ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на Светиот Христов
Сампсон странопримец
26 јуни  / 10 јули

 Во трпението твое си ја стекнал
твојата награда, оче преподобен,
во молитвите си истрајувал,
бедните си ги закрепнувал,
и тоа што им е потребно си им го давал,
Сампсоне милостив. Моли се блажен,
да се спасат нашите души.

Извор МПЦ – ОА

 

 Тропар на светиот
Христов презвитер
Севир
27 јуни / 10 јули

Лозару на Божјото лозје, молитвенику
кој за овците душата ја полага,
оче свет Севире, за нас моли се ти,
чии молитви Господ брзо ги услишува,
за да дарува спасение на нашите души.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светиот
маченик Христов
Анект
27 јуни / 10 јули

Маките претрпени за Христа свето
сведоштво за слободата постанаа,
и мноштво души спасија,
кои поитаа кон Спасителот
о Анекте свети мачениче,
и ангелите кои катадневно тело ти исцелуваа
се восхитија на силата Господова во тебе пројавена,
затоа со таа благодат и нас закрепи нѐ
на патот кон Христа.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче



Тропар на светата
Христова мироносица
Јоана
27 јуни / 10 јули

Рацете твои го следеа срцето за Христа спрeмно,
кога се осветија од главата Крстителeва,
о Јоано света и душата пламен постана,
кога мирото за Господа припремено,
ја исполни благоухано вселената.
Спомни си сега за нас од
рајската градина, мироносице света.


Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (10.07.2020)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово

Од Верскиот календар:

 

sv.Sampson.Stranoprimec.jpgСвети Сампсон Странопримец    

Овој светител е роден од богати и прочуени родители во стариот Рим, каде што го изучи сето светско знаење на тоа време, а особено ѝ се посвети на лекарската наука. Како лекар беше милосрден и бесребрен, а на болните им даваше лекови за телото и за душата, советувајќи ги да ги извршуваат заповедите на христијанската вера. Потоа се пресели во Цариград, таму живееше во еден малечок дом од којшто растураше на сите страни, како сонцето зраците на светлината - милостиња, утеха, совети, надеж, лек и воопшто помош за беспомошните, и духовна и телесна. Патријархот чу за добродетелите на овој човек и го ракоположи за свештеник. Во тоа време се разболе царот Јустинијан Велики и неговата болест, според уверувањето на сите лекари, беше неисцеллива. Тогаш царот Му се помоли на Бога со голема усрдност и Бог му откри во сон дека Сампсон ќе го исцели. Навистина, кога дозна царот за Сампсон, го повика на дворецот и само што старецот ја стави раката на болното место, царот оздраве. Па кога царот му нудеше големо богатство за ова, Сампсон се заблагодари, не сакајќи ништо да прими, а рече: „О цару, имав јас и злато и сребро и други имоти, но сѐ оставив заради Христа, за да ги стекнам вечните небесни богатства“. Но бидејќи царот настојуваше сепак да стори нешто за него, Свети Сампсон го замоли да му изгради дом за ништите. Во тој дом Сампсон им служеше на сиромасите како родител на своите деца. Милоста кон сиромасите и немоќните му беше како природна. Најпосле овој свет човек, сиот исполнет со небесна сила и добродетел, се упокои мирно на 27 јуни 530 година. Го погребаа во црквата на Светиот маченик Мокиј, неговиот роднина. Откако се упокои, многупати им се јавуваше на оние што го повикуваа на помош.