ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на светиот
Божји пророк Елисеј
14 јуни / 27 јуни

Мудроста подарена одозгора, те направи пророк и пријател Господов,
о Елисее свети Божји угодниче.
Не побара ни здравје, ни богатство, ни денови на животот изoбилно,
туку поита на Љубовта да послужиш,
народ во стадо со збор да вратиш,
со чудеса вера да поткрепиш,
моли се за нас предвеснику на Жртвата Жива Спасителна,
да се собереме во едно стадо,
со Еден Пастир во вечни векови.

Тропар на преподобниот отец
Нифонт Светогорец
14 јуни / 27 јуни

Мноштво се ангелските подвизи твои
Нифонте преподобен оче,
благодат врз благодат Христос
изли во срцето твое смирено,
о учителу на пустиниците,
а времето запре кога ти кон Господа подаде раце,
и вечната радост продолжи за душата твоја,
свет молитвениче кој и сега за нас се молиш
во славата Господова.

 

Извор МПЦ – ОА
Манастир Св. Јован Претеча Слепче

 

 

Од Верскиот календар на МПЦ (27.06.2020)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2020 лето Господово

 

 Од житието на светителот

 sv.PrprokElisej.jpg

Светиот пророк Елисеј    

Живееше 900 години пред Христа. Кога Господ сакаше да го земе кај Себе престарениот Пророк Илија, му откри дека за наследник во пророчката служба му го одредил Елисеј, синот Сафатов, од племето Рувимово, од градот Авелмаул. Илија му ја кажа на Елисеј волјата Господова и го загрна со својата наметка и испроси од Бога двојна благодат за него. Елисеј веднаш си го остави домот и тргна по Илија. А кога Господ го зеде Илија на огнени кочии, Елисеј остана и ја продолжи пророчката служба со поголема сила и од онаа на Илија.

sv.PrprokElisej.jpg

Според чистотата и ревноста им беше рамен на најголемите Пророци, а според чудотворната сила што му ја даде Бог, ги надмина сите. Ја раздвои водата на Јордан како некогаш Мојсеј Црвеното Море; горчливата вода во Ерихон ја направи питка; низведе вода во ископаните ровови за време на војната со Моавците; умножи масло во лонците на бедната вдовица, го воскресна умрениот син на жената Сонамка, со дваесет лепчиња нахрани сто луѓе, го исцели од лепра војводата Нееман, низведе лепра на својот слуга Гиезиј заради неговото среброљубие, ослепи цела една војска сириска, а друга пак ја втурна во бегство, му претскажа многу настани на народот и на поединци. Се престави во длабока старост.

Преподобен Нифонт    

Роден во областа Аргирокастра во селото Луково од татко свештеник. Од младоста привлекуван од желбата за молитвено тихување. Таа желба најпосле го доведе и на Света Гора, каде што се подвизуваше најпрво во пештерата на Св. Петар Атонски, а потоа во пустината на Св. Ана. Не сакаше ни со леб да се храни, а јадеше само трева и корења. Некои завидливци го обвинија како да се гнаси од леб, но тој лесно и брзо се оправда. Најпосле се здружи со Свети Максим на Капсокалива. Заради својата искрена љубов кон Бога, Нифонт задоби од Него дарови на чудотворство и проѕорливост. Исцелуваше болни со молитва и со помазување со масло, а проѕираше во настани што се случиле и во тие што ќе се случат. За себе прорече дека ќе се упокои во Петровите пости. И кога осамна денот на неговото заминување, им рече тој на браќата околу себе: „Не плачете, а радувајте се, зашто во мене ќе имате молитвеник пред Бога за вашето спасение“. Најпосле рече: „Време е да заминам!“ И Му ја предаде својата света душа на Бога на 14 јуни 1330 година.