(Обновено)

Темјанот од древни времиња претставува ароматна смола, која извира од рецките (резовите) на стеблото на дрвото Ливан, па оттаму доаѓа името „темјан" (incision - рез; incense -темјан). Препорачливо е дома да се покадува со темјан редовно, секогаш придружено со молитва. Духовната симболика на темјанот е во следново:

1.    Темјанот, кој се издига нагоре, ја симболизира молитвата, која се издигнува кон Божјиот престол. „Да се издигне мојата молитва како темјан пред Тебе“ (Псал. 140,2) - тоа е моментот, кога димот се издига нагоре. И во истото време ја изразува нашата огнена желба, нашата молитва да биде примена како сладок мирис на духовното благоухание. Свети Јован Златоуст пишува: „Кога темјанот самиот по себе е пријатен и ароматичен, така тој го открива своето благоухание, кога огнот гори. На истиот начин е и со молитвата, таа е добра само по себе, но станува подобра и поблагоухана кога се извршува со пламена усрдност на душата; кога душата станува кадилница и свети со силен оган“. Затоа, кога човек се моли, препорачливо е да кади со темјан дома.

2.    Темјанот исто така ги симболизира огнените јазици на Светата Педесетница, кога Господ на Своите ученици им го испратил Светиот Дух во вид на пламени јазици. Молитвата, која ја произнесува свештеникот, кога го благословува темјанот на проскомидијата е: „Кадило Ти принесуваме, Христе Боже наш, како благопријатен мирис пред Тебе, кое откако ќе го примиш во својот Небесен жртвеник, испрати ни ја благодатта на Светиот Дух“. Со темјанот, на пример, ние Го молиме Господ да ни ја испрати Својата Божествена благодат. Ете зошто верните, кога биваат покадени од страна на свештеникот, благо ни наведнуваат главите како знак на примање на таа благодат. Свети Симеон Солунски ни го објаснува значењето на темјанот на следниов начин: „Тој ја покажува небесната благодат, дарувана на светот преку Господ Исус Христос и благоуханието на Светиот Дух и која повторно се издигнува кон небото преку Него“.

3.    Ароматниот темјан, освен сето друго, го симболизира и прославувањето на Бога. Изгорувањето на темјанот означува поклонение и искупување. И пријатното чувство, кое се создава од миризбата на темјанот во целото пространство на Божјиот храм, означува полнота на нашите срца со божествена наслада, тоа е плод на нашата љубов кон Бога. Во тој случај секој верник станува „Христово благоухание“.

4.    И кадилницата, во која се горат јагленчињата, со темјан врз нив, ја симболизира утробата на Пресвета Богородица, Која Го носела во себе Бог Словото. Според свети Герман, патријархот Константинополски, кадилницата ја изобразува човечката природа на Христос, огнот - божествената природа, а ароматниот дим е испросувањето на благодатта на Светиот Дух. А на друго место - „стомакот“ на кадилницата се подразбира како светата утроба на Божјата Мајка, која го носела светиот јаглен - Христос, во Кого пребива полнотата на божеството телесно. Со прости зборови свети Козма Етолски ја опишува симболиката, велејќи: „Кадилницата ја означува Пресвета Богородица, Божјата Мајка. Како што јагленот е внатре во кадилницата и не ја изгорува, така и Пресвета Богородица Го содржела во себе Христос и не била изгорена, туку уште повеќе се осветила“.

 
5.    Ѕвончињата на кадилницата (обично 12 или 4) го означуваат гласот на апостолите и евангелистите, но и присуството на Светиот Дух.

Со темјанот, предлаган во времето на молитва, издигнувањето на душата „нагоре“ -„горе да ги имаме срцата“. Како што темјанот, кој се вжештува на јагленот, се издигнува нагоре и ароматизира наоколу, така и душата на верникот со силна вера треба да се вивне нагоре со слаткото благоухание, одделена од материјалните нешта и грижи. Дното на кадилницата го покажува смирението на Христос, огнот - Неговото Божество и ароматичниот дим нѐ „исполнува“ со благоуханието на Светиот Дух.

Светиот пророк Мојсеј, потчинувајќи му се на Господ, изградил кадилен жртвеник (Исх. 30,1-10). Методот за подготвување на темјан му бил покажан од Самиот Господ (Исх. 30, 34-36). Кадењето со темјан во Стариот Завет било Божја заповед. Требало да се кади со темјан на почетокот од денот секое утро и секоја вечер (Исх. 30,7-8).

Исто така оваа благочестива навика е примена во христијанското богослужение. Особено на вечерните служби се кади со темјан, кога заедно со радосната светлина од сончевото заоѓање се пее и псалмот 140: „Да се издигне мојата молитва како темјан пред Тебе, а издигнувањето на моите раце - како жртва вечерна“. Ние го молиме Господ нашата молитва да се издигне до Неговиот престол како благоуханиот темјан, кој се издига кон небесата.

Овој благочестив обичај создава претпоставка за горешта молитва и ја привлекува осветувачката Божја благодат. Благословувањето со темјан на предложението (=проскомидијата, се има предвид принесувањето на леб и вино, кои се претвораат во Свети Дарови) јасно ја покажува големата полза за верниците од кадењето со темјан. Свештеникот вели: „Кадило Ти принесуваме, Христе Боже наш, како благопријатен мирис пред Тебе, кое откако ќе го примиш во својот Небесен жртвеник, испрати ни ја благодатта на Светиот Дух“. На Светата Литургија свештеникот произнесува многу слични зборови од прозбите на крајните ектении, кога се предлагаат Светите Дарови: „Та Човекољубивиот Бог наш да ги прими во Својот свет, наднебесен и духовен жртвеник како духовно благоухание и да ни ја испрати Божествената благодат и дарот на Светиот Дух, да се помолиме“.Кога свештеникот ги покадува верниците, тие треба да се поклонат, побожно очекувајќи благослов и благодат од Бога.

Кога свештеникот ги покадува иконите, ги проси нивните молитви и застапништво пред Бога за членовите на Црквата. За жал, многу христијани, кога свештеникот ги покадува, остануваат неподвижни (како столбови). И тоа, се разбора, е поради незнаење. Благиот наклон е знак дека ние учествуваме во тоа, што се случува за време на службата, а исто така и знак на елементарна почит кон свештеникот, кој се моли за нас!

 

Превод: Свештеник Јани Мулев

http://amvon.mk/za-temjanot/

19.02.2017 г.