Во она време, бидејќи исцелениот хром не се одделуваше од Петар и Јован, затоа кон нив пријде сиот зачуден народ во тремот, наречен Соломонов. А Петар, штом го виде тоа, му рече на народот: „Луѓе Израилци, што се чудите на ова, и што сте се загледале во нас, како со своја сила или побожност да направивме овој да оди? Бог Авраамов, Исаков и Јаковов, Бог на татковците наши Го прослави Својот Син Исуса, Кого вие Го предадовте и од Кого се одрековте пред лицето на Пилата, кога тој реши да Го пушти. Но вие се одрековте од Светиот и Праведниот и измоливте да ви се подари човек убиец, а Началникот на животот Го убивте, Кого Бог Го воскресна од мртвите, за што сме ние сведоци. И поради верата во Неговото име, овој, кого вие го гледате и познавате, го потврди името Негово; а верата во Него го исцели и него пред сите вас.“ Дела 3,11-16

Потоа дојде Исус со учениците Свои во земјата Јудејска, и таму живееше со нив и крштаваше. А Јован крштаваше во Енон, близу Салим, зашто таму имаше многу вода; и доаѓаа и се крштаваа, оти Јован уште не беше фрлен в затвор. Тогаш настана расправија меѓу учениците Јованови и Јудејците околу очистувањето. И дојдоа при Јована и му рекоа: „Учителе, Оној што беше со тебе отаде Јордан и за Кого ти сведочеше, ете, Он крштава и сите одат при Него.” А Јован одговори и рече: „Не може човек ништо да прими, ако не му е дадено од небото. Вие сами сте мои сведоци дека реков: »Јас не сум Христос, но сум испратен пред Него.« Оној што има невеста, младоженец е; а пријателот на младоженецот, кој стои и слуша, многу се радува на гласот од младоженецот. Оваа, пак, моја радост се исполни. Он треба да расте, а јас да се смалувам! Кој доаѓа одозгора, тој е над сите; а кој е од земјата, земен е и како земен зборува. Кој доаѓа од небото, над сите е. И за она што виде и чу, за тоа сведочи; и сведоштвата Негови никој не ги прима. Кој го примил Неговото сведоштво, потврдил дека Бог е вистинит. Јн. 3,22-33

+++

Светла сабота

Во нас има два живота: телесен и духовен. Духот наш како да е погребен во телото. Кога ќе почне да воскреснува, оживeан со благодатта Божја, тој излегува од скриеноста под телото и дел по дел се појавува во својата духовна чистота. Кога целиот ќе излезе од оваа заробеност како од гроб, излегува во обновен живот и станува жив и делателен сам по себе. Телото пак, или гробот, само по себе е мртво и без енергија, иако со духот се наоѓа во едно исто лице. Тоа е тајната за којашто говори апостолот: „А каде што е Духот Господов, таму е слободата (2Кор. 3,17). Тоа е слобода од трулежноста со којашто е обложен нашиот нераспадлив дух, или слобода од страстите што ја расипуваат нашата природа. Овој дух, кој кај децата Божји е на слобода, личи на пеперутка со разнобојни крила, извлечена од својата чаура. А ова се прекрасните бои на духот: љубов, радост, мир, долготрпение, благост, добрина, вера, кротост, воздржание (Гал. 5,22).

 

Св. Теофан Затворник

„Мисли за секој ден во годината“

Извор: http://pravoslavie.mk