АКАТИСТИ И КАНОНИ (3)

 3.angeli.so.truba


АКАТИСТ НА ПРЕСВЕТАТА ВЛДИЧИЦА НАША БОГОРОДИЦА ВО ЧЕСТ НА НЕЈЗИНАТА ПРЕЧИСТАНСКА ИКОНА


ОХРИД, 2017

 

3.angeli.so.trubaКондак: 1


    Тебе избраната од сите родови, Преславна Мајко на Бога Преславниот, која од немоќите нè ослободуваш и за наше спасение се застапуваш. Тебе која родот православен не го забораваш и редот монашки го застапуваш, Родителке на милоста и Почетоку на нашето спасение, соборот Пречистански те велича и со песни, радосно ти воскликнува:
    Радувај се, чиста, на Пречистанската обител пофалбо!


Икос: 1


    Ангел пазител, од третото небо, над Кичево прелета и во обителта на свети Ѓорѓи кај Кнежино, долета. Низ пламенот што обителта древна ја уништуваше, твојот пресвет лик го бараше. И откако виде како ти недопрена во пламенот стоиш, како некогаш во капината пред Мојсеја, со страв твојата чесна икона ја понесе и крај Крнино ја донесе. Гледајќи ја оваа чудесна глетка, ти пееме Славна:
    Радувај се, на раце ангелски носена!
    Радувај се, на престоли херувимски пренесувана!
    Радувај се, за ангелите зачудување!
    Радувај се, за нечестивите поразување!
    Радувај се, низ оган злато прочистено!
    Радувај се, низ солзи богатство стекнато!
    Радувај се, монашка пофалбо!
    Радувај се, подвижничка утехо!
    Радувај се, на пророците исполнување!
    Радувај се, на преподобните веселие!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!


Кондак: 2


    Зачудени од страшната глетка, како Божјата Мајка во пламенот неизгорена останува, и гледајќи го она што Мојсеј некогаш го виде на планината Хорив, преславниот лик на Божјата Мајка го величаме, пред нејзе се поклонуваме и што во Крнино се насели ја прославуваме. А кон Бога непрестано пееме и говориме: Алилуја!


Икос: 2


    Озарени од светоста што од ликот на Преславната Мајка излегува, срцата свои пред нејзе ги приклонуваме, поразени, пак, од нејзината благост, суетните помисли на умот ги разобличуваме и своите молитви пред нејзе ги принесуваме. Со очите, нејзиниот мајчински поглед го бараме и во душата нејзината топла прегратка ја чувствуваме. Како деца кон неа прибегнуваме и велиме:
    Радувај се, капино несогорлива!
    Радувај се, ниво неорана!
    Радувај се, светлино незаодна!
    Радувај се, ѕвездо многусјајна!
    Радувај се, непресушен извору на добрина!
    Радувај се, неисцрпен бунару на милоста!
    Радувај се, на умот просветување!
    Радувај се, на срцето осветување!
    Радувај се, мајко преславна!
    Радувај се, царице небесна!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!


Кондак: 3


    И во Крнино твојата светост заблеска и твојата мајчинска природа се покажа. Набрзо откако во новите краишта се јави, Пречиста Мајко, околу тебе мноштво монашко се собра и за тебе, Преславна, ново обиталиште се подигна. Во тебе мирот го наоѓаа и во преславниот твој лик, Бога Го спознаваа, сите оние што кон тебе доаѓаа и на Бога Му повикуваа: Алилуја!


Икос: 3


    Давајќи неискажлива утеха преку твојата чесна икона, Преблагословена, Крнинската обител ја прослави и на далеку позната ја направи. Луѓето што за Бога жедни беа, пред тебе со поклонуваа, од рајот предвкусуваа, од болестите свои се лекуваа и тебе што тука постојано престојуваш те благословуваа. Монасите, пак, со твоето присуство се утешуваа, и заедно со сите верни ти пееа:
    Радувај се, Крнинска хвало!
    Радувај се, Кичевска веселбо!
    Радувај се, монашко прибежиште!
    Радувај се, мајчинсо утешение!
    Радувај се, духовно поилиште!
    Радувај се, од рајот предвкусување!
    Радувај се, од болестите разрешување!
    Радувај се, од немоќите ослободување!
    Радувај се, обителта наша не ја напушташ!
    Радувај се, во молитвите свои не нè забораваш!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!


