Старец Порфириј

Старец Порфириј

 

Отец Григориј Џенсен

Можеби најпогрешно сфатена тема од страна на христијаните, како и за оние што се надвор од Црквата, е послушанието. А сепак, послушанието е основа не само на нашиот однос со Христа, туку и со полнотата на црковниот живот. Послушание кон Светото Предание, кон нашиот епископ и кон нашата совест, сето тоа служи за да нѐ соедини со Бога и со нашите браќа и сестри во Христа. Повторно, за многу луѓе – христијани или не – послушанието е проблематично од морална гледна точка. Во повеќето случаи, ваквиот став попрво е последица на едно недоразбирање, а не на мрзоволие. Заповедта да се биде послушен, во Светото Писмо не е заповед со која механички се повинуваме пред некој авторитет (Божествен или човечки). Послушанието не е пасивно потчинување на поразениот пред победникот; не е „пораз“ или „капитулурање“, туку е слободен извор, доброволна заедничка соработка или синергија.

Во книгата „Ранет од љубов“, посветена на св. старец Порфириј, се раскажува „животот на овој грчки монах и свешетеник, со едноставни, длабоки и премудри зборови, со кои се објаснува христијанската вера денес. Говорејќи за послушанието, старецот се сеќава дека, како млад монах,

Сиот мој живот беше рај: молитва, богослужби, ракоделие и послушание. Но, моето послушание беше плод на љубов, а не на присила. Ова блажено послушание ми донесе многу плодови. Ме измени. Станав остроумен, брз и крепок по тело и душа… Послушанието ја сведочи љубовта кон Христа. А Христос посебно ги љуби послушните.

Како прв услов, послушанието треба да биде неприсилно. Доколку послушанието остане верно на она што значи да се биде човек, тогаш во него не може да има некаква злоупотреба или присила. Вистинското послушание е секогаш повик кон слобода и потврда за достоинството на човекот.

За Отците, слободата е „една од пројавите на Бога во човечката природа. Според св. Григориј Нисски, „човекот станува богоподобен и блажен, поради дарот на слободата (αὐτεξουσίῳ)“. Поради оваа причина, Црквата, во својата пастирска грижа и духовно раководство, посветува големо внимание за внатрешниот свет на една личност, и за неговата слобода на избор. Подјармувањето на човечката волја пред било кој надворешен авторитет преку манипулација или насилство е наручување на поредокот од Бога воспоставен.

Од друга страна, пак, не смееме од слободата да направиме апсолутна или единствена вредност. Бидејќи слободата ни е од Бога предадена, таа е „во служба на доброто на луѓето“. Ова значи дека кога човек ја ползува својата слобода, тој „не треба да се повреди ниту себеси, ниту тие околу него“. За жал, „поради силата на гревот вроден на паднатата човечка природа, за постигнување на автентична добрина не е доволен само човечки напор, без разлика колку голем тој и да биде“.

И тука повоторно ни помага старец Порфириј:

Не можам да ти дадам пример за тоа што е вистинско послушание. Не се работи за тоа дека ние ќе зборуваме за послушанието, и после јас ќе ти речам „ајде сега, направи колут напред“, и ти ќе направиш. Тоа не е послушание. Ти треба да бидеш целосно безгрижен и воопшто да не размислуваш да послушанието, и кога одеднаш некој ќе побара од тебе да сториш нешто, ти си подготвен тоа да го сториш со радост.

Слобода, љубов и радост – тоа се трите карактеристики на христијанското послушание. Но, слободата, љубовта и радоста се меѓучовечки; тие се социјални, а не персонални. Да се биде послушен, значи да се научиш да носиш одлуки со кои ќе ја негуваш слободата, радоста и љубовта, како во твојот, така и во животите на другите.

Во послушанието, многу поважно е заедно да Му бидеме послушни на Бога, како извор на сите добрини, отколку да си бидеме послушни само еден на друг. Со други зборови, послушанието е взаемно; ние сме си заедно послушни. Послушанието не е нешто што јас самиот го правам.

Да се биде послушен, значи да се живее како член на една заедница во која сите заедно работиме на нашиот напредок, осветување и спасение. Послушанието е крај на индивидуализмот, и почеток на животот обликуван според Света Троица. Авторот е доктор по психологија и православен свештеник

Извор: http://pravoslavie.mk. Прочитајте повеќе на: http://pravoslavie.mk/starets-porfirij-za-poslushanieto/ .