Евангелие и поука за 20/04/2019

 
 

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Јован 11:1-45

1.     Беше, пак, болен некој си Лазар, од Витанија, од местото на Марија и нејзината сестра Марта.
2.     А Марија, чиј брат Лазар се разболе, беше онаа, која Го помаза Господа со миро и ги избриша нозете Негови со својата коса.
3.     Тогаш сестрите нарачаа по Него, велејќи: „Господи, ете, оној што го милуваш, болен е.”
4.     Штом чу Исус, рече: „Таа болест не е за умирање, туку за слава Божја, за да се прослави Синот Божји преку неа.”
5.     А Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазара.
6.     А кога чу дека е болен, тогаш остана два дена во местото, каде што се наоѓаше.
7.     Потоа им рече на учениците: „Да отидеме пак во Јудеја!”
8.     Учениците Му рекоа: „Рави, сега сакаа да Те убијат со камења, и пак ли таму ќе одиш?”
9.     Исус одговори: „Нели дванаесет часови има во денот? Кој оди дење, не се сопиња, зашто ја гледа светлината на овој свет;
10.     а кој оди ноќе, се сопиња, оти нема светлина во него.”
11.     Ова им го кажа, а потоа им рече: „Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.”
12.     Тогаш учениците Негови рекоа: „Господи, ако заспал, ќе стане.”
13.     Исус го рече тоа за смртта негова, а тие мислеа дека говори за заспивање со сон.
14.     Тогаш рече Исус отворено: „Лазар умре.
15.     Но се радувам заради вас, зашто не бев таму, та да поверувате – туку, да отидеме при него.”
16.     Тогаш Тома, наречен Близнак, им рече на учениците: „Да отидеме и ние да умреме со него.”
17.     Кога дојде Исус, најде, дека тој веќе четири дена е во гроб.
18.     А Витанија беше близу до Ерусалим, околу петнаесет стадии;
19.     и мнозина Јудејци беа дошле при Марта и Марија да ги утешат за брата им.
20.     Кога чу Марта дека иде Исус, излезе пред Него; а Марија седеше дома.
21.     Тогаш Марта Му рече на Исуса: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми.
22.     Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде.”
23.     Исус ? рече: „Твојот брат ќе воскресне.”
24.     Марта Му рече: „Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден.”
25.     А Исус ? рече: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее.
26.     И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека. Го веруваш ли тоа?”
27.     Таа Му одговори: „Да, Господи, јас поверував дека си Ти Христос, Синот Божји, што треба да дојде во светов.”
28.     Штом го рече тоа, отиде и ја повика сестра си Марија тајно, велејќи: „Учителот е овде и те вика.”
29.     Таа кога чу, стана бргу и отиде при Него;
30.     оти Исус уште не беше дошол во селото, а стоеше, каде што Го беше дочекала Марта.
31.     Јудејците, што беа со неа дома и ја утешуваа, кога видоа дека Марија стана бргу и излезе, отидоа и тие по неа, мислејќи оти ќе оди на гробот да плаче.
32.     А Марија, штом пристигна таму, каде што беше Исус и кога Го виде, падна пред нозете Негови и рече: „Господи, да беше Ти овде, немаше да умре брат ми.”
33.     Исус, пак, кога ја виде како плаче, и Јудејците што беа дошле со неа како плачат, се натажи и се возмути,
34.     па рече: „Каде сте го положиле?” Му рекоа: „Господи, дојди и види!”
35.     Исус просолзи.
36.     Тогаш Јудејците рекоа: „Гледај, колку го милувал.”
37.     Некои од нив, пак, велеа: „Не можеше ли Овој, што ги отвори очите на слепиот, да направи и овој да не умре?”
38.     А Исус, пак, се нажали во Себе и дојде до гробот; тоа беше пештера и камен навален на неа.
39.     И рече Исус: „Кренете го каменот!” Марта, сестрата на умрениот, Му рече: „Господи, мириса веќе; оти четири дена има откако е умрен.”
40.     Исус ? рече: „Не ли ти реков, дека, ако поверуваш, ќе ја видиш славата Божја?”
41.     Тогаш го дигнаа каменот, каде што лежеше умрениот. А Исус ги подигна очите угоре и рече: „Оче, Ти благодарам, оти Ме послуша.
42.     А Јас знаев дека Ти секогаш Ме слушаш; но ова го реков заради народов што стои наоколу, за да поверуваат дека Ти си Ме пратил.”
43.     Кога го рече ова, извика со висок глас: „Лазаре, излези надвор!”
44.     И излезе умрениот, завиткан во платно по рацете и возете, а лицето забрадено со крпа. Им рече Исус: „Одвиткајте го и оставете го да оди!”
45.     Тогаш мнозина од Јудејците, што беа дошле со Марија и видоа што направи Исус, поверуваа во Него.


Апостол на денот: Послание на светиот апостол Павле до Евреите 12:28-29;13:1-8

28.     И така, примајќи го царството непоколебливо, да ја пазиме благодатта, со која ќе Му служиме на Бога благоугодно со почит и во страв,
29.     бидејќи нашиот Бог е оган, што изгорува.
1.     Братољубие нека пребива меѓу вас!
2.     Гостољубивоста не заборавајте ја, бидејќи преку неа некои, и не знаејќи, им укажаа гостопримство на ангели.
3.     Помнете ги затворениците, како да сте со нив затворени, и оние што страдаат, оти и сами сте во тело.
4.     Бракот на сите треба да е чесен, и брачното легло – чисто; а блудниците и прељубниците ќе ги суди Бог.
5.     Немојте да бидете среброљупци и задоволувајте се со она, што го имате. Зашто Сам Он рекол: „Нема да те оставам, ниту, пак, ќе те напуштам”;
6.     така што слободно да велиме: „Господ ми е помошник, и нема да се уплашам: што може да ми направи човек?”
7.     Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна.
8.     Исус Христос е ист вчера, и денес, и во веки.