Тропар на преподобна Меланија
31 декември / 13 јануари

Земното богатство раздавајќи го,
на небесата вечни блага си стекнала,
мудро си тргувала,
земниот обручник со Небесниот си го заменила,
Мелание преподобна, моли се за нас
кои го славиме твојот свет спомен.

 

Извор МПЦ – ОА

Манастир свети Јован Претеча Слепче

Православен календар за 13/01/2019

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

 

 Од Верскиот календар:

 

Преподобна Меланија Римјанка

Родена е во Рим од благочестиви и многу имотни родители. Родителите ја присилија да стапи во брак со некој угледен млад човек Апинијан. Кога го роди второто дете таа се разболе и му рече на мажот ѝ дека ќе може да оздрави само ако тој се заколне пред Бога дека во иднина ќе живее со неа како брат со сестра. Мажот ѝ се заколна, а таа од духовна радост и телесно оздраве. Потоа Му беше угодно на Бога па им ги зеде двете деца, а тие се решија да го распродадат сиот свој имот и да им го раздадат на сиромасите, на црквите и на манастирите. Многу патуваа по странските земји и градови вршејќи добри дела од своето богатство. Ги посетија прочуените духовници во Горен и Долен Мисир и од нив многу се научија и се вдахновија. За сето време Меланија се подвзиуваше во строг пост, срдечна молитва и читање на Светото Писмо. Имаше обичај секоја година трипати да го прочита целото Свето Писмо, Стариот и Новиот Завет. Со мажот живееше како со свој брат и соподвижник. Кога дојдоа во Александрија, зедоа благослов од Св. патријарх Кирил. Потоа заминаа за Ерусалим и се населија на гората Елеонска. Овде Меланија се затвори и целата се предаде на богомислие, пост и молитва. И така проживеа четиринаесет години. Потоа излезе да им послужи на другите на патот кон спасението. Основа машки и женски манастир. На покана од својот роднина сенаторот Волусијан, незнабожец, појде во Цариград и го обрати во верата Христова (иако претходно блажениот Августин не успеа во тоа). Потоа повторно се врати на Елеонската Гора и таму се упокои во Господа во 439 година, во педесет и седмата година од нејзиниот живот.