akdem.P.Atanasov.jpg

Ѓорги Поп-Атанасов

akdem.P.Atanasov.jpg

ХИМНОГРАФСКАТА ТРАДИЦИЈА
 ВО ОХРИДСКАТА КНИЖЕВНА ШКОЛА

akdem.P.Atanasov.jpg

    Уште пред почетокот на Моравската мисија светите браќа Кирил и Методиј го започнале преведувањето на библиските и литургиските книги. Првин, за потребите на црковното богослужение, биле преведени Изборното евангелие, Изборниот апостол, делови од псалтирот, како и избрани делови од најзначајните богослужбени книги – октоихот, минејот и триодот. Ова на недвосмислен начин се потврдува во XV глава од Опширното Методиево житие каде што, зборувајќи за преведувачката активност на Кириловиот брат Методиј, свети Климент појаснува дека двајцата браќа претходно ги превеле псалтирот, евангелие со апостоли и избрани црковни служби: „Зашто на почетокот само псалтирот, евангелие со апостоли и избрани црковни служби со филозофот преведе“.
    Словенските просветители не само што ги превеле неопходните за богослужба црковни книги, туку и го организирале црковното богослужение во Велика Моравија, по нивното доаѓање во оваа западнословенска земја. Во оваа мисионерска дејност, на словенските првоапостоли активно им помагале нивните најблиски ученици, меѓу кои посебно место заземаат светите Климент и Наум Охридски.
    Како што е познато, по смртта на свети Методиј во 885 година, учениците на солунските браќа биле протерани од Велика Моравија од страна на антисловенски расположеното германско духовенство. Светите Климент и Наум од Моравија дошле во бугарската престолнина Плиска, а оттаму – во Македонија. Прв во Македонија дошол св. Климент (во 886 год.), а подоцна, по неговата хиротонија за епископ во 893 год., тука пристигнал и св. Наум Охридски.
    По пристигнувањето во Македонија, св. Климент ја основал Охридската духовна црковно-книжевна школа, во којашто солидно образование стекнале стотици идни свештенослужители, вероучители и книжевни дејци. Тој водел грижа, исто така, околу изградбата на нови црковни храмови и манастири, го организирал црковниот живот и православното христијанско богослужение. За таа цел тој го довршил преведувањето на Цветниот триод и извршил повторна редакција на другите богослужбени книги, при што таму каде што имало празнини, самиот ги надополнувал со нови преводи од византиските литургиски книги или со оригинални химнографски дела од словенски автори, меѓу кои тој зазема највидно место.
    За време на својата 30-годишна дејност во Македонија, св. Климент се формира како извонреден црковник, литературен преведувач и оригинален писател. Во таа смисла мошне индикативно е сведочењето на Климентовиот житиеписец архиепископот Теофилакт, кој во неговото Опширно житие пишува дека свети Климент „богато ја снабдил црквата со песни слични на псалмите, при што едни од нив напишал за многу од светиите, а други пак, молитвени и благодарствени, тој ги составил во чест на сенепорочната Божја мајка“.
    Ова укажување на Теофилакт Охридски во врска со литературното творештво на св. Климент, ги поттикнало истражувачите да размислуваат околу тоа колкаво е учеството на охридскиот светец во преведувањето и составувањето на најзначајните литургиски книги, кои лежат во основата на православното словенско богослужение. Владимир Мошин, на пример, е на мислење дека св. Климент го превел од византиски на словенски јазик Цветниот триод и извршил редакција на Кирило-Методиевскиот превод на Посниот триод; Христо Кодов мисли дека Климентово дело е, исто така, и преводот на Посниот триод, додека Бл. Чифлјанов оди уште подалеку, искажувајќи ја претпоставката дека свети Климент не само што ги превел Посниот и Цветниот триод, туку ги превел и другите две најважни богослужбени книги – октоихот и минејот. За македонската литературна наука, притоа, од особено значење е тоа што свети Климент не се пројавува само како преведувач и кодификатор на богослужбените книги, туку тој е и автор на делови од нив. Во последниве неколку децении откриени се повеќе химнографски дела од составот на богослужбените книги, кои се поврзуваат со литературното творештво на св. Климент Охридски. Притоа, во дел од овие литургиски дела, во вид на акростих, е зачуван авторскиот потпис на св. Климент, додека атрибуцијата на другите кон Климентовото литературно творештво се врши врз основа на стилските особености на овие дела и некои други културно-историски податоци.
