Дојди и види

Луѓе Израилци, ислушајте ги овие зборови: Исуса Назареецот, Човекот посведочен пред вас од Бога со сили, чудеса и знаци, што ги направи Бог преку Него, како што и самите знаете, Него, според определениот совет, и предвидувањето Божјо предаден, вие Го фативте и, откако Го приковавте со рацете на беззакониците, Го убивте. Но Бог Го воскресна, откако Го ослободи од врските на смртта, бидејќи таа немаше сила да Го задржи. Оти Давид за Него вели: »Секогаш Го гледав пред себеси Господа зашто Он е од мојата десна страна, за да не се поместам. Затоа се развесели срцето мое и се возрадува јазикот мој; а уште и телото мое ќе почива во надеж, – зашто Ти нема да ја оставиш душата моја во ад, ниту, пак, ќе позволиш Твојот праведник да види распаѓање. Ти си ми Ги покажал патиштата на животот: Ти ќе ме исполниш со радост преку лицето Свое.« Мажи, браќа, нека ми е позволено да ви зборувам слободно за прататкото Давида, дека тој умре и погребан беше, а гробот негов е меѓу нас дури до денешниов ден. Па, бидејќи беше пророк и знаејќи дека Бог со клетва му беше ветил од плодот на неговите бедра да Го воздигне по плот Христа и да Го постави на престолот Свој, предвиде и кажа за воскресението на Христа, дека душата Негова нема да се остави во пеколот и дека телото Негово нема да види распаѓање. Овој Исус Го воскресна Бог, за кое сме ние сите сведоци. И така, Он, откако беше вознесен со десницата Божја и Го прими Светиот Дух, ветен од Отецот, го излеа ова, што го гледате сега вие и го слушате. Оти Давид не отиде на небесата, но сам кажа: »Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои.« И така, насигурно нека знае сиот Израилев дом, дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос.” Дела 2,22-36

Дојди и види А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици. И штом Го виде Исуса да врви, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!” Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исуса. А Исус, кога се сврти и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?” Тие Му одговорија: „Рави (што значи – Учителе) каде живееш?” Им рече: „Дојдете и видете!” Тие отидоа и видоа каде живее; и останаа тој ден при Него. Беше околу десеттиот час. А еден од двајцата, што беа чуле за Исуса и беа тргнале по Него, беше Андреј братот на Симона Петра. Тој прв го најде брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месија, кое значи: Христос!” И го одведе при Исуса. А Исус, кога го погледа, му рече: „Ти си Симон, син Јонин; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар – камен.” На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филипа, па му рече: „Врви по Мене!” И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреја и Петра. Филип го најде Натанаила и му рече: „Го најдовме Исуса, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците!” А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?” Филип му одговори: „Дојди и види!” Исус, пак, кога го виде Натанаила да иде при Него, рече: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство.” Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?” Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.” Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот Израилев!” А Исус, одговарајќи, му кажа: „Веруваш, оти ти реков дека те видов под смоквата; ќе видиш повеќе од ова.” И пак рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото отворено и ангелите Божји како се искачуваат и слегуваат над Синот Човечки.” Јн. 1,35-51

+++

Вистината на Воскресението разумот може да ја докаже врз основа на Писмото, и силата на неговите заклучоци не може, а да не ја признае неверникот, доколку не му е отапено чувството за вистина. Верниците, пак, немаат потреба од докази, затоа што Црквата Божја е преполна со светлоста на Воскресението. И едниот, и другиот показател на вистината е добар и убедлив. Сепак, против причините на разумот може да се изродат и посочат и противпричини, а и верата може да се напаѓа и потресува од недоумици и сомнежи што доаѓаат однадвор и одвнатре. Тогаш, зарем нема тврда ограда за вистината на Воскресението? Има! Таа ќе се пројави во процесот на чистење на душата и телото од изопаченотси, и воспоставување на почеток на новиот живот преку силата на Воскресението, добиена уште во светото Крштение. Таквиот човек ќе чекори во светлоста на Воскресението. За него, секој што говори против Воскресението ќе делува безумно, како што за оној што дење оди, безумно делува човекот што тврди дека е ноќ.

Св. Теофан Затворник

Извор: http://pravoslavie.mk.