Тропар на преподобниот
отец Теодор Трихин
20 април / 3 мај
Чезнеејќи по живот вечен, зборовите на Спасителот
ги исползува О, Теодоре оче преподобен,
не само од леб, туку и од секој збор кој излегува
од устата Господова – беше словото кое на подвиг
ангелски те поттикна, тебе кому костретот
ти беше мека облека, моли се за нас, О, голем
чудотворче чии мошти миомирисни денес ја
сведочат милоста Господова.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на преподобниот отец
Анастасиј Синајски
20 април / 3 мај
Мудроста ти стана ѕвезда водителка
која секоја кривина ја исправува,
и така излечен Христос за пастир те постави
во славната гора Синајска,
раководител да бидеш и исповедник на Словото кое спасува.
Закрили нé со твоите молитви при Бога принесени,
оче свети, од секоја напаст демонска.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
Тропар на блажениот отец
Анастасиј Синаит
Антиохиски патријарх
20 април / 3 мај
Благословот твој свети оче Анастасие
од Господа простување и благодат призива,
која во Црквата Негова на две крила се принесува:
Господа возљуби Го и ближниот како себеси.
Радувај се пастиру блажен и за нас моли се,
и понатаму Љубовта да пристигнува на главите
кои во овој свет пребиваат.
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче
ТРОПАР
Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.
Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.
Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.
Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.
ПреминПортал
2024 лето Господово
Од Верскиот календар:
Преподобен Теодор Трихина
Цариграѓанин и син на богати родители. Како млад ги остави родителите, домот и богатството и се насели во еден пустински манастир во Тракија. Таму се предаде себеси на најтешки подвизи. Спиеше на камења - за да има помалку сон - постојано одеше гологлав и се облекуваше во една наметка од кострет, заради што и го нарекоа „трихин“ што значи „кострет“. Заради ова големо самоизмачување за спасението на душата, Бог му подари голем дар на чудотоврство и за време на животот и после смртта. Се упокои мирно околу 400 година. Телото му се покажа мироточиво.
Преподобен Анастасиј Синајски
Игумен на Синајската Гора. Долго време беше монах кај славниот игумен Св. Јован Лествичник, а по неговата смрт самиот стана игумен. Освен тоа што беше голем подвижник, беше и благоглаголлив писател на житија на Светиите, а и на други поучни списи. Водеше жестока борба против т.н. еретици акефалити (безглавници), коишто го одрекуваа Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон. Се упокои во длабока старост во 685 година.
Блажениот Анастасиј Синаит
патријарх Антиохиски
Беше монах на Синасјката Гора кога го избраа за антиохиски патријарх во времето на царот Јустинијан. На таа положба го воздигна неговата добродетел, чистотата на животот, големата духовна ученост и тврдата вера. Но царот Јустинијан падна во докетската ерес, против којашто остро станаа цариградскиот патријарх Евтихиј и овој блажен Анастасиј. Царот го прогони Евтихиј, а сакаше да го гони и Анастасиј, но не можеше да му најде никаква замерка на животот. Пред смртта царот Јустинијан се покаја и го врати на престолот патријархот Евтихиј, но неговиот наследник Јуст врз основа на некои клевети го прогони Анастасиј. Помина во прогонство дваесет и три години, а во времето на царот Маврикиј повторно го вратија на престолот. Управуваше со Црквата Божја уште шест години и својот земен пат го заврши во 599 година.
Блажениот Григориј
патријарх Антиохиски
По народност Ерменин. Игумен на манастирот Фаран под Синајската Гора. Кога блажениот Анастасиј беше протеран од престолот, Григориј и покрај неговата волја беше поставен за патријарх антиохиски. Многу пофално за него пишува и блажениот патријарх Софрониј во својот Лемонар. Се одликуваше со особено милосрдие, особено кон грешниците. Се упокои во Господ во 593 година.