    Со откритијата во последните неколку децении на категоричен начин се потврди веродостојноста на сведоштвото на Климентовите житиеписци за неговото богато химнографско литературно наследство: библиографски се засведочени педесетина Климентови химнографски дела, од коишто скоро половината се веќе идентификувани во текстовите на одделни средновековни книжевни споменици. Така, во Месечниот и Празничниот минеј се идентификувани десет химнографски творби на св. Климент: канон за св. Ефтимиј Велики, канон за празникот „Полагање ризата и појасот на св. Богородица“, канон за Успение Богородично, канон за 15-те тивериополски маченици, циклус трипеснеци за претпразненство на Рождество Христово, канон за првомаченик Стефан и Стефан I папа Римски, канон за св. Теодор Тирон, служба со канон за св. Алексиј Човек Божји, канон за св. Методиј Солунски и служба за св. Аполинариј Равенски; во општиот минеј шест: општа служба за пророци, општа служба за апостоли, општа служба за светители, општа служба за преподобни, општа служба за маченици и општа служба за маченички (жени-маченици) и во октоихот седум: покаен канон за шести глас, канон на св. Јван Крстител за први глас, канон на св. Богородица за службата во петок на четврти глас, три канони на апостолите Петар и Павел – за втори, шести и осми глас, и канон на св. Троица за осми глас. Притоа, во повеќето случаи, станува збор за документирани химнографски дела на св. Климент т.е. за дела во кои фигурира неговиот авторски потпис во форма на акростих. Освен тоа, скоро сите досега откриени документирани Светиклиментови химнографски творби претставуваат канони со што се потврдува сведоштвото на архиепископот Теофилакт за „каноните за пеење“ на св. Климент, а со тоа се потврдува и неговиот придонес за оформувањето и афирмацијата на химнографскиот жанр во средновековната македонска литература.
    Со литературното дело на св. Климент се поврзуваат и некои анонимни химнографски дела, чијшто стил и други особености упатуваат на книжевното наследство на овој најзначаен македонски средновековен писател. Така, освен претпразничните трипеснеци за Рождество Христово, мошне веројатно е тој да е автор и на претпразничните трипеснеци за Богојавление, делови од коишто се пронајдени во Типографскиот минеј бр. 98 и во Скопскиот празничен минеј. Во Типографскиот минеј се зачувани два трипеснеца, а во Скопскиот празничен минеј – три трипеснеци од овој химнографски циклус. Врз основа на зачуваните делови може да се реконструира дел од акростихот: „Троице свента//просвенти мен свјатом//свентозарно пјати“. Иако не е зачуван целиот акростих, сепак може да се заклучи дека тој претставувал кратко поетско дело, формирано од два стиха со дванаесетслоговен размер и со цезура по петтиот слог. Овој циклус трипеснеци и неговиот акростих, според своите стилски осбености, се мошне слични со некои Климентови творби, во кои често се употребуваат зборови со значење светлина, блесок, сијание, коишто ги наоѓаме како во акростихот на претпразничните трипеснеци за Богојавление, така и во самото химнографско дело.
    Со книжевното дело на Климент Охридски се поврзуваат и други химнографски дела – словенскиот канон на св. Климент Римски, службата за св. Еразмо Лихнидски и канонот за св. Симеон Богопримец. Голема сличност има исто така меѓу службите на свв. Кирил и Методиј (одделната за св. Кирил и општата за двајцата словенски првоапостоли) и засведочените литературни дела на св. Климент Охридски.
    Судејќи според досегашните истражувања, преписи од химнографски дела на св. Климент наоѓаме, пред сѐ, во македонски, руски и српски средновековни ракописи. Од македонските ракописи ќе ги споменеме Скопскиот празничен минеј од почетокот на XIII в. (НБКМ 522), Кичевскиот октоих од средината на XIII в. (МСПЦ, Груиќева збирка, сигн. З I 110 и бр. 227 и НБС рс 104), Општ минеј со пролози од втората половина на XIII в. (НБКМ 113) по потекло од Осоговскиот манастир, еден Празничен минеј, пишуван од дијак Добре Радов во с. Калуѓерец кај Македонски Брод во времето на кралот Марко (1371-1395), сега во Државниот историски музеј во Москва (Хлуд. 164) и др.
