В) ПАДОТ

(Битие 2,8-17; 3 цела; 4,1 -16)

 prorok.zaharij1.jpg

Адам и Ева живееја во рајот во близината на Бога. Тие ја исполнуваа улогата што од Бога им беше одредена како господари на созданието: Адам, всушност, им беше дал имиња на сите животни, На тој начин тој се потврдуваше како посебно создание, способно да раководи, но способно и да сака, да оживува и да Му го нуди на Бога целото создание, бидејќи тој е цар и свештеник.
А во средината на рајот се наоѓаа дрвото на животот и дрвото за познавање на доброто и на злото. А последново му беше забрането да го допира, зашто во спротивно го очекуваше смртна казна.
Змијата, „најлукавото полско животно", „старата змија, која се вика Ѓавол или Сотона... заводникот на целиот свет" (Откровение 12, 9) ја искуша Ева и и предложи да вкуси од плодот кој ќе ја направи „како богови кои го познаваат доброто и злото". Кушањето на Адама и Ева е бладање за бескрајното, за апсолутното, тоа е желбата да се земе местото на Бога.
Ева вкуси од плодот и му даде и на Адама, пресуден момент кога човекот и жената слободно Го напуштаат Бога, наместо да останат во заедница со Него. Адам и Ева беа свесни за она што би можело да се нарече промена на положбата; од една страна, рајската положба која може да се сфати како учество во божествениот живот, од друга страна, состојбата на грешник низ еден живот полн со пречки. Библијата го предава тоа на сликовит начин: „тие видоа дека се голи."
„Тие го слушнаа одот на Господа Бога низ градината кога залади, и човекот и неговата жена се сокрија пред Бога меѓу дрвјата во градината. Бог го викна човекот: „Каде си?", рече Он. „Го слушнав Твоето одење низ градината, одговори човекот; се исплашив зашто сум гол и се сокрив" (Битие 3, 8-10).
Прашањето на Бога — каде си? — нема цел да го открие местото каде што Адам се криеше; не се работи за географско оддалечување, туку за грешната состојба која не оддалечува од Бога. Бог не сака да го напушти Адама, Он го бара и го вика. Адам, наместо да и одговори на Божјата милост, бара да се оправда, одбегнувајќи ја одговорноста: Адам најнапред признава дека се исплашил бидејќи „е гол", потоа грешката ја фрла врз Ева која, од своја страна, пак, ја фрла врз змијата. Тогаш уследи тројната казна: за човекот, за жената и за змијата. Оваа казна, треба добро да се разбере, не е осуда. Таа не доаѓа од некоја деспотска одлука на Бога, туку е неизбежна последица на гревот. Да, како што им беше рекла змијата, очите на Адама се отвориле, но тие се отвориле кон еден свет со маки, каде, за да преживее, човекот ќе мора да работи, да се бори против трњето и троскотот за да го заработи својот леб со пот на челото, каде што жената ќе раѓа со болки, еден свет каде што се минува, се умира и каде што човекот, кој е земја, се враќа во земјата. Што се однесува до змијата, Ѓаволот, нејзиното ползење се смета како проклетство и Бог стави непријателство меѓу неа и жената и нејзиното потомство додека не биде уништена, Во овој стих од Библијата светите Оци виделе пророчко навестување на победата на Исуса Христа над Ѓаволот, победа која е овозможена преку Марија, новата Ева.
Приодот кон рајот беше затворен, зашто ако по вкусувањето од дрвото на познавањето на доброто и злото вкусеше истотака и од дрвото на Животот, злото би било вечно; смртта е, значи, истовремено последица на гревот, и лек против злото. Таа го спречува злото да стане вечно. Дрвото на Животот е понатаму штитено од херувимите и од пламениот меч.

