самодоверба

Данинг-Кругеровиот ефект е релативно нов поим во психологијата и се однесува на необичните луѓе кои имаат „илузија на супериорноста“, рангирајќи ја својата способност на просекот, многу повеќе од она што всушност е.

 

 Овие луѓе се искрено уверени во својата компетентност и се неспособни да ги препознаат не само сопствените пропусти и грешки, туку и туѓата вистинска компетентност.

Знам дека ништо не знам - рекол мудриот Сократ пред скоро 2.000 години. И денес овие луѓе се најобразовните, најинтелигентните, најспособните меѓу нас и спремни се да се поистоветуваат со овој став, бидејќи токму благодарение на разбирањето во светот во кој живееме, тие се свесни колку не знаат.

Наспроти нив се наоѓаат луѓе кои го преценуваат своето знаење и своите способности и се уверени дека се компетентни во областа во која се лаици, а освен што не се во состојба да ја согледаат сопствената некомпетентност, тие не знаат да ја препознаат компетентноста кај другите - ова во психологијата е неодамна научно докажано, а во 1999 година е дефиниран и истражуван од психолозите Дејвид Данинг и Џастин Кругер од Корнел универзитетот во Америка, па така по нив го добил името Данинг-Кругеров ефект.

Карактеристиките на Данинг-Кругеровиот ефект се препознаваат најчесто по тоа што ваквите луѓе во општеството го имаат главниот збор, го наметнуваат своето мислење без оглед на тоа за која тема станува збор, судат и донесуваат одлуки на неоснован начин, со нецелосни и неважни податоци и не се спремни да прифатат критики, односно мислење од другите луѓе кои очигледно, се многу повеќе компетентни.

Британскиот филозоф Бертран Распел вел: Една од најболните работи на нашето живеење е тоа што оние кои се глупави се чувствуваат сигурни, а оние кои имаат фантазија и разбирање се исполнети со сомневање и неодлучност.

Во рамките на нивното истражување Данинг и Кругер тестирале студенти кои биле лоши во граматика. „Ние верувавме дека тие треба да знаат дека се лоши, но бевме изненадени кога сфативме дека тие мислат дека се добри и дека знаат граматика“. Хипотезата била тестирана и со низа на експерименти на Корнел универзитетот, кои имале за цел да ја одредат самопроценката кај студентите и вештините за логичко сознавање, граматика и хумор. Учесниците во овој експеримент значително го прецениле сопствениот ефект на тестот и своето место во однос на другите студенти.

Овој феномен во азиските и сличните култури се јавува како „обратна слика“ - жителите на источна Азија ја потценуваат својата способност со цел да се подобрат.

Данинг-Кругеровата хипотеза се заснова на следните факти:

- Некомпетентните индивидуи го преценуваат сопственото ниво на вештини;
- Некомпетентните индивидуи не знаат да препознаат вештина кај некој друг;
- Некомпетентните индивидуи не успеваат да забележат екстремност во сопствената несоодветност
- Доколку би можеле да бидат истренирани да го подобрат своето ниво на вештини, овие индивидуи би можеле да ги препознаат и признаат своите претходни недостатоци.

Илузија на супериорност

- 94% од студентите на факултет ја рангираат својата работа над останатите колеги;
- 96% од пациентите кои се во болница и се лекуваат од рак тврдат дека се во подобра здравствена состојба од останатите пациенти;
- 93% од моторџиите сметаат дека се побезбедни од останатите просечни возачи;
- 90% од студентите се гледаат себеси како значително поинтелигентни од останатите студенти;
 
Објавено на 23.06.2014 во категорија Наука
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

 Извор: http://www.fakulteti.mk/news/14-06-23/nedostigot_na_znaenje_ja_zgolemuva_samodoverbata_kaj_chovekot.aspx