Ова беше пред неколку години. Сите се подготвуваа да го празнуваат Рождеството Христово, ја китеа елката, ги подготвуваа подароците. А јас бев осамен во туѓа земја, ни семејство, ни пријател; и ми се чинеше, дека сум оставен и заборавен од сите луѓе. Наоколу беше пусто и немаше љубов: далечен град, туѓи луѓе, стврднати срца. И ете во тага и униние јас се сетив на пакетчето стари писма, што успеав да ги соберам низ сите искушенија на нашите црни денови. Го извлеков од куферот и го најдов ова писмо.

Тоа беше писмо од мојата покојна мајка, напишано пред дваесет и седум години. Каква среќа, што се сетив на него! Невозможно е да се раскаже, туку треба целосно да се наведе.

„Драго мое дете, Николче. Ти ми се жалиш за твојата осаменост, и кога само би знаел, колку ми е жал и ме боли од твоите зборови. Со каква радост јас би дошла кај тебе и би те убедила, дека ти не си осамен и не можеш да бидеш осамен. Но ти знаеш, јас не можам да го напуштам тато, тој многу страда, и мојата грижа може да му притреба во секој миг. А ти треба да се подготвуваш за испитите и да го завршиш факултетот. Но ајде да ти раскажам, зошто јас никогаш не чувствувам осаменост.

Гледаш ли ти, дека човекот е осамен тогаш, кога никого не љуби. Затоа што љубовта е слична на нитка, која нè сврзува со саканиот човек. Па така ние правиме букет. Луѓето – тоа се цвеќиња, а цвеќињата во букетот не можат да бидат осамени. И ако само цветот расцвета како што треба и почне да благоуха, градинарот ќе го земе во букетот.

Така е и со нас, луѓето. Оној кој љуби, има срце што цвета и благоуха; и тој ја дарува својата љубов потполно исто, како цветот својот мирис. Но тогаш тој и не е осамен, бидејќи неговото срце е во оној, когошто го љуби: тој размислува за него, се грижи за него, се радува на неговата радост и страда заради неговите страдања. Тој и нема време, за да се почувствува осамен или да размислува за тоа, дали е осамен или не. Во љубовта е и среќата.

Јас веќе ги гледам твоите прашални сини очи и го слушам твоето тивко противење, дека небаре тоа е само половина среќа, дека целата среќа не е во тоа, само да се љуби, туку и во тоа, и тебе да те љубат. Но тука е малечката тајна, која ќе ти ја шепнам на увото: оној, кој вистински љуби, тој не се ценка и не скржави. Не треба постојано да пресметуваш и да се прашуваш: а што ќе ми донесе мојата љубов? А ме очекува ли возврат? А можеби, јас љубам повеќе, а мене ме љубат помалку? Вреди ли да се предадам на таа љубов?… Сето тоа е погрешно и непотребно; сето тоа означува, дека сè уште нема љубов (не се родила) или веќе ја нема (умрела). Тоа внимателно испитување и мерење ја прекинува живата струја на љубовта, која тече од срцето, и ја запира. Човекот, кој мери и премерува, не љуби. Тогаш околу него се формира пустош, во која не навлегле и не ја загреале зраците на неговото срце, и другите луѓе веднаш го чувствуваат ова. Тие чувствуваат, дека околу него е пусто, студено и сурово, се одвраќаат од него и не очекуваат од него топлина. Тоа уште повеќе го изладува, и ете тој останува сосема осамен, напуштен и несреќен…

Не, мило мое. Љубовта треба слободно да струи од срцето, и не треба да се тревожиш за возвраќањето. Треба да ги будиш луѓето со својата љубов, треба да ги љубиш и со тоа да ги повикуваш кон љубов. Да љубиш – тоа не е половина среќа, туку цела среќа. Само признај си го тоа, и околу тебе ќе започнат чудеса. Предај се на потокот на своето срце, отпушти ја својата љубов на слобода, нека светат нејзините зраци и нека греат на сите страни. Тогаш ти набрзо ќе почувствуваш, дека кон тебе отсекаде течат струи на возвратена љубов. Зошто? Затоа што твојата непосредна, непредумислена добрина, твојата непрекината и некористољубива љубов незабележано ќе предизвика во луѓето добрина и љубов.

И тогаш ти ќе го доживееш тој возвратен, повратен поток не како ‚полна среќа‘, која ти си ја барал и си ја добивал, туку како незаслужено земско блаженство, во кое твоето срце ќе цвета и ќе се радува.

Николче, дете мое. Размисли за ова и сети се на моите зборови, кога повторно ќе се почувствуваш осамен. Особено тогаш, кога ќе ме нема на земјава. И биди спокоен и сигурен: бидејќи Господ – е нашиот градинар, а нашите срца – се цветови во Неговата градина.

Ние обајцата нежно те прегрнуваме, тато и јас.
 

Твојата мајка“.
 

Ти благодарам, мамо! Ти благодарам за љубовта и утехата. Знаеш, јас секогаш го дочитувам твоето писмо со солзи во очите. И тогаш, само што го дочитав, чукнаа камбаните за божиќно бдение. О, незаслужено земско блаженство!

Извадок од книгата „Срцето што пее“,

издание на Повардарската епархија.

Превод од руски јазик: ѓакон Јани Мулев

 

https://crkvaveles.wordpress.com/2012/08/13/bozikno-pismo-ilin/?fbclid=IwAR0IrxQMwOsRxQ-O1N3yxXRrJM3W0nxzcpQa0MZXnjTlSk2MaYAhGEhsXg8