ТРОПАРИ НА СВЕТИТЕЛИТЕ И ПРАЗНИЦИТЕ

3.angeli.so.truba

 Тропар на Светите Христови маченици
 апостол Андроник
 и девственичката Јунија
17 мај / 30 мај


Светлината од исток стигна,
до Панонските краишта преку тебе о свети апостоле Андрониче,
разобличувајќи ја лагата од овој свет,
заедно со ревносната Јунија,
 ја растеравте маглата на незнаењето,
приведувајќи кон Христа мноштво покајници,
двојни венци добивте о апостоли и маченици Христови,
молете го Спасителот на родот човечки,
да ги помилува нашите души.


Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на светиот
Христов епископ
Атанасиј нови
17 мај / 30 мај

Заштитнику на православието, Атанасие свети,
преку тебе Божји пастиру, Христос на многумина
очите им ги отвори, и ушите од глувоста разреши,
за да спасение познаат Евангелско,
по твоите свети молитви за сите принесени,
пред одарот на вечноста.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

 Тропар на преподобните отци
Нектариј и Теофан Метеорски
17 мај / 30 мај

Стрмната карпа скалило стана,
по вашите свети молитви Нектарие и Теофане,
по кое ги водевте душите на богобојажливите кон Творецот,
а подвигот ваш облагодатен темјан мирислив молитвен,
кој кон Метеорите ги привлекува верните,
вас да ве чествуваат и Бога да Го прославуваат
во сите векови.



 
Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче

 

Тропар на светиот
маченик Солохон
и со него Памфамир и Памфалон
17 мај / 30 мај

Како војник на царот земен,
младоста сила ти подари, Солохоне
голем војниче, но Христос те повика на
служба света победоносна,
о поборниче на вистинската вера,
со твоите сотрудници Памфамир и Памфалон
згазнавте на лагата змиска,
маченички венец примајќи,
царство небесно наследивте
и сега молете се за нашите души
од небесните дворови.


 

Извор МПЦ – ОА
Манастир свети Јован Претеча Слепче


Од Верскиот календар на МПЦ (30.05.2022)
Hristos.adam.jpg

ТРОПАР

Тропар (грч. τροπάριον, цсл. тропа́рь) е кратка црковна молитвена песна, настаната во доцниот стадиум на химнографијата. Тропарот ја содржи суштината на празникот за кој е напишан и во кој се прославува светителот; во Канонот, тропарот следи после ирмосот. Често се однесува и на аполитикион (грч. απολυτίκιον), или отпустителна химна преку која се опишува главната тема на богослужењето на денот, а со која се завршува Вечерната богослужба.

Богородичен (теотокион) е посебен вид на тропар, кој е посветен на Пресвета Богородица. Помали варијации во Богородичниот водат кон Крстобогородичен (ставротеотокион), посебен вид на тропар посветен на страдањето на Пресвета при распнувањето на Христос на Крстот, и како таков најчесто се користи во среда и петок, денови кога Црквата се сеќава на чесниот Крст Господов.

Понекогаш тропарот се користи како рефрен помеѓу читање на стихирите.од Псалмите, иако примарната функција во тој случај ја имаат стихирите.

Тропарник се нарекува една засебна целина во книга со тропари и кондаци, за секој ден на Црковната литургиска година.

ПреминПортал

2022 лето Господово

Од Верскиот календар:

 bogorodica.k.dol.jpg

Светиот апостол Андроник    

Еден од Седумдесеттемина. Роднина на Светиот апостол Павле, како што пишува самиот Павле (Рим. 16, 7), спомнувајќи ја и Света Јунија, помошничката на Андроник. Андроник беше поставен за епископ на Панонија, но не живееше на едно место туку го проповедаше Евангелието по цела Панонија. Со Света Јунија тој успеа да приведе кон Христа многумина и да разори голем број идолски храмови. Обајцата имаа благодатна сила на чудотворство, со којашто ги изгонуваа демоните од луѓето и исцелуваа секаква немоќ и болест. Обајцата пострадаа за Христа и така примија двоен венец: и на апостолство и на мачеништво. Нивните свети мошти се најдени во Евгениските предели (забележано под 22 февруари).


Светиот маченик Солохон    

Родум Мисирец и римски војник под војводата Кампан, во времето на царот Максимијан. Кога дојде царска наредба сите војници да им принесат жртви на идолите, Солохон се изјасни како христијанин. Истото тоа го направија и неговите двајца другари: Памфамир и Памфалон. Војводата нареди и ги биеја и ги мачеа со страшни маки, под коишто Памфамир и Памфалон издивнаа. Солохон остана и натаму жив и го ставија на нови маки. Така војводата нареди со меч да му ги отворат вилиците и да му истурат во устата од идолската жртва. Маченикот со заби го скрши железото и не го прими во себе идоложртвеното. Најпосле низ двете уши му прободија писарско перо и така го оставија да умре. Христијаните го зедоа маченикот и го однесоа во домот на една вдовица, каде што малку закрепна од храната, па продолжи да ги советува верните да бидат истрајни во верата и во маките за неа. Потоа Му вознесе благодарност на Бога, го заврши својот земен живот и се престави кај Господ во Небесното Царство, во 298 година.

  Свети Стефан, патријарх Цариградски

Син на царот Василиј Македонец и брат на царот Лав Мудриот. На патријаршискиот престол дојде после Фотиј и со Црквата Божја управуваше од 889 до 893 година. Мирно се упокои и се престави кај Господ, Когошто многу Го љубеше.