Што е конзервативизам,
а што демохристијансвто


          Во македонската јавност честопати се случува да се користат различни термини за десно ориентираните јавни политики. Некогаш се користи терминот “конзервативизам”, а друг пат терминот “демохристијанство”. Најчесто овие термини се користат како синоними и едниот служи за објаснување на другиот. Се појавува дилемата дали се работи за ист идеолошко-политички феномен и ако е така зошто се користат два термина за негова дескрипција. Во општествените науки не постојат дилеми за разликите меѓу конзервативизмот и демохристијанството, иако постојат различни толкувања на овие феномени. Според еден дел од истражувачите предводени од Морис Диверже, демохристијанството е дел од конзервативизмот, а демохристијанските се конзервативни партии, но доминантни се видувањата на Сејмор Липсет и Стеин Рокан и нивните следбеници, според кои конзервативизмот и демохристијанството иако многу блиски се одделни политички идеологии во десничарскиот идеолошко-политички спектар. Во реал политиката конзервативизмот и демохристијанството честопати се испреплетуваат (пример постојат партии кои се определуваат како конзервативни и демохристијански истовремено), но покажуваат и сериозни разлики што одат дотаму што конзервативците одбиваат да се определат како демохристијани (бидејќи сметаат дека овој термин е “клерикален” и “папистички”), додека демохристијанските партии, особено синдикалистите во нивните редови одбиваат да се определат како конзервативци, арументирајќи дека синдикалистите можат да бидат демохристијани, но не и конзервативци. Во продолжение ќе направиме една идеал-типска (веберовска) анализа која целејќи да ги објасни конзервативизмот и демохристијанството нужно ќе ја нагласи разликата меѓу нив. 
             Една кратка реконструкција на настанувањето на конзервативизмот и демохристијанството јасно ги покажува нивните разлики. Овие политички идеологии се развија во времето на модернизацијата, што ги подразбира процесите на: индустријализација, урбанизација, секуларизација и потпирајќи се на аргументот на традицијата имаа за цел да се спротистават на брзите општествени промени. Конзервативизмот се појави во општествата во кои модернизацијата одеше побрзо (Велика Британија, САД), католичката црква веќе ги имаше изгубено своите позиции во борбата со протестантизмот и се обидуваше да ги штити интересите на повисоките општествени слоеви. Демохристијанството пак се појави во континентална Европа (пред се западна Европа) каде модернизацијата доцнеше, а католичката црква сеуште имаше значаен број на верници (пример во Германија и Холандија католиците беа не помалку од 30% од населението) и ги штитеше интересите на малцинските католички заедници. Демохристијанството не ги штитеше само интересите на повисоките општествени слоеви туку на целата католичка (малцинска) заедница, а во името на единството на католицизмот се обединуваа интересите на сите општествени слоеви. Затоа демохристијанските партии добиваа поддршка од здруженијата на католичките работодавци, синдикатите, здруженијата на земјоделците и тн. Според тоа, додека кај конзервативизмот доминираат интересите на повисоките општествени слоеви, а во нив се вклучуваат и интересите на христијанството (пример по прашањето на абортусот, хомосексуалните бракови и тн.), кај демохристијанството се тргнува од интересите на целата католичка заедница и во нив меѓу другото се вклопуваат и интересите на повисоките општествено слоеви.  Оваа е клучната разлика и за актуелните јавни политики на конзервативните и демохристијанските партии.
          Како политички идеологии конзервативизмот и демохристијанството подразбираат стабилен систем на идеи и верувања заснован на одредени вредности и политички ангажман насочен кон спроведување на тие вредности во општествениот живот. Вредностите на конзервативизмот се систематизирани во конзервативната политичка филозофија, додека вредностите на демохристијанството се систематизирани во социјалната доктрина на католицизмот. Политичкиот ангажман пак не се одвива стихијно, туку е институцонализиран во политичките движења, партии, здруженија, иницијатаиви и тн. Најзначаен е ангажманот во политички партии бидејќи тие во одредени околности (преку поддршка на изборите) на општествено регулиран начин можат да добијат можност да управуваат со јавните работи. Во одредени земји (Велика Британија, САД, Франција и тн.) се појавуваат партии кои се определуваат како конзервативни, додека во други земји (Германија, Холандија, Белгија и тн.) се појавуваат партии кои се определуваат како демохристијански. Кога добиваат легитимитет да управуваат со јавните работи овие партии спроведуваат јавни политики. Конзервативните партии спроведуваат јавни политики инспирирани од конзервативната политичка филозофија, додека демохристијанските партии спроведуваат јавни политики инспирирани од социјалната доктрина на католицизмот. Затоа конзервативната политичка филозофија може да се смета за столб на идентитетот на конзервативизмот, како што социјалната доктрина на католицизмот може да се смета за столб на идентитетот на демохристијанството. Така потпирајќи се на слободата како една од клучните вредности на конзервативната политичка филозофија, конзервативните партии водат политика на “слобода на пазарот”, додека потпирајќи се на солидарноста и достоинството на секој човек како едни од централните вредности на социјалната доктрина на католицизмот, демо-христијанските партии водат политика на “социјално одговорна пазарна економија”. Разликите во економнските политики имаат импликации на односот на конзервативните и демохристијанските партии кон државата на благосостојба. Така конзервативните партии протежираат либерални “мали” држави на благосостојба, додека демохристијанските партии протежираат поголеми таканаречени “католички држави на благосостојба”. На сличен начин, потпирајќи се на национализмот и патриотизмот како вредности на конзервативната политика филозофија, конзервативните партии инклинираат кон евроскептицизам и водат политика на “Европа на нации”, додека потпирајќи се на транснационалноста на социјалната доктрина на католицизмот (самата црква е транснационална институција), демохристијанските партии водат политика на “Федерална Европа” или “Обединети европски држави”.
           Разликите меѓу вредностите на конзервативната политичка филозофија и социјалната доктрина на католицизмот, како и економските и евро интеграциските јавни политики што ги инспирираат, подетално ќе бидат изложени во наредните текстови.  

(Продолжува)

Кире Шарламанов
Доктор по социолошки науки