3.angeli.so.truba

22/01/2020
 
         Во нашава епоха е настанато мислењето дека е неопходно својата волја потполно да му ја предадеме на избраниот свештенослужител. Послушноста и предавањето на волјата не се едно исто. Човекот ги слуша учителите, родителите, но не им ја предава својата волја, односно најважното својство на богоподобието - слободата на изборот. За да ја предаде својата волја човек треба да сака да стане онаков каков што е неговиот духовник, но, за жал, некои свештенослужители од своите парохијани бараат безусловна послушност и од духовници се претвараат во мали диктатори во својата парохија. Таквите пастири самите го разделуваат Телото Христово и си го присвојуваат она што Му припаѓа на Бога. Уште Апостолот Павле ја разобличувал неразумната приврзаност на верните кон своите учители кои велеле: Јас сум Павлов, а јас Аполосов, а јас на Кифа, што било грев против единството на Црквата. Ако е некој пастир, тоа не значи и дека е сопственик на стадото. Дури ни апостол не може да ја прими на себе почеста што Му припаѓа на Христа. Апостолот Павле особено ги разобличувал оние кои себеси се нарекувале Павлови: Зарем Павле се распна за вас?, вели. Забележуваме како некои духовни раководители свесно и со одредена цел создаваат околу себе атмосфера на почитување и на егзалтација, и се трудат уважувањето и довербата кон себе да ја претворат во култ.

Нив најчесто ги раководат две страсти: празната слава и користољубието. Така во епархијата се појавуваат други невидливи епархии, а во парохиите затворени општини (мали заедници), како некаква елита на парохијани особено предадени на својот свештеник. Постои и видот на потполна послушност кон духоносните старци, но тој денес е тегобен и речиси невозмозен за луѓето во светот во неговата поранешна форма. Тоа е жална реалност, но не треба од неа да се бега во илузија, инаку ке дојде до разочарување, па и до духовен бродолом. Кога ги читаме патериците (Старечникот и сл.) го чувствуваме пријатниот мирис на Тиваида и на Нитриската пустина. Сега тие се покриени со песок во вистинска и во преносна смисла на зборот. Порано монасите биле орли кои летале високо на небо и со својот духовен вид можеле да го видат она сто се случува под земја. Нив веке ги нема и нема да ги има, иако може да се појават поедини подвизници како сведоштво дека во Црквата сеуште не исчезнала благодатта.

Во нашава епоха обновена е дискусијата за потполната послушност во светот, со многубројни повикувања на Светите Отци кои своите поуки ги пишувале првенствено за монасите. Но треба да се земе предвид дека монашкиот живот коренито се разликува од животот во светот и дека она што е неопходно во манаститр може да биде претешко за оние кои живеат во светот, а во некои случаи дури и духовно да ги растрои, а потполната послушност на крајот од краиштата да се претвори во одбивање на секаква послушност. Човекот кој е преоптоварен од голем товар веке не е во состојба да носи ниту мал товар.

Послушноста е неопходна во манастирот и на неа е заснована целата структура на манастирот, но на самиот манастир му е потребен наставник - старец кој ја поминал школата на послушноста, како живо предание на монашкиот живот. Иако е тој несовршен и духовно немокен во споредба со древните подвижници, сепак треба да биде еден дух со нив, како свеќа запалена од светилка.

Во манастирот евангелскиот совет за послушноста станува завет, т.е. заклетва за монахот. Но потполната послушност сепак не е слепа послушност. Таа треба да минува низ патеката на евангелскиот морал. Очигледните гревови, како што се лагата, лицемерието, присвојувањето на туѓо итн., не можат да бидат оправдани со никаква послушност, бидејки тоа е патологија на самата послушност. Образец и пример за самопожртвувана монашка послушност се манастирите на Света Гора Атонска. Тоа е посебно благодатно место оградено од светот, тоа е тврдина на монаштвото и светило на Православието. Атос е чувар на духот на древното монаштво, но да се воопштува атонскиот опит и неговиот устав механички да се пренесува во поинакви услови (како сто пресадуваат билки не земајки ги предвид климата и тлото) е невозмозно. Треба да се учиме на атонското искуство, но тоа не може да се извезува во свет.

Не треба да се заборава ниту на разликата помеѓу нашето време и оние златни векови на подвижништвото кога биле составени патериците (Старечник и сл). Уште древните монаси прозорливо ја предвиделе духовната сиромаштија која ќе го затече христијанскиот свет. Тие велеле: Ние ги држевме заповедите. Оние кои ке дојдат после нас ќе држат половина, а оние кои ќе живеат во последните времиња - нема ништо да држат, но на нив ќе дојдат неволји и искушенија, а оние кои ќе ги издржат и кои ќе ја сочуваат верата, ќе бидат поголеми од нас и од нашите отци. Затоа не треба да се бара исто од старците и од послушниците кои живееле во древноста и од современите Христијани. Страниците на древните патерици кои што ги читаме го шират пријатниот мирис на цветовите од Тиваида и Нитрија, но подвижничкиот опит на монасите од Египет кој што се содржи во нив, во наше време не може да биде правило за односот на паствата кон духовниот отец.



Архимандрит Рафаил Карелин

 3.angeli.so.truba

Извор: https://www.manastirslepche.mk/novost/za-poslushanieto/