ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

 Тропар на светата
Христова маченичка Агатија
5 февруари / 18 февруари

3.angeli.so.truba

Господе Боже наш,
како јагне поведено на колење за наше искупување,
послушај ги молитвите на Твоето јагне Агатија,
и заради нејзината жртва пред тебе поставена,
смилувај се над нашите прегрешенија,
а таа прославена на небото и на земјата
нека биде наша застапничка во вечни векови.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светата
Христова маченичка
Теодула
5 февруари / 18 февруари

3.angeli.so.truba

Славејќи ја победата на животот над смртта,
блажена маченичке Теодуло,
ја разруши гордоста демонска,
и сите нé поучи да се надеваме на Бога.
Денес утврдени од радоста твоја во Христа,
те молиме твоите молитви да ни бидат сопатници,
на патот до Небесното Царство.


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на чудотворната икона
,, Спасителка на оние кои пропаѓаат“
5 февруари /18 февруари

7глас
Радувај се, благодатна Богородице Дево,
 бидејќи го носеше во својата прегратка Младенецот и Бог.
Замоли го да подари на светот спокојство,
 а на нашите души спасение.
Синот  Тебе, Мајко ти се јавува
 и сите твои молби на добро ги исполнува.
 Поради тоа и ние се поклонуваме,
те молиме, се надеваме во Тебе
и Твоето Име го повикуваме за да не пропаднеме,
 бидејќи Ти си Владичице,
подигнување на оние кои пропаѓаат.


 

Извор МПЦ - ОА 

 

Тропар на светиот
Теодосиј Черниговски
5февруари/18 февруари

глас 4
Прекрасен во архиереите, светителу Теодосие,
 си бил светило на твоето стадо.
Претставувајќи се во вечните обители,
 измоли пред Престолот на Царот  на Славата
 да се избавиме од злото што доаѓа на нас
и да ги спаси, свети, душите наши, по твоите молитви.


 Извор МПЦ – ОА

 

 
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Православен календар за 18/02/2024

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2024 лето Господово

Од Верскиот календар:

 Светата маченичка Агатија

sv.Agatija.jpg

Оваа славна девица и маченичка за Христа има потекло од сицилијанскиот град Палермо, од благородни и имотни родители. Кога царот Декиј подигна гонење на христијаните Света Агатија беше фатена и изведена пред судијата Квинтијан. Тој кога ја виде прекрасна на лице, посака да ја има за жена. Но штом ѝ предложи, Агатија му одговори дека таа е невеста Христова и дека не може да го изневери својот вереник. Судијата ја подложи на тешки маки. Ја биеја, ја исмеваа врзана за едно дрво и ја тепаа до крв. Потоа Квинтијан повторно ја посоветува да се одрече од Христа и да ги избегне натамошните маки, но на ова невестата Христова му одговори: „Овие маки се многу корисни за мене. Како што пченицата не може да влезе во амбарот пред да се очисти од плевата така ни мојата душа не може да влезе во Рајот ако најнапред телото не е скрушено со маки“. Тогаш мачителот нареди и ѝ ги отсекоа градите, па потоа ја фрлија во затвор. Во затворот ѝ се јави апостолот Петар и ѝ го врати целото здравје на телото. Повторно ја изведоа на мачење и повторно ја фрлија во затвор, каде што Му ја предаде својата душа на Бога, во 251 година, во градот Катана, а во времето на царот Декиј. После смртта на Агатија нејзиниот мачител Квинтијан појде да го приграби нејзиниот имот, но по патот се разбеснеа коњите што ги јаваа тој и војниците, па сиот го изгризаа по лицето, го фрлија на земја и го изгазија со нозете намртво. Толку брзо го стигна казната од Бога за дивото злосторство над Света Агатија.

 

 

 

 

Светата маченичка Теодула

Пострада за Христа во времето на нечестивиот римски цар Диоклецијан. При мачењето Теодула го вразуми еден од мачителите, Еладиј, и го приведе кон Христовата вера. Кога Еладиј јавно ја исповеда својата вера во Христа, го убија со меч. На судот Теодула се држеше многу храбро, а за ова судијата ја нарекуваше безумна. Затоа Теодула му рече: „Безумни сте вие што Го заборавивте единствениот вистинит Бог, а им се поклонувате на мртвите камења“. Судијата ја подложи на тешки маки, а нив Теодула ги издржа храбро и со оваа храброст во маките многумина ги восхити и ги обрати кон Христа. Меѓу нив беа и двајца угледни граѓани, Макариј и Евагриј. Нив двајцата и мнозина други ги фрлија заедно со Света Теодула во усвитена печка. Така го завршија земниот живот и се удостоија со Христовото царство.