Кондак: 4


    Нечестивиот, завидувајќи на твојата слава, и неможејќи да слуша како твоето име над Крнино се воспева, всади нечисти помисли кај злобните Агарјани и во твојот славен манастир ги прати. А ти, Пречиста, гледајќи ги монашките цветови во својата градина како со небесна убавина цветаат, посака од нив венец на Синот свој да му сплетеш. А тие за Него копнееа и пееа: Алилуја!


Икос: 4


    Гледајќи како гневот нечестив кон манастирот се приближува, браќата со народот верен кон шумата побрзаа и сета надеж своја пред тебе ја положија. Во манастирот, пак, три цвета, тебе те прославуваа и за средба со Бога се подготвуваа. Злобните неверници, неможејќи твоето присуство да го издржат и монашката вера да ја разберат, кон немоќните црнорисци се нафрлија, а тие тебе ти пееа:
    Радувај се, надеж непосрамлива!
    Радувај се, заштито непобедлива!
    Радувај се, градино небесна!
    Радувај се, врато непроодна!
    Радувај се, бедему на монасите!
    Радувај се, стено на мачениците!
    Радувај се, на неверните изобличување!
    Радувај се, на нечестивите посрамување!
    Радувај се, за безумните зачудување!
    Радувај се, за злобните збунување!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!


Кондак: 5


    Оние што пред твојот лик Пречиста, за Христа храбро сведочеа и со својот живот за љубовта кон Него пострадаа, Евнувиј белобрадиот мудрец, Пајсиј ангелоподобниот подвижник и Аверкиј непорочниот, од градината твоја Крнинска, на третот небо преминаа и таму Бога Го прославија. А ние гледајќи како и во маката, обителта своја ја прославуваш, на Бога Му воскликнуваме: Алилуја!


Икос: 5


    Незнаејќи дека твојот лик Преславна, порано од оган неизгорен остана, нечестивите злобници откако тројцата подвижници со маченичка смрт ги закитија, обителта твоја ја запалија и на пропаста своја се радуваа. Браќата, пак, што од гневот агарјански се сокрија, по твојот чесен лик копнееа и за тројцата исповедници солзно се молеа, кон тебе повикуваа и покорно ти изговараа:
    Радувај се, мајко на сираците!
    Радувај се, заштитничке на страдалниците!
    Радувај се, маченичка утехо!
    Радувај се, испосничка поткрепо!
    Радувај се, во страдањата не нè оставаш!
    Радувај се, во маките нè закрилуваш!
    Радувај се, на Евнувиј белобрадиот веселие!
    Радувај се, на Пасиј славниот радование!
    Радувај се, на Аверкиј прекрасниот умиление!
    Радувај се, на Крнино прославување!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!



Кондак: 6


    Брзајќи кон обителта која во огнените јазици духовно се градеше, мудрите молитвеници тебе чиста те прославуваа и за мачениците што во градината твоја израснаа, таговно се радуваа. Гледајќи ги трите крина што на Бога Му се принесоа, со страв пред твојот лик, што во пламенот како во росна градина блескаше, лицата свои кон земјата ги сокрија и на Бога, кој тебе те прослави Му пееа: Алилуја!
Икос: 6
    Како некогаш трите момчина во огнената печка, така и сега твојот образ во пламенот недопрен остана и оросен со роса божествена над обителта наша славно заблеска. Повторно славата твоја над Крнино се покажа и љубовта твоја кон ова место се докажа. Браќата, пак, со тебе утешени, тројцата исповедници чесно ги погребаа, твојата икона со страв ја целиваа и со едно срце ти запеаа:
    Радувај се, брза послушничке!
    Радувај се, наша патеводителке!
    Радувај се, во тагата радост!
    Радувај се, во жалоста сладост!
    Радувај се, росо божествена!
    Радувај се, храно небесна!
    Радувај се, љубовно пристаниште!
    Радувај се, спасоносно тихувалиште!
    Радувај се, на срцата наши хранителке!
    Радувај се, на душите наши утешителке!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!


Кондак: 7


    Од пепелта на злобата нечестива, преку твојот лик просветлена, повторно обителта Пречистанска се издигна, и како никогаш, славна се покажа. Преку благиот образ на твојата непорочност, безбројни чуда се случуваа и од изворот на твојата благост неописливи исцеленија стануваа. Немите прозборуваа, немоќните проодуваа, бездетните рожби доеа, и сите на Бога Му благодареа: Алилуја!