    Со ширењето на словенската писменост од Охридската книжевна школа во Киевска Русија во времето на царот Самоил и св. Владимир Покрстител, во старата руска книжевност се шират и литературни дела на македонски средновековни писатели, особено на најплодовитиот македонски и општословенски црковен писател св. Климент Охридски. Климентови химнографски дела се откриени во повеќе стари руски ракописи – Илина книга (XI в.) октоих од крајот на XII в. (РГАДА, Син. тип. 80) минеј, од крајот на XII в. или почеток на XIII в. (Виена, Австриска национална библиотека cod. slav.37), октоих од XIV в. (РНБ, Соф. 128) и др. Истата констатација се однесува и за српската средновековна книжевност, којашто своите почетоци ги води исто така од Охридскиот книжевен центар. Имено затоа и во голем број стари српски книжевни споменици наоѓаме преписи од химнографски дела на св. Климент – Премчанскиот требник ( XIII в.), Братковиот минеј (XIII и XIV в.), минејот Хлудов 156 (XIII-XIV в.), минејот бр. 913 од старата збирка на Народната библиотека во Белград и др. Притоа, во некои од овие ракописи се пронајдени единствени засега познати преписи од некои Климентови химнографски творби. Така, на пример, во Хлудовиот минеј бр. 156 е откриен едиснтвениот препис од втората словенска служба на св. Методиј со канон во чијшто акростих се чита името на св. Климент, додека во минејот бр. 913 е зачуван препис од Климентовиот канон за Тивериополските (Струмички) маченици, со негов авторски потпис во вид на акростих во осмата и во деветтата песна на канонот.
    Што се однесува до Климентовите акростихови, тие имаат различна форма и се сместени во различни делови на канонот. Фразови акростихови, кои ги зафаќаат сите тропари од осумте песни на канонот регистриравме во Претпразничните трипеснеци за Рождество Христово, во канонот за св. Ефтимиј Велики и во канонот за св. Методиј Солунски. Другите Климентови акростихови, коишто исто така се од фразов тип, ги зафаќаат само тропарите од осмата и деветтата песна на канонот, ако го содржат целото Климентово име (Климент), или само тропарите на деветтата песна од канонот кога ја содржат скратената варијанта на Светиклиментовото име (Клим). Притоа, преовладуваат акростиховите со скратена варијанта од Климентовото име – неа ја наоѓаме во 11 химнографски дела, додека акростихови со целото име на св. Климент, кои ги зафаќаат тропарите на осмата и деветтата песна на канонот, има само во пет Климентови химнографск творби – во канонот на св. Јован Крстител за први глас, во канони на св. апостоли Петар и Павел за втори и за осми глас, во канон за св. 15 тивериополски маченици и во канонот за светител од Климентовиот циклус општи служби.
    Што се однесува до св. Наум Охридски, тој доскоро на научната и пошироката јавност ѝ беше познат, пред сѐ, како истакнат духовник и црковен деец, близок ученик и соработник на словенските просветители св. Браќа Кирил и Методиј. Според податоците што ги наоѓаме за него во неговите житија и служби, како и во Опширните житија на св. Методиј и св. Климент, може да се заклучи дека потекнува од Македонија и дека е еден од првите Кирилометодиеви ученици, кои биле воведени во духовен чин во Рим кон крајот на 867 или во почетокот на 868 год. По смрттта на Методиј (6 април 885 год.), заедно со други ученици на свв. Кирил и Методиј, доаѓа во бугарската престолнина Плиска и тука го продолжува делото на словенските просветители. По изборот на св. Климент за епископ во 893 год. Наум заминува за Македонија за да го замени св. Климент и да ја продолжи неговата просветителска дејност. Го основал (околу 905 год.) манастирот „Св. Архагели“ на брегот на Охридското Езеро и се грижи за развојот на монаштвото во тој дел на Македонија.
    Иако во историските извори нема конкретни податоци за книжевната дејност на св. Наум, сепак, може да се претпостави дека тој учествувал во преведувањето на библиските и на црковните богослужбени книги од византиски на словенски јазик, заедно со свв. Кирил и Методиј и нивните најблиски ученици и соработници. Секако, дека тој, како истакнат црковник, бил и еден од организаторите на книжевната дејност во нашите цркви и манастири. Во таа насока битен е податокот што ни го дава Константин Презвитер, кој во предговорот кон своето Учително евангелие вели дека овој негов труд е подготвен под директно влијание на св. Наум.
    Претпоставките за активната книжевна дејност на св. Наум се потврдија со откривањето на канон посветен на св. Андреј Првозвани, во чијшто акростих фигурира името Наум. Препис од овој канон откри во 1978 год. Ст. Кожухаров во српски пергаментен ракопис од збирката на Зографскиот манастир, во чијшто правопис има траги од јусова предлошка, поврзана со глаголичка писмена традиција. Наумовиот канон за апостол Андреј е поместен во службата за 30 ноември (л. 207б-210б) и содржи 32 тропара, поделени во осум песни (во секоја песна по четири тропари). Притоа, иницијалните букви од овие тропари формираат фразов акростих во којшто е сместено името на неговиот автор Наум: прво(зван)аго Хрстова сла хвали нишчии Наум; Текстот на канонот, според преписот во зографскиот минеј, го објави неговиот откривател, додека палеографска, јазична и стилска анализа на овој химнографски текст во повеќе свои научни прилози направи П.Хр. Илиевски.
