Psaltir.jpg 


Книгата Псалми, на еврејски „книга на пофалби“ за сите луѓе од Стариот завет беше најпогодна молитвена книга. Господ ја употребувал во Својата молитва со учениците(Марко 14,26), затоа и Црквата, сосема природно, ја прифатила. Секоја богослужба вклучува пеење или читање од некои псалми. Исто така, и во Новиот завет некои псалми добиле привилегиран карактер во Литургијата;ги читаме како пророштво за тајната Христова. Тоа е случајот со псалмот 2 „Господ ми рече: Ти си  мој Син, Денес  јас  те родив „, со псалмот 67 „Нека воскресне Бог, и нека се разбегаат непријателите Негови„ и уште други. Најпосле, псалтирот стана вистинска школа на лична молитва за христијаните. Вдахновена од Светиот Дух, оваа книга навистина, не` учи да Му зборуваме на нашиот Бог, да Му ја изразуваме нашата благодарност, нашата радост, нашата жалост, нашиот страв, нашата желба да ја извршуваме Неговата волја и Неговите зборови да ги спроведуваме во дело.


Спротивно на некои книги на духовност, кои ја претставуваат молитвата на апстрактен начин и понекогаш отсечена од остатокот на животот, псалмите не` учат од секоја ситуација да правиме средба со Бога. Било да бидеме во искушение или да изобилуваме од радост, сами или во група, во псалмите го наоѓаме вистинскиот став што одговара. Од него учиме секоја работа во вселената да ја гледаме како Божја твар и во нејзино име да Го фалиме Господа: Така псалмот 103, што го читаме во почетокот на вечерната, е вистинска химна за созданието. Други псалми не` учат да ја кажеме на Бога нашата најдлабока жалост, како псалмот 87, па дури и да благодариме во самото срце за таа жалост (Псалм 68). Кој текст, подобро од псалмот 50, може да не` учи на вистинско покајание? Псалмите, наречени псалми за качување (119  и натаму ) или за царството ( 92 до 99  ) ни помагаат да се молиме како членови на Црквата чиј Господ и Цар е Христос.
Во нашата лична молитва, псалтирот можеме да го употребуваме на два начина: едниот се состои во тоа псалтирот да го читаме според богослужбениот ред ( катизми ),  а другиот -  во изборот на еден или друг псалм според нашите потреби, според состојбата во која се наоѓаме; длабоката привлечност што Духот ја влева во нашите срца. И едниот и другиот начин христијаните го практикувале во своите времиња. Првиот ни помага да не паднеме во субјективизам, а вториот ни помага се` што живееме да го поврзуваме со молитвата ( на пример: читањето на псалтирот крај одарот на умрениот ).
Псалтирот е прототип на целата христијанска химнографија.

evpraksija.oso13.jpg

ИЗВОР: БОГ Е ЖИВ – ВЕРОУЧЕНИЕ ЗА СЕМЕЈСТВАТА
Подготви: Стојанка Тежак

 

Друго:

Псалтир - реиздание (24.02.2017) ...

ПРЕПОДОБЕН ЕФРЕМ СИРИН- ПСАЛТИР ...

Акатистот и византиската химнографија