(Обновено)

Ptici.zima.jpg

 

Многу одамна во еднo царство си живеел еден мудар и среќен цар. Во неговата старост тој бил тажен само за едно - немал деца.
Еднаш царот си помислил: „ Ќе го изберам во царството најчесното дете и ќе го посвојам. “
 Тој наредил да им се раздадат семиња од цвеќиња на сите деца и објавил:
„ Оној кој ќе одгледа од ова семе најубави цвеќиња, ќе ми биде син или ќерка.“
Сите деца го насадиле семето и го полевале секое утро и секоја вечер.
Петар исто така се трудел околу семето. Но поминале десет дена, потоа поминало пола месец, па еден месец, а семето во саксијата сеуште не пораснало.
„Колку чудно“, - се зачудил Петар.
Конечно,  ја запрашал мајка му:
„ Зошто моето семе не израснува?“
Таа му одговорила:
„ Пробај да го засадиш во друга земја.“
Петар го пресадил семето во друга земја и пак ништо.
Дошол денот кога царот требало да ги види цвеќињата. Сите деца облечени во свечена облека излегле надвор држејќи ги саксиите со цвеќињата. Секое дете посакувало  да стане принц.
Но што е тоа? Зошто царот, гледајќи ги цвеќињата, поминувал покрај сите деца на улицата и не му се зарадувало лицето?
Одеднаш пред една куќа го забележал Петар, кој плачејќи стоел со празна саксија. Царот наредил да го повикаат момчето.
„Зошто стоиш со празна саксија?“ – го прашал царот.
Петар, со липање, раскажал, како тој го насадил семето, но тоа не пораснало, изгледа, како казна за тоа што некогаш украл јаболко од туѓа градина.
Слушајќи го одговорот, царот го зел во раце Петар и рекол:
„Еве го мојот чесен син!“

3.angeli.so.truba
Луѓето почнале да прашуваат:
„Зошто царот го посвои детето со празна саксија?“
И царот им објаснил:
„ Луѓе! Семето, кое јас им го разделив на децата беше варено.“
И тогаш сите одобрувајќи климнале со главите.
А, на децата, кои стоеле со прекрасните цвеќиња од срам им поцрвенеле обравчињата:
Сите тие насадиле друго семе.

 

Извор: Бигорски манастир

  12.01.2013 год.