ЗА ИЗБЕГНУВАЊЕТО НА СÈ НЕУМЕРЕНО
 
Добро позната работа е дека човек кој премногу ревносно вежба свирење клавир добива грч во прстите, како и некој кој премногу долго држи перо во рака. Обесхрабрен и потиштен, клавиристот или писателот, кои досега биле полни со надеж, мораат да го прекинат својот труд, а неработењето предизвикува многу лоши влијанија.
Од овој пример можеш да извлечеш поука.
 
Постот, послушанието, воздржувањето, бдеењето и молитвата, сите заедно, сочинуваат составни делови на вежбањето и само вежбањето.
А секое вежбање треба да се презема искрено, смирено земајќи ги предвид сопствените сили (Лк. 14:28-32), без претерување во било кој момент.

Значи, бидете целомудрени и трезвени во молитвите, ни порачува свети апостол Петар, а преку него и самиот Господ (1Пт.4:7).
 
Пијанството не е секогаш предизвикано од алкохол или некое друго опојно средство. Исто толку опасно е пијанството кое доаѓа од преголема самодоверба и неразумна ревност.
 Со разуздан полет, изразен преку сè што е неумерено и раскошно, тоа го сее своето семе на тлото на навиката.
Изданокот што израснува од него е нездрав; тој донесува плодови како што се заморот, нетрпеливоста, самооправдувањето.
 
Внимавај: од најголема важност е да не скршнуваме ниту надесно, ниту налево
 (5 Мој.5:32), ни најмалку да не се потпираме на сопствените сили.
 
Ако во себеси не ги најдеме богатите плодови на љубовта, мирот, радоста, умереноста, смиреноста, едноставноста, исправеноста, верата и трпението, целиот наш труд е залуден, вели Св. Макариј Египетски.
Овој труд се принесува заради жетвата, но таа жетва му припаѓа на Господ.
 
Стражари, значи, над себеси и расудувај.
Ако забележиш дека стануваш нетрпелив и раздразлив, малку олесни си го својот товар. Ако се роди во тебе желба со презир да гледаш на другите, да ги укоруваш, поучуваш или да даваш забелешки, на погрешен пат си:
оној којшто се одрекува од себе, нема што да му приговара на другиот.

Ако помислиш дека луѓето или околностите те „попречуваат“ во подвизувањето, знај дека својот подвижнички пат не си го сфатил како што треба:
сè што на прв поглед изгледа како вознемирувачка околност, дадено е, всушност, како прилика да се вежбаш во долготрпението и послушноста.
 
 Смирениот, кроткиот човек никој и ништо не може да го вознемири, тој може само да ја вознемирува совеста на другите.
 
Затоа, биди незабележлив, сокривај се.
 „...Влези во својата скришна соба и откако ќе ја затвориш вратата, помоли Му се на твојот Отец...“ (Мат.6:6), дури и тогаш кога, од нужда, ќе се најдеш во големо и гласно друштво.
Ако, понекогаш, ова ти е тешко да го издржиш, излези, појди било каде, кај што ќе можеш да бидеш сам, и побарај со вапај помош од Господа од сета своја душа. Тој ќе те чуе.
 
Свети Амвросиј советува:
 секогаш мисли за себе како за некое тркало. Колку полесно тркалото ја допира земјата, толку полесно напред се тркала.
Не размислувај, не зборувај, не грижи се за земските работи повеќе отколку што ти е потребно.

Но, имај го на ум и тоа дека тркало кое сосема лебди во воздухот не може да се тркала.

(ТИТ КОЛИАНДЕР) ПАТ НА ПОДВИЖНИКОТ


Превод : М. Даниловска

6-ти април. лето Господово 2015