лого

Посен триод

Последната подготвителна седмица се нарекува сиропусна, сирна, млечна или масленица. Во таа недела се употребуваат млечни производи: млеко, сирење, масло и јајца. Снисходејќи кон нашите немоќи и постепено воведувајќи нè во подвигот на постот, Црквата востановила во последната седмица пред Четириесетницата да се употребува само млечна храна, „за ние, од месо и многујадење да бидеме приведени кон строго воздржување… малку по малку, отргнувајќи се од слатките јадења, да го започнеме подвигот на постот.“ Посен триод

Во сиропусната среда и петок постот е релативно построг, до Вечерната, на која повторно се разрешува јадење на млеко и јајца, спротивно на еретиците јаковити и тетрадити кои не вкусуваат млеко и јајца во овие денови. Литургија не се служи во среда и петок од сирната седмица, бидејќи во тие два дена пееме: Алилуја наутро и навечер. Последната недела пред Великиот пост во Триодот е именувана уште и: „Недела сиропусна, на изгонувањето Адамово“. Во овој ден се спомнува настанот на изгонувањето на нашите прародители од рајот.

Преку химните во сирната седмица Црквата ни покажува дека оваа седмица е тесно предворје на покајанието, предпразненство на воздржанието, седмица предочистителна. Во своите песнопеења Светата Црква нè поканува на двојно воздржување, спомнувајќи за гревопадот на прародителите, кој произлезе токму од невоздржанието.

Во сирната сабота се совршува споменот на светите мажи и жени, кои засветлиле во подвигот на постот. Со примерот на светите подвижници, Црквата нè засилува за духовен подвиг: „угледувајќи се на незлобивото живеење, да твориме многувидни и различни добродетелни дела, секој според своите сили“, помнејќи дека и светите подвижници и повижнички прославени во Црквата, биле луѓе облечени во немоќна плот, како и нас. Дел од Утрената, заедно со Божествената Литургија отслужена во Неделата сиропусна во свештениот храм на светиот Дионисиј Ареопагит во Атина

Во синаксарот на сирна сабота се говори следното: „Како што војводите, пред војниците построени за бој, ги потсетуваат на некогашните славни борци и за нивната храброст, така што војниците, охрабрени со надежта во победа, со душа и тело влегуваат во борбата, така и сега, богоносните отци постапуваат мудро: пред почетокот на духовниот подвиг, тие ги охрабруваат мажите и жените, земајќи ги за пример оние што воделе аскетски живот, нè водат и нас кон посното борилиште, та и ние да практикуваме многубројни и разновидни добродетели, секој според своите сили. На прво место љубовта, потоа доброволното одрекување од лошите дела и постапки, и најпосле самиот пост, кој не е само воздржување од храна, туку и од лоши зборови, од очите, од гневот и, просто речено, бегање од секое зло.“

Извор: http://pravoslavie.mk.

Друго:

Икона на празникот

Икона на празникот

Синаксар во првата недела на Великиот Пост

 

 

Извор

TVITer270

П.П.2018-02-17 10:27:20