Епископ Михаил (Семјонов)

По примерот на Светиот, Кој ве повика, и вие самите бидете свети во сите ваши постапки (1. Петр. 1, 15).

 

За нас ли се наменети денешниве зборови?

Бидете свети. Преобразете се во „образот Христов“. Изменете го својот грешен живот во живот според образот на Оној што нè повикува – Христос. Заменете ги грозните, извалкани облеки на душата со светлата брачна облека на Богоносецот. Искачете се на планината Господова.

Но можна ли е за нас светоста, кога ние до таа мера сме заплеткани во мрежите на животот, па не само што не можеме да се искачуваме нагоре, но и по земјата одиме сопнувајќи се, постојано пропаѓајќи во тињата на гревот.

Можна ли е за нас? Не само што е возможна, туку е и задолжителна.

Постојат различни видови и степени на светост. Никој не може со едно потскокнување да стигне до врвот на планината. Но оној, кој се стреми кон искачување и е упорен во тоа, – тој е веќе на Божјиот пат, освоил дел од „Царството Божјо“, кое „силните го добиваат“.

„Бидете свети според примерот на Светиот кој нè повикува“. Не треба да се мисли дека, барајќи светост, апостолот бара од нас веднаш да се облечеме во таа светлина, со која светеле светителите и Самиот Господ.

Зачекори на патот на големиот подвиг, што ги оспособил големите подвижници, како што е свети Григориј Палама, и тука ќе се почувствуваш себеси во таворската светлина.

За нас е и школата на светоста, и нејзиното прво пројавување – служењето на Бога со тие сили и на тоа место на кое сме. Секој чин, секоја должност – е доволна арена за служење на Бога.

Луѓето честопати мислат: „Јас не можам да бидам светилник, што стои на врв планина, јас не можам да го осветлам светот со светост, – тоа не е за мене. И затоа, наводно, јас можам и сосема да заборавам на делото Божјо“. Тие забораваат, дека ако не им е дадено да бидат светилникот на планината, тоа не им пречи да бидат скромен светилник, кој гори во оскудниот агол и го осветлува, па дури и да е слаба светлината во тој агол, што му е одреден од Бога „за негова работа“.

Ако не ти е дадено да му светиш на светот, тогаш свети со љубов, помош, нежност – со таа светлина – на еден, двајца, тројца. Внеси оганче во темнината на бедниот живот на некој просјак или во темнината на некоја заблудена душа.

Ние веќе говоревме дека, големото зло е во тоа, што луѓето ја гледаат светоста само на тие патишта на светост, по кои оделе големите христијански подвижници. Во огнена молитва, во пост и самоодрекување се до потполното заборавање на себеси заради Христа, до одрекување од таткото, мајката, децата. И сметајќи се себеси неспособен за таква светост, повеќе не бараат друга, според своите сили.

Мислат да ја заменат „светоста“ со слабо и студено, чисто надворешно подражување на светителите во постот и молитвата. Постот е големо дело, молитвата е големо дело, но постот наш е бездушен и мртов, а молитвата студена и безживотна. Тоа е само имитација, или уште поточно „труп“ на постот и молитвата. И тие нема да нè спасат, сè додека не оживеат, а ќе оживеат, кога заедно со површното исполнување на заповедите, ќе го стоплиме срцето со света работа, па нека е тоа и во мало опкружување, нека е и само во рамките на семејството, но со работа, стоплена со љубов и желба да дадеме една лепта за делото на Господа.

Ние ги плаќаме даноците, таксите и давачките кон државата. Не се жалиме за тоа, но се разбира и дека не чувствуваме никаква радост плаќајќи данок. Но еве, ние му помогнавме на бедниот да излезе од сиромаштија, сме му помогнале затоа што се сожаливме над него. И во душата ни стана топло и радосно.

Постои данок кој ние, служејќи му на Бога, го плаќаме доброволно, полудоброволно, но постојат и љубовни дарови кон Него. Одиме на литургија, постиме, понекогаш даваме милостина на сиромашниот. Но забележете дека, тоа го правеле и фарисеите, можеби и повеќе од нас. И не мислете дека тоа го правеле само за да се покажат… Напротив, го правеле тоа и искрено. Само што, тоа го правеле како да плаќаат данок, плашејќи се од гневот Божји, од навика и од чувство на обврска.

