ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

 Тропар на светите
Христови 40 великомаченици
во Севастија
9 март / 22 март

Небесни ѕвезди, маченици свети,
во Бога верувавте, Христа го исповедавте
од Духот Свет не отстапивте,
затоа ете од Пресветата Живототворна Троица,
прославени сте,
примете и од нас пофалба, слава и чест
и молете се за наше спасение о, вие
горостаси на верата Христова.


 

Откако ќе се испее тропарот се читаат имињата на 40 те маченици:
Свети : Кирион, Кандид, Домн, Исихиј, Ираклиј, Смарагд, Евноик, Валент, Вивијан, Клавдиј, Приск, Теодул, Евтихиј, Јован, Ксантиј, Илијан, Сисиниј, Агиј, Аециј, Флавиј, Акакиј, Екдит, Лисимах, Александар, Илија, Горгониј, Теофил, Дометијан, Гај, Леонтиј,  Атанасиј, Кирил, Сакердон, Николај, Валериј, Филоктимон, Северијан, Худион, Мелитон и Аглај.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на
светиот Христов маченик
Урпасијан
9 март / 22 март

Очите твои Урпасијане го видоа спасението
кое при тебе слегуваше одозгора,
а ти не само душата за Бога ја обручи,
туку и телото го слече пред светот,
за во ново од Христа приготвено
да се облечеш во Царството Небесно.
Спомни си за нас сега страдалниче свети,
од Небесните одаи каде ликуваш со сите светии.


Тропар на светите четириесет Битолски преподобномаченици
9 март / 22 март

На Битола благоуханите цветови,
и сопричесници на мачениците Христови,
 светите четириесет,од душа да ги чествуваме.
 Зашто тие, возвестувајќи ја православната вера,
мракоподобната агарјанска заблуда ја изобличија
 и поради отсечените божествени глави,
од раскошот на Рајот се насладуваат.

 
Извор МПЦ-ОА

 
 

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (22.03.2020)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово

Од Верскиот календар:

  markov.sv.Zlata1.jpg

Светите четириесет маченици во Севастија

Сите овие беа војници во римската војска, но тврдо веруваа во Господ Исус. Кога настана гонење во времето на Ликиниј, ги изведоа на суд пред војводата, а тој им се закани дека ќе им ја одземе војничката чест. На ова еден од нив, Свети Кандид, одговори: „Не само војничката чест туку и телата земи ни ги; нам не ни е ништо помило и почесно од нашиот Бог Христос“. По ова војводата им нареди на слугите да ги каменуваат овие светии. Но кога слугите фрлаа по нив камења, камењата се враќаа сами и паѓаа врз тие што ги фрлаа, па луто ги изудираа. Еден камен му падна на војводата в лице и му ги скрши забите. Мачителите, лути како ѕверови, ги врзаа светиите и ги фрлија во тамошното езеро и поставија наоколу стражари за ниеден да не излезе од водата. Имаше силен мраз, езерото мрзнеше околу телата на мачениците. За да бидат маките посилни, мачителите загрејаа и осветлија бања покрај езерото близу до страдалците, за тие гледајќи ја некако да се подлажат и да се одречат од Христа, а да ги признаат римските идоли. И навистина, еден се опрелести, излезе од водата и влезе во топлата бања. Но ноќта падна една необична светлина од небото, па ја загреа водата во езерото и телата на мачениците, а со оваа светлина од небото се спуштија триесет и девет венци врз нивните глави. Ова го виде еден од стражарите на брегот, па се соблече, го исповеда името на Господ Исус Христос и влезе во езерото за самиот да се удостои со четириесеттиот венец на предавникот. Врз него навистина слезе тој последен венец. Утредента сиот град се изненади кога ги виде мачениците живи. Тогаш злобните судии наредија и ги претепаа, а телата им ги фрлија во водата за да не ги земат христијаните. На третиот ден Светите маченици му се јавија на тамошниот епископ Петар и го повикаа да ги собере од водата и да ги извади нивните мошти. Епископот излезе ноќе по темнина заедно со својот клир и по водата видоа како светат моштите на мачениците. И секоја коска што беше одвоена од нивните тела исплива на површината и светеше како свеќа. Ги погребаа чесно. Нивните души отидоа кај Господ Исус, намачен за сите нас и воскреснат со слава. Чесно пострадаа и стекнаа непропадлива слава во 320 година.