ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

Тропар на светиот Христов угодник
Епископот Аматунтски
Т И Х О Н
16 јуни / 29 јуни

Како младенец возљубувајќи ја чистотата,
срцето во Христови раце го предаде,
Тихоне Божји угодниче,
благодатта накалемувајќи се на тебе,
сувото лозје во градина Господова го претвори,
о ти кој послужи да се срушат заблудите демонски,
моли се Христов епископе, вистината да ја запазиме,
пред Жртвата да се поклониме,
и преку Неа да се спасиме.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
Христов маченик
Евтропиј чтец
16 јуни / 29 јуни

Глаголајќи ја устата твоја вистината
свети Евтропие, ближниот не го осуди,
а неправдата како награда ја прими
поддржувајќи го Златоуст великиот.
Радувај се мачениче свети во водите на мирот
и за нас моли се од пределите на љубовта.

 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов маченик
Тигриј презвитер
16 јуни / 29 јуни

Кроток, смирен, незлоблив, те најде раката Христова,
 а благодатта душата спремајќи ја
во служба Негова те приведе о, мачениче Тигрие.
Во твоите молитви злобата човечка ја потона пред Бога
и затоа за нас сега застапи се
од твоето мирно небесно живеалиште.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Тропар на преподобниот отец
Тихон Луховски
16 јуни / 29 јуни

Како Христов чудотворец те
препозна тебе Црквата, Тихоне свети,
и како пастир во кого благодатта ги лекува
оние кои кон Бога припаѓаат,
и затоа Великиот твоите молитви ги услишува,
прекрасен молитвениче за оние кои
при твоите свети мошти со вера приоѓаат.

 

 

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (29.06.2020)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово

 Од Верскиот календар:

 

Hristos.Prvosveshtenik.jpg

 Свети Тихон, епископ Аматунтски

Чудотворец. По смртта на блажениот Мемнониј, Тихон беше едногласно избран за епископ на епархијата Аматунтска, а го посвети славниот Епифаниј. За овој чин го препорачаа неговиот чист живот и големата ревност за Православието. Во тоа време уште имаше незнабожци на островот Кипар. Свети Тихон вложи апостолски труд за да ги обрати неверните во верни. И имаше во тоа време голем успех. По долгите подвизи на лозјето Господово, се пресели во блажената вечност, околу 425 година. Наречен е Чудотворец заради големиот број чуда што ги направи за време на животот. Татко му беше пекар. Кога и да го оставеше во дуќанот, тој им го раздаваше лебот на сиромасите. Еднаш татко му го укори за тоа. А тој се помоли на Бога и житницата им се наполни со жито, така што со мака ја отворија. Другпат пак, засади суви прачки во лозјето, но од нив зазелене лоза и во свое време донесе плод.

Светите маченици Тигриј и Евтропиј

Двајцата беа од клирот на Св. Јован Златоуст. Кога злобните луѓе го протераа Златоуст од Цариград, се запали соборната црква, а пламенот од неа се крена и падна врз куќите на гонителите на светителот на Црквата. Народот во тоа го виде прстот Божји, а непријателите на Златоуст овој пожар им го припишаа на неговите приврзаници. Многумина од неговите блиски луѓе пострадаа заради овој настан, а меѓу нив и свештеникот Тигриј и чтецот Евтропиј. Градскиот началник, некој некрстен Грк Оптат, со особена злоба подигна хајка на Златоустовците. Во младоста Тигриј беше роб на еден богаташ, којшто го кастрираше. Штом се ослободи од ропството, тој сиот се предаде на служба на Црквата и во таа служба светеше како светол лач. Тој „кроток, смирен, милостив и гостољубив“ човек Оптат го стави на големи маки, па потоа го прати на робија во Месопотамија, каде што во затвор и се упокои. Евтропиј, девственик од раѓање, чист, непорочен и незлоблив, го биеја со воловски жили и стапови и најпосле го обесија. Кога христијаните го понесоа неговото тело за да го погребаат, во воздухот се чу ангелско пеење.