TVIT239

ПАТОТ НА ВРАЌАЊЕТО

             „Кој го сака поводот и причините на страстите, тој несвесно им е подложен и им робува на страстите; а кој ги мрази своите гревови, ги исповеда и му се простуваат. Невозможно е некој да ја напушти на друг начин навиката за грев, освен ако не ја признае; зашто непријателството кон гревот е знак на вистинско смирение, а исповедањето знак на вистинското умиление што од срамот се јавува во срцето.
Ако не ги намразиме делата на укорувањето, не можеме да ја почувствуваме смрдеата на нивното делување. Додека не ги отфрлиш од душата непримерните страсти, не можеш да знаеш колку и каков срам и презир те покрива...“ (Свети Исак Сирин, „Подвижнички слова“).
              Светителот ни зборува јасно, зборува со јазикот на Вистината. Нашето време е време на апсурди, погрешни толкувања, опскурантизам ( негативен однос кон просветата и науката – мракобесие ), непокајание. Вистината е претставена како ретроградна и ограничена. Темнината се потврдува како светлина; неприродниот живот како прогресивен, „кул“, човечки, природен - нормален. Менталитетот на толпата владее насекаде. Модата во облеката, во храната, во фризурите, во спортот, во начинот на кој зборуваме; насекаде се бара не она што е убаво, правилно, автентично, вистинито, туку она што е прифатено од мнозинството луѓе.
Живееме во времиња во кои толпата нуди и „спасители“. „Светила“ кои ги „тешат“ луѓето, но не ги водат кон Вистината. „Христијани“ без Христос. „Црковни луѓе“ без црковна свест, без послушание.
              Отсекогаш имало, има и ќе има луѓе чија единствена „добродетел“ е да ја гледаат добродетелта на другите како апсурд, причина за нивна осуда, можност да ги наречат зилоти, екстремни, лицемери; без самите да сфатат дека ги осудуваат браќата, обвинувајќи ги свештениците многупати без покајание, само со чувство на надменост и фалење.
Се задоволуваат со едно христијанство без аскетизам, со една вера без жар; сведувајќи ја причината за своето спасение во еден збир на добротворни дела, а не на покајание, негување добродетели, светотаинствен живот, односно живот кој ја привлекува Божјата благодат. И така самозадоволни во заблудата на страстите, зборовите на покајанието и аскезата ги сметаат за излишни, предлогот за црковен живот го сметаат за строг, тежок, бесцелен. Тие својата “удобност”, каква и да е, ја претвораат во догма.
          Наместо да гледаме кој зборува, да читаме внимателно и да слушаме што точно зборува и тврди. Да размислуваме, да истражуваме со смирен ум, пред да  го прифатиме туѓото слово. Зашто дотаму сме паднале да ги слушаме безумните и да ги каменуваме мудрите, да ги прифаќаме кукавиците и да ги понижуваме храбрите, да ги обожуваме страсните затоа што се „модерни“ и да ги понижуваме богоносните отци кои се етикетирани како конзервативни.
              Иако сите сме грешни, постои патот на враќањето.
Тоа јасно ни го кажува свети Исак Сирин, бидејќи Отците се децидни за сите овие работи. Нивното „Да“ е „Да“, а нивното „Не“ е „Не“. Тие не зборуваат со половина срце, не се плашат ако не им се допаднат на своите слушатели, зашто ги сакаат. А тој, кој љуби, го сака спасението на другите; не ги сака нивните комплименти, не сака следбеници, толпа што не размислува. Не се плаши од малото стадо, не се плаши од отфрлање, не трепери кога е ставен под сомнеж. Смирен е и во часот кога толпата го обвинува и распнува на олтарот на модата, на удобноста, на фанатизмот.
Без покајание и смирение, човекот не може да ја доживее Вистината. Таа ќе биде пред него, ќе ја слуша, но нема да ја види, нема да ја разбере, бидејќи неговото срце копнее за сопственото самооправдување.
            Ќе му зборуваш за Христос (Χριστός) но тој ќе слуша злато (χρυσό); ќе му зборуваш за покајание и тој ќе чувствува досада...

Автор: архим. Павел Пападопулос
Извор: bogonosci.bg
Превод: Симеон Стефковски

 

20ти февруари 2023 лето Господово

Извор:

TVIT207

 Преминпортал (к.т.)