ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ
markov.sv.Zlata1.jpg

 

Трето наоѓање на главата на свети
Јован Крстител
25 мај / 7 јуни

Пророче и Претечо,
Христос ни ја откри твојата глава
како божествена ризница скриена  во земјата.
Затоа, собрани сите во денот на нејзиното  наоѓање,
со песни богогласни Го воспеваме Спасителот,
Кој нé спасува од распадливоста со твоите молитви.
 
Извор
МПЦ - ОА

 

Тропар на светиот
Христов свештеномаченик
Терапонт Кипарски
25 мај / 7 јуни

Божји угодниче, свештеномачениче Терапонте,
поучен, се ослободи со пост и молитвa,
од противникот на слободата,
а со благодатта телото го смири од мудрувањe,
затоа сега имајќи смелост пред Господа моли се за нас,
благоуханието од твоите мошти,
да биде лек за нашите души.


 
Извор МПЦ – ОА
Манастир Свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светите
Христови маченици
Пасикрат, Валентион
и нивните другари од
Доростол Македонски
25 мај / 7 јуни

Славната вера Христијанска на подвиг маченички ве ободри
о Пасикрате и Валентионе,
следејќи ги зборовите на животот вечен:
ни татко, ни мајка, жена, син или ќерка на патот кон Христа, не дозволивте да застане.
А маките на мачеништвото светол венец станаа
и за останатите: Јулиј,  Исихие, Никандар, Маркијан и други.
По нивните молитви Господи спаси ги душите наши.

 


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче 

 

 

 Православен календар за 07/06/2022 

 

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на апокалиптик (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2022 лето Господово

Од Верскиот календар:

Трето наоѓање на главата на Свети Јован Крстител    

3.to.Naoganje.glava.sv.Jovan.Krstitel

 

Откако нераспадливата глава Претечева засветли од земјата, на верните им испушта занци на исцеление. Од висините собира мноштво ангели, а долу го повикува човечкиот род да Му испрати на Христа Бога слава едногласна.



Во време на луто иконоборство во 8 век, главата на Свети Јован Крстител беше пренесена во местото Комане, место на прогонството на Свети Јован Златоуст. А кога престана иконоборството, во времето на царот Михаил и патријархот Игнатиј, во 850 година, чесната глава на Свети Јован беше пренесена во Цариград и положена во придворната царска црква.
 
Тропар
Пророче и Претечо, Христос ни ја откри твојата глава како божествена ризница скриена во земјата. Затоа, собрани сите во денот на нејзиното наоѓање, со песни богогласни Го воспеваме Спасителот, Кој не спасува од распадливоста со твоите молитви.

Кондак
Оној што во овој свет е светлоносен и божествен столб, Светилник на Сонцето – Претечата, кој својата божествена и светлоносна глава и  ја покажа на целата земја, тој ги осветува оние што со вера се поклонуваат и повикуваат: Христов премудар Крстителу, спаси не сите нас. 
 
 
 
Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Јован 11:47-57

47.     Тогаш првосвештениците и фарисеите се собраа на совет и рекоа: „Што да правиме? Овој Човек прави многу чудеса.
48.     Ако Го оставиме така, сите ќе поверуваат во Него и ќе дојдат Римјаните, па ќе ни ја одземат и земјата и народот.”
49.     А еден, пак, од нив, Кајафа, кој таа година беше првосвештеник, им рече: „Вие ништо не знаете,
50.     ниту помислувате, дека е поарно за нас да умре еден човек за народот, отколку сиот народ да пропадне.”
51.     А ова не го рече тој сам од себе, туку, бидејќи првосвештеник таа година, прорече дека Исус ќе умре за народот;
52.     и не само за народот, туку и за да ги собере заедно растурените чеда Божји.
53.     Од тој ден, пак, се согласија да Го убијат.
54.     Заради тоа Исус веќе не одеше јавно меѓу Јудејците, а оттаму отиде во крај, близу една пустина, во градот наречен Ефрем, и таму се задржа со учениците Свои.
55.     А се наближуваше Пасха јудејска и мнозина од тој крај отидоа во Ерусалим пред Пасхата, за да се очистат.
56.     Тогаш Го бараа Исуса и, стоејќи во храмот, си разговараа меѓу себе: „Што мислите? Нема ли да дојде на празникот?”
57.     А првосвештениците и фарисеите беа веќе издале заповед, ако некој узнае каде е, да јави, за да Го фатат.

