СИНАКСАР


Благодарствено, со песни непрестајни,
Нападнатиот од непријатели град и пее на својата заштитничка.

Akatist.BOGORODICA.jpgВо овој ден празнуваме неседална песна - Акатист на Пресветата Владичица наша Богородица, од овие причини: Кога Ираклиј управуваше со византиското царство, персискиот цар Хозрој, гледајќи дека моќта на Грците значително ослабела поради тиранијата на императорот Фока, испрати еден од своите велможи, по име Сарвар, со илјадници елитни војници, за да ги покори за себе сите источни земји. Кога велможата Сарвар ги плени сите источни земји, тој стигна и до самиот златен град (Хрисополис), кој сега се именува Скутари. Царот Ираклиј, поради недостатокот на општественото богатство (злато), свештените и црковни сосуди ги претвори во златници, заради поголем и посовршен реванш, употреби бродови на Црното Море, за да ги отфрли на персиска страна; тој ја уништи нивната моќ и Хозрој беше победен со остатокот од неговата војска. Малку подоцна, Сирој, синот на Хозрој, се побуни против својот татко и ја грабна власта. Тој го уби својот татко Хозрој и се здружи со царот Ираклиј. Но, хаганот мисојски и скитски, кога дозна дека царот го минал Црното Море за да се бори со Персијанците, го раскина примирјето со Грците и, на чело со илјадници војници, стигна до Константинопол од западната страна, извикувајќи хулни гласови против Бога. Веднаш морето се исполни со бродови, а копното со пешадија и безбројни коњаници. Тогаш патријархот Константинополски Сергиј, го тешеше народот да не се предава и да не се разочарува, туку сета своја надеж од душа да Му ја предаде на Бога и на Неговата Пречиста Мајка Богородица.

Исто и патрицијот Вонос, кој тогаш управуваше со градот, го направи она што беше потребно за да ги одбие непријателските војници. Тој велеше: „Треба и ние, покрај помошта одозгора, да го направиме она што е во наша моќ". А патријархот, со сиот народ, носејќи ја иконата на Божјата Мајка по бедемите, им даваше подршка. Додека Сарвар од исток, а Хаганот од запад почнаа да ја палат околината на градот, патријархот ја носеше и иконата „Неракотворен Образ Христов", чесниот и животворен Крст, како и чесната риза на Богомајката, околу градските бедеми. А Хаганот Скитјанин ги напаѓаше градските бедеми од копно со толку големо мноштво, што на еден Грк имаше по десет Скити. Но, непобедливата Војвотка (Богородица), со малиот број војници што се наоѓаа крај нејзиниот храм, наречен Извор, го уништи нивното мноштво. Тогаш Грците, охрабрени и радосни, под водство на непобедливиот Војвода - Божјата Мајка, ги победија до крај и засекогаш. Кога им предложи примирје, граѓаните одбија, а Хаганот им рече: „Не залажувајте се со Бога во кого вие верувате, бидејќи утре секако ќе го освојам вашиот град". Граѓаните, кога го слушнаа ова, ги пружаа своите раце кон Бога. Откако се договорија, Хаганот и Сарвар нападнаа и од копно и од море, обидувајќи се да го заземат градот со помош на лукавства. Но, толку беа победени од Грците, што преживеаните не беа способни да ги изгорат ни мртвите. Чунови полни со војници, минувајќи низ кривината наречена Рог, се упатија кон Богородичната црква во Влахерна, но една силна бура го разниша морето ненадејно и оваа флота беше разбиена, уништена со сите непријателски бродови.

И можеше да се види тоа чудо на Мајката Божја: ги одби од брегот во Влахерна сите напаѓачи. Тогаш народот побрза да ги отвори портите и речиси сите ги испотепаа, па дури и жените и децата се кренаа против непријателот. Нивните началници се вратија, плачејќи и редејќи. А богољубивите луѓе на градот Константинов, оддавајќи и благодарност на Мајката Божја, отпеаја една сеноќна песна, без седење (неседална - Акатист), бидејќи и таа самата не престануваше да бдее за нив, и со натприродна сила таа ги победи непријателите.
            Оттогаш, во спомен на тоа толку големо и натприродно чудо, Црквата го прими овој празник во чест на Мајката Божја, во ова време од годината кога се случи таа победа. А се именува Акатист, бидејќи тогаш беше отслужен стоејќи од страна на свештенството и од сиот народ.
           Триесет и шест години подоцна, за време владеењето на Константин Погонат, Агарените собраа огромна војска и повторно го нападнаа Константиновиот град и го опседнуваа седум години и, кога тие зимуваа покрај Кизик, тие погубија многу свои (жители). Потоа, откако се откажаа и се вратија со нивната флота, сите тие беа проголтани од морето, покрај Силое, благодарејќи на заштитата на сечистата Богомајка.
И по третпат, за времето на Лав Исавријанин, потом-ците на Агара, на број повеќе илјади, најнапред го разурнаа Персиското царство, потоа Египет и Либија, ги освоија и Индија, Етиопија и Шпанија. Најпосле го нападнаа и царскиот град со илјада и осумстотини бродови. Тие го опколија и чекаа да го ограбат. Но градските посветени луѓе, носејќи го чесното дрво на чесниот и животворен Крст, и чесната икона на Мајката Божја - Одигитрија (Патеводителка), ги обиколија градските бедеми, молејќи Го Бога со солзи. Тогаш на Агарените им се стори дека е подобро да се поделат на две групи: едните тргнаа против Бугарите и таму загинаа повеќе од дваесет илјади; другите беа оставени околу градот за да го заземат. Бидејќи беа спречени од веригите кои одат од Галата до градските ѕидови, тие допловија некаде до местото кое се именува Состен, но таму почна да дува северен ветар и многу нивни бродови се искршија и се потопија. Преживеаните станаа плен на голем глад, така што почнаа да јадат и човечки тела и кал. Потоа, бегајќи, стигнаа до Егејско Море, но таму се потопија со сите нивни бродови, бидејќи падна силен град од небото и го разбранува морето, така што ја распрсна и смолата на бродовите, и така изгина оваа огромна војска, од која останаа само тројца за да раскажат.
        Поради сите овие натприродни чуда на Пречистата Богомајка, ние го празнуваме овој празник. А го именуваме Акатист, бидејќи таа ноќ сиот народ остана стоејќи за да ја пее химната на Мајката на Словото. Ако при пеење други песни може и да се седи, овие на Божјата Мајка сите простум ги слушаме.
По молитвите на Твојата непобедлива Мајка, Христе Боже наш, избави не и нас од неволјите што не притискаат, и помилуј не како единствен Човекољубец.

  

Извор: ПОСЕН ТРИОД

 

Издавач: МПЦ Црква Св. Петка-Мил Парк, Викторија- Австралија и Австралиско- новозеландска епархија и Преспанско- пелагоника епархија

Превод: преводот и препев од црковнословенски јазик, го направи   д-р Јован Таковски

 Друго:

takovski.jovan9.jpg
Интервју со протопрезвитер- ставрофор д-р Јован Таковски