Детето: Каков доказ имаме дека сето тоа се случило како што вели Библијата?
Родителот: Немаме никаков доказ. Вистината на овој расказ нема историски карактер. И, како што „градината" (рајот) не може да се смести во просторот, така и постоењето на Адама и Ева не може да се определи во времето.
Детето: Сепак се вели дека Адам и Ева се првите луѓе, нашите заеднички претци.
Родителот: Дали Адам и Ева се првите родители или се претставници на човештвото? Ни Откровението ни науката не ни дозволуваат со точност да одговориме на ова прашање. Она што е сигурно — свети Павле ни го вели (Римјаните 5,12—13) — тоа е дека секој човек може да се препознае во Адама. Во секој од нас ги има сите елементи кои го овозможиле искушувањето и падот на Адама и на Ева.
Детето: Велиш ли дека ние би можеле да го направиме истото што го направил и Адам?
Родителот: Да, но разликата е во тоа што ние не сме повеќе во земниот рај, односно дека ние не се наоѓаме во состојба на близина со Бога, во каква се иаоѓале Адам и Ева во градината, пред падот. Во таа градина Адам не знаеше ни за страв ни за неспокојство.

Второто искушение за човекот, за употребата на неговата слобода, е опишано низ расказот за Каин и Авел. Каин и Авел своите дарови Му ги принесуваат на Бога, секој според својата работа и од тоа што го има: првиот, „производи од земјата“, вториот, „првенчиња од неговото стадо“. Бог го прима дарот на Авел, а не го прима Каиновиот. Тоа може да изгледа деспотски, но сепак, кога ќе се размисли, се гледа дека пак се работи за искушување. Бог го предупредува Каина, како што беше ги предупредил Адама и Ева да не пробаат од дрвото, и му вели: „Гревот не е ли на вратата, едно скриено животно кое те посакува и кое треба да го совладаш?" Скриеното животно е змијата од претходниот расказ. Но Каин го слуша животното и, наместо да го совлада, се нафрлува на својот брат и го убива. Еве ја опишана на мошне конкретен начин внатрешната борба која е придружник на секоја можност за паѓање.
Од друга страна, Авел Му принесува на Бога од најдоброто што го има.
Страста, најчесто горделивоста, се готови да го обземат човекот. За еден краток миг, во еден блесок на совеста, тој може да ги совлада, и според тоа да ги избегне. Во спротивно, тој станува предмет на таа страст, која го тера да го изврши злото. Таков беше случајот на Каин.
Како и за Адама и Ева, последицата доаѓа веднаш: Каин е истеран од плодната земја; осуден да биде „скитник по целата земја.“ Каин горко плаче: „Што ќе стане со мене далеку од Твоето лице? Прводојдениот ќе ме убие" (Битие 4, 14). Тоа е истата драма на раскинувањето со Бога, кое се извршило на толку чувствителен начин во историјата на Адама и на Ева. Но спрема Каин, како и спрема Адама и Ева, Бог е милостив, Неговата љубов спрема човекот продол¬жува да се манифестира. Он става знак на Каина за да го штити и да не може да гоубие прводојдениот, иако скита по земјата.
Библијата ги става овие два раскази на почетокот на човекот; длабоката вистина што тие ја откриваат останува совршено актуелна зашто, каква што беше положбата на паднатиот Адам, такво беше скитењето на Каина таква е во основа и нашата положба на човек грешник. „(...) Гревот влезе во светот, а преку гревотсмртта, и (...) така смртта мина во сите луѓе, бидејќи сите згрешија (Римјаните 5,12). Но ние ја имаме надежта на спасението, надежта за враќање кон дрвото на животот, зашто Христос, Новиот Адам, дојде на земјата за да Го следиме и да биде најстариот „од мноштвото браќа".

 

 (Продолжува)

gakon.Goran.A.jpg

 Извор: БОГ Е ЖИВ

 

ВЕРОУЧЕНИЕ (КАТИХИЗИС) ЗА СЕМЕЈСТВАТА

Издавач: Преспанско- пелагониска епархија, Битола, 1983

Превод: прф. Јован Таковски 

Друго:

Божјата Слика: создадена, падната и возобновена (2)

Божјата Слика: создадена, падната и возобновена (1)