ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на светите
42 Аморејски Христови
маченици
6 март / 19 март

Свеќници пред престолот Божји,
запалени за спасение на родот човечки,
исповедници на вистината пред суетата човечка,
Аморејски свети маченици,
верата ваша ги надмина времињата
и по вашите свети молитви
послужи за спасение на многумина.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на
 преподобните отци
Аркадиј и Теосевиј
Кипарски
6 март / 19 март

Благочестивоста на вашите родители,
о Аркадие и Теосевие, Господ ја награди
со светлина која вас ве умудри,
и смиреност ви придодаде, пастири да бидете
на стадото Кипарско, а гласот на Богомудрието
Господа да Го прослави по целата вселена.
Молете се, молете се отци свети, и ние по вашите
молитви да бидеме помилувани.

 


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов преподобномаченик
Конон и неговиот син Конон
6 март / 19 март

Господи Боже наш Кого морето го послуша,
а благодат подари на Конона,
и реки се повратија, ветришта стивнаа,
се посрами сета хорда непријателска.
Сега Спасителу послушај ја молитвата
на оној кој заедно со својот син
пред Тебе припадна – смири ја црквата своја,
превознесувањето на гордите симни го во правот на покајанието,
и нас помилуј нѐ по нивните свети молитви.

 

 

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Православен календар за 19/03/2024

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Светите Четириесет и двајца маченици од Амореја

Сите беа војводи на византискиот цар Теофил. Кога царот Теофил ја изгуби битката со Сарацените околу градот Амореја, Сарацените го зазедоа градот, заробија многумина христијани, меѓу кои и овие војводи. Останатите христијани или ги убија или ги продадоа во ропство, а војводите ги фрлија во затвор, каде прележаа седум години. Повеќепати доаѓаа муслиманските првенци и ги советуваа да ја примат мухамеданската вера, но војводите не сакаа ни да чујат. Кога Сарацените им велеа дека Мухамед е вистински пророк а не Христос, војводите ги запрашаа: „Ако двајца се препираат за една нива, па едниот рече моја е, а другиот не, туку моја е, а притоа едниот од нив има многубројни сведоци, другиот пак нема ниту еден освен себеси, што би рекле вие, чија е онаа нива?“ Сарацените одговорија: „Навистина, на оној којшто има многубројни сведоци“. „Право пресудивте“, им одговорија војводите. „Така е и со Христос и Мухамед. Христос има многубројни сведоци - старите Пророци, коишто и вие ги признавате, а тие сите од Мојсеј до Јован Предвесник сведочат за Него, а Мухамед самиот за себе сведочи дека е пророк и нема ниту еден сведок“. Сарацените се засрамија, но повторно се обидоа да ја бранат својата вера на овој начин: „Дека нашата вера е подобра од христијанската се гледа по тоа што Бог нам ни даде победа над вас и ни ги даде најдобрите земји во светот и царство многу поголемо до христијанското“. На тоа војводите одговорија: „Кога би било така тогаш и египетското и вавилонското и елинското и римското идолопоклонство би биле вистинити вери, зашто во различни времиња секој од овие народи ги победуваше останатите и владееше над нив. Очигледно е дека вашата победа и силата и богатството не ја докажуваат вистинитоста на вашата вера. А ние знаеме дека Бог некогаш им дава победа на христијаните, а некогаш допушта над нив маки и страдања за да ги исправи и приведе кон покајание и очистување од гревовите“. После седум години, во 845 година, војводите завршија со смрт под меч. Нивните тела ги фрлија во реката Еуфрат, но испливаа на другиот брег, каде што христијаните ги зедоа и чесно ги погребаа.

 

Светите маченици Конон таткото и Конон синот

Таткото беше веќе старец, а синот момче на седумнаесет години. Во времето на Дометијан за верата во Христа нив ги истругаа со бичкија и тогаш се прославија среде земната и небесната Црква. Чесно пострадаа во 275 година.