Емоционална и спиритуална интерпретација

 

Преку композициите ги доживеавме неговата желба и целта да оствари нов свет на музичкото изразување, што го надополнува и со истражувањето на својот вокал и движењата на телото

На последниот концерт на Македонската филхармонија првпат сезонава беше изведен симфониски џез-концерт со композиции од Теодосиј Спасов, музички инструменталист и композитор од Бугарија, воедно и заштитно и водечко име на актуелната бугарска музичка култура.
Концертот ќе биде забележан по тоа што Спасов ни подари длабока емоционална и спиритуална интерпретација на својата музика за кавал и оркестар. Тој ни ја откри неограничената моќ на богатиот звуковен ранг на кавалот и бескрајната можност за импровизација.
Низ сите изведени композиции на концертот доминираше балканскиот народен мелос во комбинација со повеќе музички жанрови: џез, класична музика и фјужн. Топлата и искрена мелодиска линија ја прикри скромната оркестрација на композициите. Концептот на репертоарот беше одличен, со наизменично менување на музичката содржина, инспирирана од различните животни искуства на Спасов.

Воведната композиција која наговестуваше дека нема сигурен крај, всушност, беше најава за непосредното излегување на сцена на харизматичниот Спасов. Преку сите композиции ги доживеавме неговата желба и целта да оствари нов свет на музичко изразување. Тоа го надополнува и со истражувањето на својот вокал и движењата на телото.

Наизменичната промена на мелодиско-ритмичкиот тек и содржината на експресивните бавни и енергичните брзи текови на балканската приказна, креативните меѓусебни фразирања помеѓу солистот и оркестарот и унисоните движења, беа заемно раскажани од страна на солистот и оркестарот.

Оркестарот на Македонската филхармонија заедно со Спасов и диригентот Свилен Симеонов остварија одлична и продуктивна соработка. Соло-делниците на кавалот беа претставени со широк развој на мелодиската линија, инвентивна динамика, перфектна техника.

Со својот оригинален стил, Спасов едноставно го трансформира конвенционалното доживување на кавалот како народен инструмент. Својата творечка енергија Спасов целосно и' ја посвети на публиката.

На овој концерт беше подеднакво задоволството да се следи создавањето на музичката приказна на кавалот во изведба на Спасов и за стручната музичка јавност и за пошироката публика.

Јулиана Жабева Полизова