Канон и трипеснец на господин Јосиф, глас 2.
Песна 1
Ирмос: Дојдете, луѓе, да Му пееме песна на Христа Бога, Кој го раздели морето и ги проведе луѓето што ги изведе од ропството египетско, зашто се прослави.
Како сега да го плачам моето протерување! Како да го започнам моето спасение, јас кој живеев блудно, Штедре! Според судовите што ги знаеш Ти, спаси ме.

Ова е времето за покајание, ова е денот спасителен, почетокот на постот: биди будна, душо, вратите на страстите затвори ги, и сврти се кон Господа.
Бурата од гревови во бездната на очајание ме влече; но кон океанот на Твојата милост трчам, Господи, спаси ме.
Самиот јас станав роб на гревот, самиот јас им ги отворив вратите на страстите, Слово милостиво! Обрати ме, Спасителу, со Твоето милосрдие.

Богородичен: Ти, која Го роди Изворот на бестрастие, мене ранетиот од страстите, исцели ме, Дево, и од вечниот оган извади ме, единствена благословена.
Друг трипеснец на господин Теодор, глас и ирмос исти:
Дојдете луѓе, дарот на постот денес да го примиме, како од Бога дарувано време за покајание, и во Него Спасителот да Го умилостивиме.
Сега дојде и започна времето на подвизите, поприштето на постот; сите ревносно да го почнеме, на Господа принесувајќи Му добродетели како дарови.
Слава: троичен: Единице проста, трисветла, Која владееш единствена, семоќна, сеживотна, Боже и Господи, Оче Седржителу, Сине и Духу, спасувај ги оние што Те почитуваат.
Богородичен: Да ја воспееме Божјата света гора – Пречистата Марија, оти, на оние што се во темнина, од неа им засветли Сонцето на правдата – Христос, Кој е живот на сите.
Слава Ти, Боже наш, слава Ти.
Огнена кола го прими чудниот Илија, со пост вооружен, Мојсеј го направи созерцател на неискажливи (работи), а и ние, откако ќе го примиме, Христа да Го видиме.
Слава Ти, Боже наш, слава Ти.
Адам (од забранетата) храна јадеше и од рајот поради невоздржување изгонет беше: Ти, пак, Господи, Кој го примаш нашиот пост, покажи нè достојни за покајание, Човекољупче.

Ирмос: Дојдете, луѓе, да Му пееме песна на Христа Бога, Кој го раздели морето и ги проведе луѓето што ги изведе од ропството египетско, зашто се прослави.

 

Подготви: Т.С.