Aleksandar.N.sv.Haralampij 

Тропар на светиот
Христов исповедник
Георгиј Митиленски митрополит
7 април / 20 април

Исповедниче Христов Георгие,
јагне смирено, напоено од изворот на бесмртноста,
зборовите твои за верните беа ѕвезда водилка кон Бога,
а за противниците меч кој засекува,
излегувајќи од устата на Божјиот слуга.
Моли се за нас ти кој си пофалба на Митилена,
под твојот омофор да бидеме
ослободени од гревовите.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов маченик Калиопиј

Помпеополски
7 април / 20 април


Доброто семе Христово, го посеа во срцето твое о Калиопо
мајката твоја богољубива, а Господ Кој направи да изникне
го залеа со благодат неизмерна, приведувајќи те кон вистината
која ти маченички ја исповеда. Со венец нетрулежен се закити,
со чии цветови неброени и денес го засладуваш соленото море на овој живот,
на секој кој кон тебе припаѓа, и Бога по твоите молитви Го прославува.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 Aleksandar.N.sv.Haralampij

Тропар на светиот
преподобен отец
Нил Сорски
7 април / 20 април

Пастироначалниче на скитското подвижништво
во степите руски непроодни,
Ниле ученику Христов облагодатен,
денес и во веки Бога преку тебе Го прославуваме,
и твоите подвизи ги величаме,
кои запишани на хартија
и во срца подвижнички,
небесата ја повикуваат, да по твоите молитви
во спасение приведат мнозина кои Бога го љубат.

Aleksandar.N.sv.Haralampij

 


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (20.04.2024)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

 

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

Свети Георгиј Исповедник

Заради големата добродетел што ја стекна со долготраен подвиг, Георгиј беше избран за митрополит митиленски. И светителот управуваше со словесното стадо ревносно и мудро до својата старост. Но кога настана гонењето под Лав Ерменин, којшто ги ништеше Светите икони, овој свет старец беше повикан од царот во Цариград на собор на епископи којшто требаше, според желбата на царот, да го уништи иконопочитувањето. Но Георгиј не само што не направи според желбата на злобниот цар туку со некои храбри епископи стана во заштита на Светите икони. За ова беше исмеан и од царот протеран во пределите на Херсон, каде што во телесна беда и секаква неволја го помина остатокот од својот земен живот. Се упокои и се пресели во Царството на бесмртноста околу 816 година. Заради својата голема праведност и љубов кон Господ Исус, беше чудотворец за време на животот и после смртта.

Преподобен Нил Сорски

Еден од големите отци на Руската Црква. Основач на скитскиот монашки живот во Русија. Се упокои мирно во 1508 година. Моштите му почиваат во Сорскиот манастир. Неговиот Устав на скитскиот живот претставува првокласно духовно и практично дело.

Светиот маченик Калиопиј

Единец син, измолен од Бога, на некој сенатор од Перга Памфилиска. Неговата благочестива мајка Теоклија го научи на богопочитување и на благочестив живот уште во раната младост. Кога Калиопиј беше уште момче, настана страшно гонење на христијаните под царот Максимијан. За да го спаси од смртта мајка му го качи на кораб, му даде доволно пари и го испрати во Помпеопол. Но Божјата Промисла устрои поинаку. Кога се симна во Помпеопол Калиопиј западна сред една бурна незнабожечка свеченост. Кога на навалувањето на залудената толпа не сакаше да земе учество во незнабожечкиот празник, го истуркаа пред војводата Максим, на кого тој му исповеда дека е христијанин. Војводата нареди и го биеја со оловни стапови и го печеа на оган, па најпосле ранет го фрлија во затвор. Кога слушна за мачењето на нејзиниот син, мајка му Теоклија им го раздаде имотот на сиромашните и со малку пари побрза во затворот кај него. Најпосле војводата ја изрече конечната пресуда за Калиопиј да биде распнат на крст. Кога го поведоа син ѝ на губилиште, Теоклија им дотури на џелатите пет златници за да го распнат нејзиниот син не како Господ туку наопаку. Ова го направи од смирение пред Господ. Калиопиј беше распнат на Велики Четврток, а мајка му стоеше под крстот благодарејќи Му на Бога. Кога другиот ден мртов го симнаа од крстот, таа падна врз него и издивна и самата. Така излегоа обајцата пред престолот на Царот на славата. Чесно пострадаа во 304 година.