ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар за чесната риза
на Пресвета Богородица
во Влахерна
2 јули / 15 јули

Богородице Приснодево, заштито на луѓето,
ризата и појасот на Твоето пречисто тело
си го дарила на твојот град како моќна ограда,
останувајќи нетлена и по твоето бессемено раѓање,
зошто во тебе се обновува и природата и времето.
Затоа те молиме да му даруваш мир на твојот град,
и на душите наши голема милост.

 Извор МПЦ – ОА

 

Тропар на светиот
Христов патријарх
Јувеналиј               
2 јули / 15 јули

Ревносен Божји пастиру Јувeналие свети,
поради достоинството твое и исповедувањето
на верата чиста и непорочна,
поради не прeклонување на глава пред еретичките заблуди,
но најмногу поради молитвите кон Бога принесени,
умножи Спасителот многу лета во животот твој земен,
за да мноштво души бидат приведени
во познание на вистината.
Господи слава Ти.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 

 

 Православен календар за 15/07/2021

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2021 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

Полагањето на ризата на Пресвета Богородица
во Влахернската црква во Цариград

Во времето на царот Лав Велики (458 г. – 471 г.), на царицата Верина и патријархот Генадиј, патуваа по Светата Земја двајцата цариградски благородници Галвиј и Кандид, заради поклонение на тамошните светости. Во Назарет отседнаа во куќата на една вдовица Еврејка, којашто во тајна одаја ја чуваше ризата на Пресвета Богородица. Многумина болни и неволни добиваа исцеление за своите маки со молитва и со допирот на таа риза. Галвиј и Кандид ја зедоа Светата риза и ја пренесоа во Цариград, а тоа им го објавија на царот и на патријархот. Во царскиот град тоа предизвика голема радост. Ризата беше свечено пренесена и положена во црквата Влахерна. (Оваа црква ја соѕидаа царот Маркијан и царицата Пулхерија на брегот на еден залив, наречен Влахернски, според името на некој скитски војвода Влахерн, којшто на ова место беше убиен). Овој празник е востановен во спомен на полагањето на ризата на Пресвета Богородица во Влахернската црква.

Свети Јувеналиј, патријарх Цариградски

Современик на големите светилки на Црквата Христова: Ефтимиј, Теодосиј, Герасим, Симеон Столпник и др. Учествуваше на два Вселенски Собори: на Третиот во Ефес и на Четвртиот во Халкидон и со голема сила и ревност се бореше против богохулните ереси: во Ефес против Несториј којшто Ја нарекуваше Богородица Христородица и во Халкидон против Евтихиј и Диоскор, коишто учеа дека Христос имаше само една природа, т.е. Божествената, без човечката. После победата на Православието на овие два Собори, Јувеналиј се врати на својот престол во Ерусалим. Но иако ересите беа осудени, еретиците не беа истребени. Од сплетките и насилството на некој Теодосиј, пријател на Диоскор, Јувеналиј беше протеран од престолот и Теодосиј самочино се воздигна себеси на неговото место. Овој еретик Теодосиј во прво време го помагаше и царицата Евдокија, вдовицата на царот Теодосиј Помалдиот, којашто се имаше населено во Ерусалим. Колеблива и брзоплета, Евдокија најпосле отиде кај Свети Симеон Столпник да го праша каде е вистината. Божјиот светител ги разобличи сите еретички учења и ја упати царицата да се држи за православното учење како што е утврдено на Соборите. Царицата го послуша, се покаја и самата се озлоби против лажниот патријарх Теодосиј. Тогаш во Цариград владееја Маркијан и Пулхерија. Царот му испрати писмо на војводата Атанасиј да го протера Теодосиј и на престолот да го врати Јувеналиј, како што набрзо беше и направено. Јувеналиј управуваше со ерусалимската Црква триесет и осум години како поглавар и во длабока старост се престави кај Господ за да ја прими од Него наградата за пребројните маки и неволји што ги претрпе за вистината. Во времето на Свети Јувеналиј беше утврдено празнувањето на Божик на 25 декември.