Публиката во распродадениот Карнеги Хол на нозе го поздрави деби настапот на Симон Трпчески

 Скопје, 14 ноември 2010 (МИА) - Стоечки овации доби нашиот пијанист Симон Трпчески на деби настапот во една од најпрестижните светски концертни сали – њујоршки Карнеги Хол. Добитната комбинација на нашиот пијанист, светската диригентка број еден, Марин Олсоп и носителот на Греми – Балтиморскиот симфониски оркестар, ја кренаа на нозе пребирливата публика на Карнеги Хол изведувајќи го Концертот за пијано и оркестар бр. 3 од С. Прокофјев.

Диригентката Ослоп во изјавата за Македонското радио појасни дека го поканила Симон за сите нејзини специјални изведби. - Тој го направи своето деби со мене и во амстердамската сала „Концертгебау“ со тамошниот оркестар. Знаев дека ова сега е негово деби во Карнеги Хол и го поканив бидејќи сметам дека е феноменален пијанист, прекрасен музичар со големо човечко срце. Вечерва свиреше како што очекував – спектакуларно, оцени Марин Олсоп.

Возбудата и задоволството од одличниот прием не ги криеше ни пијанистот Трпчески, кој подвлече дека уште не му се верува дека го имал своето деби во Карнеги Хол.

- Бев почестен од поканата на Балтиморскиот симфониски оркестар и нивниот шеф-диригент Марин Олсоп да настапам со нив во оваа сала. По двата навистина успешни настапа во Балтимор, ова беше убаво заокружување на концертната серија. Салата беше распродадена и морам да кажам дека чувството е прекрасно, бидејќи се работи за една од најубавите и најпрестижни концертни сали во светот. Во секој случај дадов се од себе во изведбата на еден толку комплициран концерт каков што е третиот на Прокофјев. Навистина сум пријатно изненаден особено од фактот што ретко се случуваат стоечки овации од публиката што има можност буквално постојано да го слуша најдоброто од најдоброто. Ова е незаборавен момент од  мојот живот што ќе ме мотивира да се повтори чувството од публиката која практично ми се поклони на нозе, подвлече Симон Трпчески.

На концертот присуствуваа и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и нашиот амбасадор во САД, Зоран Јолевски. Министерката Канческа Милевска изјави дека особено и е драго што концертот бил многу успешен, со големи овации во преполнетата сала.

- Исто така, на концертот се надоврзаа и отворањето на големата изложба со 90 дела на Вана Урошевиќ во Македонскиот културен центар, како и концертот на Четкар во нашата амбасада во Вашингтон по повод празникот на благодарноста, со што сметам  дека овие неколку денови имавме успешна презентација на македонската култура и творештво во Соединетите американски држави, рече Канчесна Милеска.

Следна концертна дестинација на нашиот пијанист е Универзитетот во Чикаго на 19 ноември. Пред тоа, Трпчески заминува за Париз каде што ќе присуствува на свеченото доделување на престижните француски музички награди „Златен дијапазон“, за кои и самиот е номиниран со својот прв оркестарски компакт диск. сст/11:56