Икос: 7


    Восхитени од моќта што преку твојата Пречистанска икона се изливаше, многу монаси околу тебе се собраа и постојани славословија ти пееа. Безбројни молитви ти принесуваа и сета надеж своја во тебе ја полагаа. Верните ги почуваа, неверните ги преумуваа, непоравливите ги разобличуваа. Со твоето присуство се насладуваа и поучени од Духот Свети, ти пееа:
    Радувај се, од смртта нè избавуваш!
    Радувај се, од гревот нè ослободуваш!
    Радувај се, смела помошничке!
    Радувај се, храбра молитвеничке!
    Радувај се, на немите песно сепеана!
    Радувај се, на немоќните сило неискажлива!
    Радувај се, на бездетните родители веселие!
    Радувај се, на нажалените, радост неискажлива!
    Радувај се, на верните воспитување!
    Радувај се, на неверните преумување!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!


Кондак: 8


    Откако видовме како Пречистанскиот образ на Божјата Мајка, како злато многусјајно, низ оган неколку пати испитан беше и со својта убавина светот го плени, од Крнино кон небесата да побрзаме и таму Пречистата Царица да ја видиме. Пред нејзината неопишлива красота да се поклониме, и бидејќи и нас преку својата икона нè посети, да ù благодариме, а на Бога, што неа од сите родови ја избра, да Му пееме: Алилуја!


Икос: 8


    Низ вековите над Кичево славно се прослави, Мајко Преславна, и покрај Крнино дом си изгради. Неславните краишта ги прослави, и постојано монашко мноштво си одвои. Секојднево јавувајќи ја силата твоја, за иконата Пречистанска целиот род православен слушна и утеха за краиштата страдални стана. Пред најчесната икона твоја, и ние сега те величаме и говориме вака:
    Радувај се, на светот спасение!
    Радувај се, на земјата избавување!
    Радувај се, на Кичево прославување!
    Радувај се, на Крнино издигнување!
    Радувај се, девствена убавино!
    Радувај се, неопишлива красото!
    Радувај се, на сите поколенија радост!
    Радувај се, на сите монаси сладост!
    Радувај се, семоќна царице!
    Радувај се, преславна владичице!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!


Кондак: 9


    И денес сето мноштво Пречистанско ти се поклонува и те слави тебе Мајко Чиста, зашто и во нашите денови не престанува да се јавува милоста твоја, а преку тебе и благоста на нашиот Христос Бог. Од твоите милости, од чудата од тебе измолени, од прекрасниот твој лик онемени, пред тебе приоѓаме, сета надеж во тебе ја полагаме и на Бога, што тебе при нас те имаме, Му благодариме: Алилуја!


Икос: 9


    Неми ги гледаме пред тебе Богородице Дево,безумните беседници од овој свет! Каде се сега оние што во застапништвата твои се сомневаа и пред тебе не се поклонуваа? Немудри ги гледаме мудрите говорници на светот, зашто не знаат да кажат како ти во огнот неизгорена остана и во обителта наша извор на исцеленија се покажа. А ние кон тебе Преславна доаѓаме и те славиме вака:
    Радувај се, песно неизречена!
    Радувај се, пофалбо необјаслива!
    Радувај се, замолчување на безумните беседници!
    Радувај се, разобличување на немудрите говорници!
    Радувај се, зашто те имаме пречиста!
    Радувај се, зашто нè спасуваш преславна!
    Радувај се, мајко на стадото словесно!
    Радувај се, пазителке на патството духовно!
    Радувај се, ова место го прославуваш!
    Радувај се, кон Христа нè собираш!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!




Кондак: 10


    И во страшното време неверничко, ти Мајко наша не дозволи твојот манастир празен да остане, па од далечната Руска земја, побожни монахињи донесе. Од свирепото отстапништво бегајќи, тие во тебе утеха најдоа и за најтопла Мајка те признаа. Пред твојата икона, Сеславна, своите маки ги исплакаа и со сладост небесна се насладија. Преку тебе од рајот вкусија и на Бога Му воскликнаа: Алилуја!
Икос: 10
    Повторно и сега, завидливецот нечестив, на твојата чудесна милост завиде и против тивките сестри својата злобна рака ја подигна. Како Христос во Гетсиманија, каде ноќе беше фатен и предаден во раце нечестиви, така и женската монашка нарав во Пречиста кај Крнино, во студена ноќ во раце злобни се предава и на прогонство се упатува. А тие мажи духовни, со слабо тело, тебе те величаа:
    Радувај се, сило наша!
    Радувај се, крепост монашка!
    Радувај се, со тебе се спасуваме!
    Радувај се, со тебе сè победуваме!
    Радувај се, силните немоќни ги правиш!
    Радувај се, немоќните храбри ги покажуваш!
    Радувај се, татковино наша!
    Радувај се, сладок духовен доме!
    Радувај се, преку тебе живееме!
    Радувај се, со тебе од рајот предвкусуваме!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!


