RUBLJOV.detal.Tveta.Troica

„А кога ќе дојде Утешителот, Кого што ќе Го испратам Јас од Отецот, Духот на вистината, Он ќе сведочи за Мене“ (Јован 15,26)

 


Света Троица – зограф Андреј Рубљов

На Педесетница го славиме настанот, слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, нивното светодуховско ракополагање за епископи на Црквата, настан што го нарекуваме и роденден на Црквата. Но Светиот Дух не само што тогаш слегол врз апостолите, туку оттогаш и останал и постојано пребива во Црквата – Телото Христово, ја оживотворува, ја соединува и ја раководи. Преку Неговата благодат се продолжува ракополагањето на нови епископи, свештеници и ѓакони. Без благодатта на Светиот Дух, која ја примаме преку Светите Таинства на Црквата, нема духовен живот, нема духовен напредок. Без и надвор од Светиот Дух нема никаква духовност. Духовен човек е оној кој живее живот во Светиот Дух, кој е исполнет од благодатта на Светиот Дух, кој станал сад на Светиот Дух, харфа на Светиот Дух, преку кого Он Самиот говори.

Во молитвата „Цару Небесен“ Му се обраќаме на Светиот Дух и Го нарекуваме Дух на Вистината. Христос нашиот Господ и Спасител е единствената вистинска Вистина во овој свет полн со лаги и полувистини, и никој не може да дојде до Христос без да биде просветен од благодатта на Светиот Дух.

Светиот Дух е насекаде и сè исполнува. Он ја исполнува секоја твар и ѝ дава живот, затоа што е Животодавец, дарител на живот и оживотворувач. Преку Него живее и се обновува секое создание. Сè што е создадено, преку Него е создадено. Доколку живееме подвижничко-литургиски живот ќе бидеме живи, и исполнети со благодатта на Светиот Дух, и ќе имаме живот во себе.

Го нарекуваме „Ризница на добрините“, затоа што во Него е секоја добрина, секоја благост, но и секое добро дело, доколку не е направено од добро и облагодатено срце, тогаш не е добро дело, не е благословено.

Светиот Дух нè очистува и преобразува, нè осветува и затоа Го повикуваме да дојде и да се всели во нас и да нè очисти од секоја скверност (духовна и телесна нечистотија), но и да остане во нас и постојано да раководи со нашиот живот.

Секое осветување е од Светиот Дух.

Секоја хиротонија, ѓаконска, презвитерска, епископска – сè е од Светиот Дух. Секоја хиротонија е лична Педесетница на оној кој прима свештен чин, затоа што тогаш Светиот Дух слегува врз него, и му дава свештен чин и служење.

На Божествената Литургија, Светиот Дух, по молитвите на богослужителите, слегува врз даровите, и од обични леб и вино, ги претвора, ги преобразува и ги прави Света Причест – Пресвети Тело и Крв Христови.

При Крштевањето се облекуваме во Христа, и преку миропомазанието добиваме печат од дарот на Светиот Дух, за просветување и осветување на нашето битие и понатамошен живот.

Светиот елеј со кој се помачкуваме кога сме болни, станува свет и исцелителен кога Го повикуваме Светиот Дух да го освети елејот со Својата благодат.

Светата вода, која ја осветуваме со повикување на Светиот Дух, преку Неговата благодат од обична вода станува света вода, и ги очистува, лекува и просветува нашите души и тела.

При осветување на домовите Го повикуваме Светиот Дух да дојде во таа куќа и да остане таму. И Он доаѓа и останува сè додека во тоа семејство се живее побожен живот.

Он ги просветува Отците на Црквата да ги запишат догматите на верата, Он ги просветува Соборите за да утврдат што е вистинско верување, а што еретичко, богоборно. Преку нив Он ги објавува најдлабоките тајни на верата во Црквата.

Светиот Серафим Саровски, во разговорот со Мотовилов, ја открива целта на човековото постоење, а тоа е – стекнувањето на Светиот Дух. Молитвата, постот, бдеењето, милостината – сето тоа се добри дела, но ако не се заради Христос, и без благодатта на Светиот Дух – тогаш се претвораат во суета, во промашување на целта. Нивното исполнување треба да цели кон привлекување на благодатта на Светиот Дух, значи, тие се само средства, но не и цел сами по себе. Бог не нè повикува да станеме добри луѓе, туку Богоносци, носители на благодатта на Светиот Дух.

Оние во кои пребива Светиот Дух, кои ја стекнале благодатта на Светиот Дух, апостолот Павле вели дека стекнале плодови на Светиот Дух, а тие се: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. (Гал. 5, 22-23).

Надвор од Црквата нема искрена љубов, нема автентична радост, нема вистински мир, внатрешен мир, нема ниту трпение, ни добрина, ни милосрдие, ни вистинска т.е. православна вера, ни нелажна кротост, ниту благословено воздржание.

Он почива врз очистени души, врз оние кои со сето свое битие се подвизуваат да го стекнат Царството небесно, нив ги очистува, преобразува, укрепува, просветува и од нив прави свои гласници, свои органи. Светиот Дух ги собира луѓето во Црква и од различни луѓе, прави едно Тело, Тело Христово, Црква, браќа и сестри во Христа, собрание од луѓе кои веруваат и живеат православно, соединети преку благодатта на Светиот Дух, и преку меѓусебната љубов и љубовта кон Бога.

Без благодатната помош од Светиот Дух не можеме ништо добро да направиме. Затоа пред секоја работа да Го повикуваме Светиот Дух, да нè очисти од секоја скверност, да нè исполни со Неговата благодат, но и да остане во нас, постојано, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Духовденска седмица, 2013

RUBLJOV.detal.Angel

https://crkvaveles.wordpress.com/2013/06/28/za-svetiot-duh/?fbclid=IwAR3nSBDGR_VH8xQwI18353XvviPfsKlJdUw-k-RoWq4vDvBXhf-th6y57dI