(Обновено)

Ако Христовото Воскресение не стане и наше Воскресение, тогаш попусто го празнуваме Велигден. Но, за ова да се случи, ние прво треба да се крстиме со Неговото Крштевање, односно да умреме со Неговата смрт. А кое време е попогодно за ова од самата Страсна седмица? Еве десет нешта што треба да ги правиме оваа недела, за барем малку да се подготвиме за великиот и светол ден на Христовото Воскресение. Страсна седмица

 1. Да одиме и да учествуваме на колку што можеме повеќе богослужби.

Вообичаено, во Страсната седмица во црквите има по две богослужби дневно, барем од среда до недела. Ако и не можеме да стигнеме на секоја богослужба, барем да посветиме време за молитва и созерцание. Преку богослуженијата ние се враќаме и соединуваме со Христа. Богослужбите од Страсната седмица не се само вежби за сеќавање на минатото. Оваа седмица е една непрекината Литургија што цели десет дена нѐ повикува да учествуваме во спасителната љубов Христова, а не само да се потсетиме на настаните што се случиле одамна. Љубовта Христова е реална, вечно присутна.

2. Да го подзасилиме постот.

Секој од нас е повикан да пости онолку колку што може. Некои постат построго, некои поблаго. Но, за време на Страсната седмица, која и да е нашата мера на постот, да се потрудиме да ја зголемиме. Ако вообичаено јадеме три оброка дневно, да ги намалиме на два. Ова време треба да ја засилиме гладта за Христа, а еден од начините за постигнување на ова е преку телесна глад. Телесниот глад нѐ потсетува дека потребно ни е само она што Бог ни го дава.

3. Да пребиваме во тишина.

Да ги исклучиме мобилните, интернетот, да не „висиме“ опсесивно на Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Помалку телевизија, помалку радио, помалку спортски резултати и кладилници. Се работи за една недела. Да молчиме, да пребиваме во тишина, за да можеме да го слушнеме гласот Христов во нашите срца.

 

4. Да се молиме.

Ако веќе не сме на богослужба, да ги слушаме аудио записите од богослужбите, и да се подучиме од нивните текстови: за што ни говори Црквата преку оваа песна? На која богослужба се пее? Која е целта на овој трпар? Што значи тоа дека Младоженецот доаѓа на полноќ? Црковната молитва треба да стане нераскинлив дел од нашиот ум и срце.

5. Да молчиме.

Да одвоиме време секој ден, и молчешкум да стоиме пред иконата Христова, барем дваесетина минути на ден. Да запалиме кандило, да се помолиме, но не со многу зборови, и молчешкум да стоиме пред Неговата икона. Приготвувајќи се да умреме со Него, нема што многу да Му зборуваме. И Самиот Христос, пред смртта, не зборувал многу.

6. Постојано да бидеме со Него.

Како што вели о. Томас Хопко, умот треба постојано да ни биде со Него, во кратка молитва. Ако не се молиме со Исусовата молитва, Страсната седмица е совршено време за тоа. Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене, грешниот.

 

7. Да го читаме Евангелието.

Секој ден да прочитаме по неколку поглавја од Евангелието. Да си припомниме дека во Евангелијата не се сместени зборови за Христа, туку Христови зборови. Во минатото, луѓето ги читале сите четири Евангелија и Псалтирот за време на Страсната седмица. Ако не можеме да го постигнеме ова, можеме да прочитаме барем неколку глави на ден.

8. Да бараме прошка.

Сигурно за време на Великиот пост сме згрешиле некому. Нашите односи си ближните имаат потреба од исцеление, и токму оваа недела можеме да поработиме на ова. Да ги признаеме грешките, да побараме прошка, да им ја понудиме на другите нашата љубов. Да се јавиме на старите пријатели со кои заради смешни причини сме се налутиле, да појдеме на кафе, или уште подобро, да ги повикаме да дојдат со нас на богослужбите! Ако ова не е возможно, ако другите ни се премногу лути, да побараме посредник кој ќе ни помогне да ги надминеме проблемите од минатото. А најголемата помош доаѓа од Христа – да Му се помолиме и тој да ни помогне, да го омекне срцето на другите, или нашето – во случај ние да се бориме со злопамтење.

9. Да помогнеме некому кој е болен или осамен.

Да го посетиме, да им помогнеме на оние што имаат некаква потреба.

На парохијата, на ближните, на соседите. Околу нас има луѓе што умираат во осаменост и болка. Да им ја подадеме нашата рака. Најчесто е доволно само да ги посетиме, да позборуваме, да се почувствуваат дека не се заборавени и напуштени. Оти, и Христос пред смртта бил напуштен речиси од сите. Ако сакаме да се соединиме со Христа, треба да се соединиме и со луѓето што се околу нас. Сите сме делови од едното Тело – Телото Христово.

 

10. Да не заборавиме на Светлата седмица!

Со Велигден ни доаѓа вистинската Светлина што го просветлува сиот свет и секој еден човек во него. Воскресението Христово менува сѐ. Деновите по Велигден ја сочинуваат Светлата седмица, која навистина е светла. Всушност, до Томина недела, Литургијата не престанува. Да се погрижиме и да испланираме и следната седмица да појдеме в Црква на пасхалните богослужби. Оваа Страсна седмица нека биде почеток на остатокот од нашиот живот, нека продолжи непрекинато во Светлата, и сите други денови што нѐ очекуваат до крајот на овоземниот живот.

Секоја недела е мал Велигден, и секоја недела ние ја објавуваме Христовата смрт и Воскресение. Страсната и Светлата седмица се урнек за сите седмици во годината, и како што се подвизуваме и радуваме сега, треба да продолжиме да правиме и преку целата година. Преку нас треба да свети светлината на Воскресението!

според текстот на протојереј Теофан Витфилд

Извор: http://pravoslavie.mk.

Фото: Скопје, 14-ти април 2017 год.- Оплакување Христово – Вечерта на Велик Петок