Кондак: 11


    Гледаме и сега како ѓаволот разобличен бидува, зашто ти Прекрасна не дозволи иконата твоја без пофалба да остане, па откако од младини уште ја избра, чудесната мати Салафаила, во манастирот ја задржа и не позволи на прогонство да биде предадена. А таа пред твојот лик со солзи се молеше, за своите сестри твоите застапништва ги бараше и на Бога Му воскликнуваше: Алилуја!


Икос: 11


    Живеејќи за тебе, преподобната Салафаила, деноноќни славословија ти принесуваше, пред твојата чесна икона се поклонуваше и твојот светол лик, Преславна Мајко, го воспеваше. Од твојата добрина се хранеше, чудесните твои промисли ги испитуваше и од љубовта твоја занемуваше: Пречистата Мајка од далечните руски земји, во Крнино чувар си донесе. Зачудени и ние велиме вака:
    Радувај се, почетоку на нашето спасение!
    Радувај се, исполнување на нашето молење!
    Радувај се, за нашите мисли недостижна!
    Радувај се, за нашиот разум несфатлива!
    Радувај се, со љубов онемуваш!
    Радувај се, со сладост заслепуваш!
    Радувај се, неиспитлив пату!
    Радувај се, сеопеан Божествен саду!
    Радувај се, целата земја кон тебе се приклонува!
    Радувај се, секое создание пред тебе се поклонува!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!


Кондак: 12


    Извор си на секаква благост и исцеление Владичице Сехвална. Гледаме како болните при тебе доаѓаат и со исцеление заминуваат. Нечистите духови пред тебе се покоруваат и далеку од Крнино бегаат. Натажените се утешуваат, безверните се обраќаат и грешниците се покајуваат. А ние гледајќи колку си ја возљубила нашва обител, пред твојот лик чиста се поклонуваме и што тебе те имаме на Бога Му повикуваме: Алилуја!
Икос: 12
    Се радува обителта Крнинска, Најславна Мајко, што со нас овде престојуваш и во подвигот нè поткрепуваш. Ликува соборот Пречистански, Преславна, што преку тебе Бог секој ден нè посетува и во маките наши нè утешува, во молитвата нè воспитува и во тагата гревовна не нè остава. Гледајќи го твојот пречист образ, пред твојата икона се поклонуваме, на твоите застапништва се предаваме и пееме:
    Радувај се, Крнинско радование!
    Радувај се, Пречистанско ликување!
    Радувај се, во тебе Го видовме Бога Словото!
    Радувај се, во тебе израсна нашето Спасение!
    Радувај се, преку твојот лик Бог нè посетува!
    Радувај се, преку твојата икона Христос нè утешува!
    Радувај се, со тебе се фалиме!
    Радувај се, со тебе се именуваме!
    Радувај се, тебе ти се предаваме!
    Радувај се, на тебе се надеваме!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!


Кондак: 13


    О, Преславна Мајко, на Крнино пофалбо, и на Пречистанската обител хвало, прими ги овие мали молења, што од нечиста уста пред твојата чесна икона ги принесуваме. Од тагата ослободи нè, во подвигот заштити нè, и научи нè да ти принесуваме постојани песни за твоите милости кои кон нас се јавија, и на Бога, Кој на нашиот манастир те даде, постојано да Му пееме: Алилуја.

 


Овој Кондак се чита трипати,
потоа повторно се чита Икос: 1, па Кондак: 1 и така се завршува.


Икос: 1


    Ангел пазител, од третото небо, над Кичево прелета и во обителта на свети Ѓорѓи кај Кнежино, долета. Низ пламенот што обителта древна ја уништуваше, твојот пресвет лик го бараше. И откако виде како ти недопрена во пламенот стоиш, како некогаш во капината пред Мојсеја, со страв твојата чесна икона ја понесе и крај Крнино ја донесе. Гледајќи ја оваа чудесна глетка, ти пееме Славна:
    Радувај се, на раце ангелски носена!
    Радувај се, на престоли херувимски пренесувана!
    Радувај се, за ангелите зачудување!
    Радувај се, за нечестивите поразување!
    Радувај се, низ оган злато прочистено!
    Радувај се, низ солзи богатство стекнато!
    Радувај се, монашка пофалбо!
    Радувај се, подвижничка утехо!
    Радувај се, на пророците исполнување!
    Радувај се, на преподобните веселие!
    Радувај се, чиста, на Пречиста пофалбо!


