ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ  

Тропар на
светите седум Отроци
4 август / 17 август

Големи чудеса на верата
се покажаа во пештерата
 која како царска одаја послужи
на Светите седум Отроци,
умирајќи без тело,
по многу време се подигнаа како од сон,
посведочувајќи го воскресението пред сите луѓе.
По нивните молитви, Христе Боже помилуј нѐ.

 
Извор МПЦ – ОА

 Тропар на светиот
Христов маченик
Елевтериј
4 август / 17 август

Со очите духовни прикован за Бога
храм молитвен без виделина на овој свет,
како кочија која кон Небото ита
подигна за подвиг достоен о, Елевтерие,
и главата разделувајќи се од телото
поита кон Главата на сите.
Помоли се сега за нас усто молитвена незамолчлива,
да најдеме милост пред Христа по молитвите твои свети.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светата
преподобномаченица Христова
Евдокија
4 август / 17 август

Ѕвездата Која е Исток на висините
ти подари од сјајот свој, о Евдокијо света,
кој ти го рашири над главите
на оние кои седеа во смртна сенка.
Затоа наградата од Великиот ти е велика,
света преподобномаченице
која во маките свои цела дух, цела Христова стана.
Господи помилуј нѐ по нејзините свети молитви.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот
новомаченик Христов
Христо од Превеза
4 август / 17 август

Символот на исповедувањето од
срцето на усните излезе о, Христо новомачениче,
а острицата на ножевите само глас кон Небото додаде,
о слуго Божји: Господ низ оган душа ти искали,
затоа радувај се и за нас моли се
од пределите на бесмртноста.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на светиот
свештеномаченик Христов
Козма равноапостолен
Етолски
4 август / 17 август

О Козмо свети, гласу во пустината на овој свет,
кој облагодатен, трагаше по човекот,
за да го приведеш кон познание на вистината.
Спасителот поведувајќи те низ оган и вода,
те приведе во местото на одморот,
за да се насладува душата твоја
на двојниот венец и рајската убавина,
од каде сега моли се за наше преумување и спасение.



 

Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

Од Верскиот календар на МПЦ (17.08.2023)

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

 Од Верскиот календар:

Светите седуммина младенци во Ефес

sv.Mladenci7Efes.jpgВо времето на царот Декиј имаше големо гонење на христијаните. Самиот цар дојде во Ефес и овде приреди гиздаво и бучно празнување на мртвите идоли, но и страшен колеж на христијаните. Седуммина момчиња, војници, се воздржаа од скверното жртвопринесување и усрдно Го молеа Бога Единствениот да го спаси христијанскиот род. Беа синови на најугледните ефески старешини, а имињата им беа: Максимилијан Јамвлих, Мартинијан, Јован, Дионисиј, Егзакустодијан и Антонин. Кога беа обвинети кај царот, се засолнија на ридот Охлон зад градот Ефес и овде се скрија во некоја пештера. Кога царот дозна за тоа, нареди да ја заѕидаат пештерата со момчињата внатре. А Бог, според Својата далекусежна Промисла, пушти еден чуден и долготраен сон на нив. Царските дворјани Теодор и Руфин, коишто беа потајни христијани, дадоа таму да се вѕида и едно бакарно ковчеже со оловни плочи на коишто беа испишани имињата на овие момчиња и нивната маченичка смрт во време на царот Декиј. Оттогаш поминаа над двесте години. Во времето на царот Теодосиј Помладиот (408 г. – 450 г.) настана голем спор околу воскресението на мртвите. Зашто имаше некои што се посомневаа во воскресението. Царот Теодосиј беше во голема тага заради овој спор меѓу верните и Му се молеше на Бога за Бог на некој начин да им ја објави вистината на луѓето. Во то време на бура во Црквата, овчарите на некој Адолиј којшто го поседуваше ридот Охлон, почнаа да прават трла за овците и земаа камен по камен од онаа пештера. Тогаш младенците се разбудија од сон, млади и здрави какви што заспаа. И тоа чудо се разгласи на сите страни, та и самиот цар Теодосиј дојде со голема свита и со умиление разговараше со момчињата. После една недела тие повторно заспаа со сон смртен, за да го чекаат општото воскресение. Царот сакаше да ги положи нивните тела во златни ковчези, но тие му се јавија во сон и му рекоа да ги остави на земја како што се полегнати.

 

Светиот маченик Козма Рамноапостолен

Родум од Етолија, од селото Мегадендрон (Големо дрво). Како момче отиде на Света Гора и во манастирот Филотеј беше потстрижен за монах. Но гонет од постојана желба да му го проповеда Евангелието на народот, тој отиде во Цариград и испроси благослов од патријархот Серафим II. Ги обиколи сите придунавски краеви проповедајќи го Евангелието, но најмногу се задржа во Албанија, каде што пострада од некој Курт паша, когошто Евреите го раздразнија против Козма. Свети Козма беше удавен од Турците, па потоа фрлен во река, во 1779 година. Неговите чудотворни мошти почиваат во селото Колкоидас, во храмот на Пресвета Богородица, недалеку од градот Фиери. Пострада за Господ во шеесет и петтата година од животот.