Неопходно е, се разбира, да се плаќа тој данок, но сепак тоа е само фарисејска вистина. Потребен е и љубовен дар на Бога, дар кој би Му го принесувале, не од страв, туку од љубов и благодарност кон Него. Во таквото принесување е почетокот, семето на христијанската светост. За таа озрачувачка и угодна на Бога светост, способен е секој човек.

Овој љубовен дар се состои во тоа, да бидеме „благослов Божји“ во кругот на семејството и блиските. На своето место според своите сили да го градиме Делото Христово и Царството Христово.

Кај секого се наоѓаат стотици случаи, кога тој може да биде активен Христов работник. Не треба да се мисли дека плодовите на христијанската вера мора да се расфрлаат надвор од кругот на семејството, напротив, тука можеме да им најдеме и вистинска примена. Во крајна линија, оттука треба да започнеме.

Спомнете си, дека Марта и покрај своите секојдневни грижи исто така дошла до нозете Христови, Кого веќе го слушала Марија. Секој е должен во својот најблизок круг, колку и да е тој скромен и тесен, да им најде примена на христијанските добродетели, кои го одликуваат добриот христијанин, мајката полна со љубов, покорните деца; тие го разубавуваат семејниот живот, ја ублажуваат секоја нерамнина на земниот пат и зрачејќи ја на сите страни таа светлина, која „им свети на сите во куќата“. Има и слаб одблесок на Таворската светлина.

Успеј да го преобразиш во Царство Божје животот во твојот дом – во семејството. Со тоа ќе се докаже дека ја преобразуваш својата душа според образот Христов. Најважно во делото на спасението е „за Бога да го вршиш своето дело“.

„Постојат разни дарови, но Духот е еден и ист; има разни служби, но Господ е еден и ист“ (1. Кор. 12, 4-5). Небесните птици Го слават Бога со своето пеење, ливадските цвеќиња како пофалба го вознесуваат кон небото својот благ мирис, како благоухание од темјан, дрвјата ја опсипуваат земјата со своите плодови, облаците ја оросуваат со благотворен дожд, ѕвездите ја осветлуваат ноќната темнина со својот чудесен блесок; целата природа Му служи на Творецот и Го славослови. Така е и меѓу нас, слугите Христови на земјата, секој има своја улога. Еден се труди да го нахрани своето многучлено семејство, друг со своите сили и способности придонесува во социјална работа, трет, ослабнат од страв или болест, станува молчалив пример на трпение и покорност; некому му е даден дар за проповедање, некому талент за пишување, друг е надарен со прекрасен глас, на друг му е дадено да седи во нема побожност пред нозете Христови, да ги слуша Неговите зборови, поддавајќи ја жедната уста кон Изворот на жива вода. Даровите кои сме ги добиле, многу се разликуваат, но секој од нас треба да му служи на Господа, токму со тој дар, кој го добил одозгора, колку и да е тој скромен и незабележлив.

Секој нека внесе светост во своето малечко дело, кое го врши во слава на Бога, и тогаш сите ние ќе бидеме творци, градители на Царството Божјо на земјата. Ќе го даваме својот придонес во преобразувањето на светот.

Авел, што имаш во рацете?

Малечко јагне од стадото, Боже, – ти го принесувам Тебе како жртва.

Така и направил. И благомирисот од таа сепаленица не престанува и до ден денес се вознесува кон Бога, како непрестајна жртва на пофалба.

– Мојсеј, што имаш во рацете?

– Само дрвен стап, Господи, со кој ги пасам моите стада.

– Употреби го во Мое име.

Тој послушал и со тој едноставен дрвен стап биле извршени чудеса, кои ги избезумиле Египќаните и нивниот горд фараон.

– Марија, што носиш во рацете?

– Сад со миро, Боже, со кое сакам да го помажам Твојот еднороден Исус.

Таа го направила тоа, и не само што целиот дом се исполнил со благоухание од мирото, но и до ден денес благоуха тоа љубовно служење на страниците на Евангелието и во срцата на оние кои го читаат, и се зачувала низ сите векови „и целиот свет ја помни неа и она, што таа го направила“.