Кондак: 1


    Тебе избраната од сите родови, Преславна Мајко на Бога Преславниот, која од немоќите нè ослободуваш и за наше спасение се застапуваш. Тебе која родот православен не го забораваш и редот монашки го застапуваш, Родителке на милоста и Почетоку на нашето спасение, соборот Пречистански те велича и со песни, радосно ти воскликнува:
    Радувај се, чиста, на Пречистанската обител пофалбо!



МОЛИТВА КОН ПРЕЧИСТАНСКАТА ИКОНА НА БОЖЈАТА МАЈКА


    Пречиста Мајко, утехо и радост наша, погледни од небесата, и смилувај се на нас твоите чеда, кои овде престојуваме и тебе ти се молиме. Преку твојата Пречистанска икона посети нè и со неискажливата сладост утеши нè. Само тебе те имаме Владичице наша, само тебе ти се молиме и твоите застапништва ги просиме. Пред Христа твој приклони се, и во покровот твој прифати нè. За наше спасение моли се, за наше избавување застапувај се, зашто ако тебе те немаме, и твоите молитви ги изгубиме, на вечни маки се предаваме.
    О, севоспеана Богородице царице, на обителта наша не заборавај и на гревовите наши не погледнувај. Монасите во подвигот укрепи ги, свештениците ревносни направи ги и верните чеда твои утеши ги. Болните со молитвите свои исцели ги, немоќните укрепи ги и бездетните со рожба удостој ги. Сите оние што кон твојот Пречистански образ доаѓаат услиши ги и нивните моленија исполни ги. Погледни и на нас, кои само во тебе се надеваме и тебе ти се умилкуваме.
    Најслатка Владичице, оние што светот го оставаат и кон тебе доаѓаат со љубов кон твојот Син и Бог наш обдари ги и садови на послушноста покажи ги. Татковината наша од иноверни запази ја, градот наш во мир сочувај го и крнинските краишта со спокој дарувај ги, за да можеме и ние, ослободени од световни грижи, тебе да те слави, пред твојата Пречистанска икона песни да пееме и Бога да Го фалиме, принсеувајќи Му постојани славословија и величајќи Го во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, постојано сега секогаш и во веки веков, Амин!

3.angeli.so.truba


ПО МОЛИТВИТЕ НА ТВОЈАТА ПРЕЧИСТА МАЈКА, ХРИСТЕ БОЖЕ

НАШ ПОМИЛУЈ И СПАСИ  НАС, АМИН.


По молитвите на Пречистата Владичица наша Богородица, а со содејство на Бога Светиот и Животворен Дух, овој акатист се состави и се заврши на 03/16 октомври 2017-то лето Господово, во денот на свети Дионисиј Ареопагит, во славниот и најсвет град Охрид.


Новото руво на Богородица

3.angeli.so.truba

 Пресветиот образна на Мајката Небесна, Богородица Крнинска е почитуван и од страна на мухамеданците.

 

 

24ти јуни 2020 лето Господово

Подготви. Дејан Блажевски

 

 

Друго:

 Акатистот е пофална химна што се пее или чита “стоејќи“, од каде што и потекнува името“Акатист“- несједален, бидејќи во време на неговото читање или пеење не е допуштено да се седи (освен во случај на болест или немоќ).

Денес богатата ризница на Православието содржи голем број Акатисти посветени на: Пресветата Троица, Господ наш Исус Христос, Честниот Крст, најважните Евангелски случки, Пресвета Богородица и Нејзините чудотворни икони, Ангелските небесни Сили и многу Светии Божји.

Одредени Акатисти се читаат во одредени денови во неделата кои се назначени според името на Акатистот во содржината. Останатите Акатисти би требало да се прочитаат барем на денот на прославувањето на Црковниот празник и Светиите за кои се врзани, или спрема нашата потреба, желба и љубов која ја чувствуваме кон Бога и Неговите Светии.

 

 

АКАТИСТИ И КАНОНИ (2)

Акатисти и канони (1)

 

 пп