Апостол на денот: Дела на светите апостоли од светиот апостол Лука 17:1-15

1.     Минејќи преку Амфипол и Аполонија, дојдоа во Солун, каде што имаше јудејска синагога.
2.     Павле, по својот обичај, влезе при Јудејците и три саботи по ред им зборуваше од Писмото,
3.     откривајќи им и докажувајќи дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека овој Исус, Кого тој им Го проповеда, е Христос.
4.     И некои од нив поверуваа и се присоединија кон Павла и Сила, – големо мнозинство богобојазливи Елини, а исто така и не малку видни жени.
5.     Но некои од Јудејците, што не поверуваа, завидоа и зедоа некои лоши луѓе, се собраа во групи и го разбунтуваа градот и, откако ја нападнаа Јасоновата куќа, ги бараа за да ги изведат пред народот.
6.     А кога не ги најдоа, го изведоа Јасона и некои браќа пред градските началници и викаа дека оние што ја побуниле вселената дошле и тука;
7.     дека нив ги прибрал Јасон и дека сите тие постапуваат против заповедите на ќесарот, изјавувајќи оти има друг цар – Исус.
8.     И го возбудија народот и градските началници, кои го слушаа тоа.
9.     Но тие, откако зедоа препорака од Јасона и од другите, ги пуштија.
10.     А браќата веднаш преку ноќта ги упатија кон Берија, Павла и Сила, кои кога пристигнаа, отидоа во јудејската синагога.
11.     Овие беа поблагородни од солуњаните: тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го испитуваа Писмото, дали е тоа така.
12.     И мнозина од нив поверуваа – и почитувани жени Елинки, а и од мажите не малку.
13.     Но солунските Јудејци, штом узнаа дека Павле и таму го проповеда словото Божјо, дојдоа и таму за да го возбудуваат и возмутуваат народот.
14.     Тогаш браќата го испратија Павла да оди кон морето, а Сила и Тимотеј останаа таму.
15.     Оние, што го придружуваа Павла, го одведоа во Атина и, откако добија од него заповед за Сила и Тимотеја, за да дојдат и тие поскоро при него, си отидоа.
 
 

 

 Светиот свештеномаченик Терапонт, епископ Кипарски

Монах и подвижник на островот Кипар, се удостои со епископски чин, а за време на прогонствата се удостои и со маченички венец. Неговото тело почиваше во една црква на Кипар. Кога во времето на Никифор удрија Агарјаните на островот Кипар, светителот му се јави на туторот на црквата и му кажа дека неверниците ќе го нападнат Кипар, па му нареди неговите мошти да се пренесат во Цариград. Туторот веднаш го изврши тоа. Кога тргна коработ со кивотот, на морето се крена голема бура, но околу самиот кораб беше тивко и мирно, а од кивотот се разлеваше благоухание низ целиот кораб и наоколу. Тогаш туторот го отвори кивотот и сите го видоа преисполнет со миро излеано од моштите на светителот. Од тоа миро се намачкаа мнозина болни и оздравеа. Во Цариград над чудотворните мошти изградија нова црква и почнаа да стекнуваат исцеленија сите што со вера им притекнуваа на светите чудотворни мошти. Со Божествената благодат од моштите на Свети Терапонт се исцелуваа најтешките болни од парализа, рак, крвотечение, лудило, слепило, исушеност и разни други маки.

Светите маченици Пасикрат, Валентион, Јулиј и други

Римски војници, пострадаа за Христа во Доростол Македонски околу 302 година. Кога на Пасикрат му пријде неговиот брат Папијан, којшто од страв отстапи од Христа, па почна да го наговара и него да се одрече од Господ, Свети Пасикрат му рече: „Оди си од мене, ти не си ми брат!“ Пасикрат и Валентион беа убиени заедно. Свети Јулиј му рече на судот: „Јас сум ветеран. Дваесет и шест години му служев верно на царот, па кога досега му бев верен на нижниот, зар да му бидам неверен на вишниот?“ т.е. на Небесниот Цар. Потоа пред префектот Максим беше изведен Никандар. Никандровата жена го храбреше својот маж да пострада за Христа. „Глупава бабо“, ѝ велеше Максим, „тебе ти се посакало подобар маж!“ А жената му одговори: „Ако мислиш така за мене, нареди нека ме погубат мене пред маж ми!“ Со Никандар загина и Маркијан. Неговата жена дојде на губилиштето, носејќи во рацете малечок син. Маркијан го целиваше и Му се помоли на Бога: „Семоќен Господи, грижи се за него!“ Потоа беа убиени со меч и преминаа во Царството Христово.