ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на светиот
Христов отшелинк Киријак
29 септември / 12 октомври



Имајќи Го секогаш Христа во милсите,
умот се озари, срцето се очисти,
душата се излечи о, свети оче Киријаче,
Спасителот години ти умножи,
крепост да бидеш за сите верни
кои кон Него итаат преку пустината на овој живот,
моли се за нас ти оче преподобен,
благодатта душа да излечи
и таква пред Бога да се претстави.

 Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 Тропар на преподобниот
отец Кипријан Устјужски
29 септември / 12 октомври

Духовниот волк не се допре до тебе,
о, Кипријане оче преподобен,
кој надвор не излезе од оградата на Пастирот.
Како што ти подвиг на подвиг додаваше,
за браќата грижејќи се, така Он благодат
врз благодат долеваше во срцето твое.
Радувај се и за нас моли се преподобен светителе.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светиот
Христов преподобномаченик
Малахиј
29 септември / 12 октомври

Мачеништвото твое Малахие свети
вис Небеса слава ти донесе во Христа
Господа и чествување денес од нас
 грешните кои суетно живееме.
Моли се за нас преподобномачениче
огнот на испитувањето пред Христа да го поминеме.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светите
Христови маченици
Дада, Говделај и Каздоја
29 септември / 12 октомври

Нека Господ нѐ прими во радоста ваша,
О, славни маченици Дадо, Говделај и Каздоја,
по молитвите свети ваши,
затоа што почестите, ласкањата и убавините
на овој свет не ја излагаа душата за Христа обручена,
а мачеништвото стана венец кој во
дворовите небесни ве приведе,
каде во Бога се радувате вие достојнославни угодници.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот
отец Теофан милостив
од Газа Сириска
29 септември / 12 октомври

Од Христа Господа поучувајќи се,
наука за милосрдие научи,
и тело со волја предаде на стихии од кои
храна добиваше, о Теофане милостив слуго Божји.
Моли се за нас свет угодниче
чии мошти станаа извор на исцеление,
по твоите молитви да најдеме милост пред Господа.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

Тропар на светата
Христова маченица
Гуделија (Говделија)
29 септември / 12 октомври

Времето на земниот живот твој
исполнето со маченички страдања,
за верата во Бога Вистинскиот,
ти ја отвори капијата на вечноста,
 о, Гуделијо света маченичке,
и мноштво кон Христа се обратија
гледајќи го твоето трпение.
Затоа сега и за нас пред Него моли се
венцоносна девственичке.

 

 



 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

Православен календар за 12/10/2021

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

 Од Верскиот календар:

 

Преподобен Киријак Отшелник

Роден е во Коринт од родителите Јован и Евдокија. Татко му беше презвитер, а месниот епископ Петар му беше роднина. Во раната младост епископот го постави за чтец на соборната црква. Читајќи го Светото Писмо младиот Киријак ѝ се восхитуваше на Божјата Промисла којашто ги прослави сите вистински слуги на живиот Бог и го устрои спасението на човечкиот род. Во неговата осумнаесетта година желбата за духовен живот го одведе во Ерусалим. Таму тој стапи во манастирот на некој Божји човек Евсторгиј, којшто му даде почетни упатства за монашки живот. Потоа отиде кај Св. Ефтимиј, кој го проѕре како иден духовен великан, го облече во схима и го прати на Јордан кај Св. Герасим, каде што Св. Киријак помина девет години. По смртта на Св. Герасим повторно се врати во манастирот на Св. Ефтимиј, во кој остана во безмолвие десет години. Потоа постојано го менуваше местото на подвигот, бегајќи од човечка слава. Се подвизуваше и во обителта на Св. Харитон, каде што најпосле и го заврши својот пат на земјата, а наврши сто и девет години. Прославениот подвижник и чудотворец Св. Киријак беше крупен и силен во телото и таков остана до длабока старост и покрај тешкиот пост и бдеењето. Во пустината понекогаш со години се хранеше само со сурово зелје. Ревнуваше многу за православната вера изобличувајќи ги ересите, особено Оригеновата ерес. За себе зборуваше дека како монах сонцето никогаш не го видело да јаде ниту да се гневи на некого. Според уставот на Св. Киријак монасите јадеа само еднаш дневно, и тоа после залезот на сонцето. Беше големо светило, столб на Православието, гордост на монасите, моќен исцелител на болните и благ утешител на тажните. Во полза на мнозина поживеа долго и се пресели во вечната радост на својот Господ во 557 година.

 

Светите маченици Дада и Говделај

Дада беше персиски големец и роднина на царот Сапор. Говделај беше син на тој цар. Кога Св. Дада јавно ја исповеда својата вера во Христа, царот Сапор нареди и го мачеа со лути маки. Но при овие маки Свети Дада изврши големи чуда со Христовото име, што остави голем впечаток на царевиот син Говделај, па и тој поверува во Христа. Незнабожниот цар не го поштеди ни својот син, туку и него го удри на тешки маки. И Дада и Говделај Го прославија Бога со истрајно трпење и со многубројни чуда и во маки Му ги предадоа своите души Нему. Пострадаа во 4 век. Со нив пострадаа зашто поверуваа во Христа Каздоја, сестрата на Говделај и главниот жрец Гаргал.

Свети Теофан Милостив

Богат граѓанин од Газа. Беше толку милостив, што раздавајќи им го својот имот на ништите и самиот стана таков. Пред крајот на животот го нападна водена болест и во таа болест тој издивна. Но од неговото тело потече целебно миро, од коешто болните се исцелуваа.