени го оставија својот валкан занает и едните се омажија, други отидоа во манастир, трети тргнаа да работат чесно за својот леб. На сите овие жени Виталиј им забрануваше да објавуваат зошто оди кај нив. Заради ова тој стана соблазна за цела Александрија. Луѓето на улица го навредуваа, го плукаа, а и го тепаа. Но тој трпеливо поднесуваше сѐ, покажувајќи ја својата добродетел пред Бога, а криејќи ја од луѓето. За него се дозна дури кога умре. На неговиот гроб почнаа да се случуваат многу чудесни исцеленија; народот од разни страни почна да ги донесува своите болни на гробот на Свети Виталиј. Плукан од луѓето, придоби слава од Бога од Кого ништо не е сокриено.