Сиромашна жено, што имаш во рацете?

Две лепти, Господи, – тоа е целото мое богатство. Немам што повеќе да дадам во Твојата ризница.

Таа ги дала, и нејзиниот малечок дар, се покажал поголем од сите други во очите на Христа, – и до ден денес ги поттикнува и ги охрабрува луѓето да даруваат заради Господа .

– Ти што држиш во рацете, Тавита?

– Игличка, Господи.

– Работи со неа заради Мене.

Така и било, и не само што таа ги облекувала страдните и бедните во градот Јопија, но и во наши дни се спомнува со стравопочит нејзиниот срдечен труд и на многумина им служи како пример.

Секој нека прави, колку што може.

Но како, ќе речат, Господ бара бесконечно совршенство, а вие барате толку малку… Какво ќе е тогаш искачувањето на планината? Значи човекот не се движи, туку стои во место.

Не. Ако човекот го воплотил Христа во своето малечко дело, тој постепено ќе почне да се искачува кон врвот. Не може да стои оној, во кого живее Христос.

Чувствувајќи Го во себе Бога, преку такво дело на љубовта, човекот се ородува со Христа и со Негова помош ги пронаоѓа во себе сите сили потребни за понатамошно одење по Неговите патишта и по патот на светиите до самиот врв на Планината Господова. Оној кој е верен во мали нешта, Господ во вистинско време ќе го повика и на поголеми.

Само не треба да се заборави, дека на секој пат, во секоја дејност, молитвата нè крева нагоре, дека и мали дела во слава Божја не можеме да вршиме ако не се искачуваме на планината на молитвата заради зајакнување на силите, – не за мртва, обврзувачка, со неми усти, – туку вистинска, горешта и искрена.

Господ „ги возведе апостолите на висока гора“ (Марко 9, 2).

Зошто? Заради молитва во осаменост.

Самиот Господ непрестајно се оддалечува од толпата и ги зема учениците, за да можат и тие да се одморат и сосредоточат; „дојдете и вие во осамено место и одморете се малку“ (Марко 6, 31) – им велеше Он.

На крстот, во претсмртни маки, до последната минута од Својот живот Господ и Син не престанува да се моли и постојано ги поттикнува кон молитва своите ученици: „Бидете будни и молете се за да не паднете во искушение“ (Марко 14, 38).

Планината на која Он ги возведува своите ученици, самата таа го претставува тој тежок, трнлив пат, кој ние треба да го изодиме, за да се искачиме на височината на доброто и на височината на вистинската молитва. Силата на молитвата е најголемата тајна, меѓутоа по својата едноставност таа ì е достапна и на чистата детска душа.

И ние треба да го бараме од Бога дарот на света, горешта, а не само обврзувачка, молитва. И тој дар ќе ни даде сила уште на почеток да бидеме светилник кој силно гори во нашиот дом, а потоа, можеби, и пошироко да ја шириме Христовата светлина.

Да се молиме.

Само Христос може да го изврши тоа чудесно дело во нашето срце; само Он ќе нè поведе нас, како Своите ученици, по тесниот, стрмен, карпест пат, кој води кон високата планина. Он ќе нè поддржи и ќе нè понесе на своите раце, отстранувајќи ги сите препреки; следејќи Го Него, ќе го достигнеме врвот и ќе ја добиеме наградата, која ги очекувала учениците на Тавор; таму, далеку од вревата и световната суета, тие го слушале само гласот на Спасителот, – тие Го спознале во Него Синот Божји, и биле сведоци на Неговата предвечна слава.

Така е и со нас, кога ќе се вознесеме со душата кон Господа, кога ќе ги оставиме далеку зад себе сите земски искушенија и светски соблазни, Он ќе ни даде да вкусиме од неописливото блаженство на близината до Господа, која ни дава сила во животните борби, цврстина во искушенијата и утеха во тагата.

 
Превод од руски јазик

Миле Иваноски, апсолвент на Руски јазик

Наслов на оригиналот

Епископ Михаил (Семенов),

Преображение в святость

Православна светлина бр. 10.

Извор: https://crkvaveles.wordpress.com/2012/04/25/preobrazuvanje-vo-svetost/