    Во текот на подоцнежните истражувања се откриени уште неколку преписи од канонот –делумно зачувани или со променети почетоци кај некои тропари, поради што акростихот не може во целина да се реконструира. Два од овие делумно зачувани преписи се наоѓаат во ракописи со македонско потекло – Братковиот минеј од XIII-XIV в. по потекло од црквата „Св. Ѓорги“ во скопското село Бањани (НБС 647) и Хлудовиот минеј бр. 166 (XIV в.) по потекло од Осоговскиот манастир. Последниот од овие два ракописа содржи дури 13 оригинални непреводни словенски химнографски дела што е голема реткост во старословенската и во македонската книжевна традиција.
    Химнографската традиција во Охридската книжевна школа ја продолжуваат учениците на свв. Климент и Наум, кои составуваат служби за богослужбено прославување на своите учители по нивната канонизација; а тоа се случило, најверојатно, кратко време по нивното блажено упокојување – уште во текот на X век. Канонизацијата на св. Климент, на пример, е потврдена во повеќе стари писмени споменици, меѓу кои најстари се Асемановото евангелие и Ундолските листови. Споменот на св. Климент во синаксарот на Асемановото евангелие е одбележан под 27 јули – „свентаго свјатителја отца нашего Климента епископа Величкаго“, додека во месецословот на Ундолските листови фигурира под 25 ноември – „Свентому отцу нашему Клименту“. За брзото ширење на култот кон св. Климент низ цела Македонија, па и пошироко, јасно сведочи и сводната Зографска грамота, во којашто се вели дека основачите на Зографскиот манастир (според преданието браќата Комитопули) првобитно имале намера да му го посветат на охридскиот светец – „...Друзих же светому Клименту Лихнидонскому иже в послјадних вјалија чудотворца...“
    Податоци за раното Климентово богослужбено прославување наоѓаме и во првото (најстаро) житие на св. Наум Охридски: „И се же братие да не останет без памети брат сего блаженнаго Климента и с’подруг и с’страстник. С нимже и пострада многии бјади и страсти от еретиг, Наум презвитер си“.
    За раното канонизирање на св. Климент сведочи и неговата служба која, судејќи по стилот и јазичните особености, е пишувана од еден или повеќе негови ученици. Во оваа химнографска творба Климент се нарекува: „Клименте свјатителју“, „Клименте прјасвенте оче“, „Клименте блажене“, „Клименте свенте“ и сл. што значи дека уште во времето на неговите непосредни ученици тој бил веќе прогласен за светец од официјалната православна црква. Првобитно споменот на св. Климент е чествуван на 27 јули, храмовиот празник на основaниот од него во Охрид манастир „Св. Пантелејмон“, но подоцна бил установен и втор негов празник – на 25 ноември, кога се слави споменот на св. Климент Римски. Во времето на архиепископот Теофилакт двата празника веќе постоеле во црковниот календар. За ова сведочат зборовите на Теофилакт во Опширното Климентово житие: – „да ги уредиме твоите празници во полна радост“ (XXIX, 80).
    Своевидно продолжување на химнографската традиција во Охридската книжевна школа претставува книжевната дејност на некои охридски архиепископи, кои, користејќи постари словенски извори, напишале химнографски текстови наменети за богослужбена прослава на свв. Климент и Наум Охридски на византиско-грчки јазик. Архиепископот Теофилакт (крај на XI – почеток на XII в.) ја напишал службата на св. Климент за 25 ноември, кога се прославува и споменот на св. Климент Римски, додека Димитриј Хоматијан (XIII в.) е автор на Климентовата служба за денот на Успението и на уште четири канони посветени на охридскиот светец. Канон на св. Климент напишал и архиепископот Константин Кавасила (XIII в.), кој е автор и на византиската служба на св. Наум Охридски. Свои прилози кон оформувањето на химнографијата на св. Климент дале и архиепископите Григориј I (поч. на XIV в.) и Козма Драчки (1685-1693). Архиепископ Григориј напишал стихири за службата на св. Климент, додека Козма Драчки ги напишал величанијата во службата на охридскиот светец, кои како химнографски жанр во литургиската традиција се појавиле во неговото време.