+Свети Варлаам Охридски;

 

ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ 

 

Тропар на преподобниот Христов
епископ и исповедник
Никита Халкидонски
28 мај/ 10 јуни

Блажен е подвигот твој оче преподобен,
допирајќи го светот не дозволи тој да те оскверни,
пригледуваше сираци и вдовици, згрижуваше сиромашни –
сe што беше дозволено и за твојата душа полезно.
Гледајќи го тоа Пастирот за исповедник те повика,
тебе кој љубовта твоја прва не ја напушти,
така можеше прељубодеец да го наречеш,
оној кој не ги почитува Светите Икони.
О виножито кој небесната вистина на земјата ја посведочи,
моли се до крај да истраеме, по твоите свети молитви.

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Крстител Слепче

 

 Тропар на светата
Христова маченичка
Еликонида Солунска
28 мај / 10 јуни

Светлината Христова те просветли тебе,
Еликонидо света маченичке,
и ја растера лагата на мракот,
лукавоста човечка беше посрамена,
идолите ја спознаа силата на верата,
а мачеништвото те однесе до небесната свита.
Спомни си за нас света девственичке,
придружничке на Христовите угодници,
да се спасат нашите души.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Крстител Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Захариј Пруски
28 мај / 10 јуни

Те поведе кон покајание Оној Кој прва љубов ти беше, Захарие свештеномачениче,
и лагата до крај неуспеа да се спротивстави на вистината,
која ти маченички ја исповеда.
Прославувајќи Го Христа моли се свети оче за оние,
кои денес те чествуваат, и на Бога Милосрдниот пеат: Алилуја.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов новомаченик
Димитриј Пелопонески
28 мај / 10 јуни

Верата на нашите татковци, Света Христова,
како благоухан мирис те поврати Димитрие
во тајните одаи на срцето,
каде милосрдието Господово те допре,
и совеста на патот покајнички.
Маченички исповедувајќи Го Христа спомни си за нас
сега ти кој утеха имаш на Небесата.



Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
свештеномаченик Христов
Еладиј
28 мај / 10 јуни

Мудреците од овој свет со оган посакаа,
да ја затворат устата твоја пастирска,
о, Еладие свети, но телото испитано,
на Духот, во тебе место направи,
и благодатта разгорувајќи се уште повеќе
кон спасение неверници привлече.
Радувај се оче свети и за нас моли се,
ти кој на Христа послужи
во сите денови на твојот живот.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот отец
Игнатиј Ростовски
28 мај / 10 јуни

Бог само, Кој срцата ги испитува,
ги знаеше трудовите твои за верата принесени,
и маките породилни о, Игнатие свети,
за паствата свештеничка истрпени.
Моли се за нас пастиру Господов
на чии молитви народот Божји пред Христа се надева.



Извор МПЦ – ОА
Манастир св. Јован Крстител Слепче

 

 

 Од Верскиот календар на МПЦ (10.06.2023)

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2023 лето Господово

Од Верскиот календар:

Во младоста се одрече од светот и се оддалечи на монашки подвиг. Блескајќи со добродетелта како сонце, беше забележан од црковните старешини и воздигнат на архиерејскиот престол во Халкидон. Како архиереј беше особено милостив кон бедните и многу се грижеше за сираците, вдовиците и ништите. Кога злочестивиот Лав Ерменин стана против иконите, стана и овој Свети Никита во одбрана на иконите, разобличувајќи го царот и објаснувајќи му го значењето на иконите. За ова претрпе многу понижувања, озлобувања и затварања. Најпосле беше протеран во прогонство заради исповедањето на вистинската вера и сред трудови и страдања се престави кај Господ за да прими венец на слава во Царството Божјо.

Светата маченичка Еликонида

Родена во Солун. Воспитана во христијанското благочестие. Во времето на Гордијан и Филип премина во Коринт, каде што велегласно ги разобличи оние што им принесуваа жртви на идолите. Кога началникот Периниј ја советуваше да му принесе жртва на идолот Ескулап, Христовата маченичка му рече: „Слушај, јас сум слугинка на Христос, а кој е Ескулап не знам. Прави што сакаш.“ За ова беше изведена на суд и мачена со страшни маки. Беше фрлена во оган, но од телото ѝ се излеа толку крв што огнот се угаси, а таа остана жива. Ја фрлија пред лавови, но тие не ја ни допреа, туку се умилкуваа околу неа. Ја пуштија во храм божем да им принесе жртва на идолите, но таа ги искрши сите идоли и со тоа уште повеќе го озлоби мачителот против неа. Кога лежеше во рани во затвор, ѝ се јави Господ со архангелите Михаил и Гавриил, ѝ ги исцели раните, ја утеши и ја укрепи. Потоа беше изведена на губилиште за да биде убиена со меч. Пред да ја убијат ги крена рацете нагоре и Му се молеше на Бога да ја приброи кон овците Негови во небесното трло. Кога ја заврши молитвата, се чу глас од небото: „Пријди, ќерко, за тебе има приготвено и венец и престол!“ Најпосле ја убија со меч и прими венец на слава од Господа, на Кого Му се жртвуваше од љубов, чиста и непорочна како јагне.

sv.ignatij.rostovski.jpg

Свети Игнатиј, епископ Ростовски

Како архиереј дваесет и шест години управуваше со стадото Христово. Кога умре и му го положија телото в црква, некои го видоа како стана од ковчегот и се крена во воздухот над црквата, ги благослови луѓето и градот, па пак се врати во својот мртовечки ковчег. И многу други чуда се пројавија на неговиот гроб. Се престави кај Господ на 28 мај 1288 година.