Скопје, 20 октомври (МИА) - Во Универзалната сала вечер во рамките на Скопскиот џез фестивал ќе свири триото на пијанистот Жан Мишел Пилц.

Техничка виртуозност на Пилц му донесе извонредни критики од страна на џез публиката од Менхетен. Од особено значење е неговата леворака техника на свирење  што му обезбеди вешто владеење на клавијатурата. Тој има издадено осум албуми.

Во последните неколку години Пилц интензивно настапува низ светот, соло или со неговото трио во кое членуваат Томас Брамери и Марк Мондесир.

По настапот на триото на пијанистот Жан Мишел Пилц вечер во Универзалната сала ќе се претстават и „Лидерс“. Музиката составена од оргинални композиции на членовите на бендот создадени во подолг временски период се движи од модерен хард-боп до призвукот на авангардата.

Во клубот „Хард Рок“ вечер ќе настапат „Бразилијан грлс“ од Америка, чија музика содржи најразлични елементи - поп, реге, електроника, џез и боса-нова. Минатата година  „Бразилијан грлс“ го објавија албумот „Talk to la bomb“, космополитска збирка на најразлични стилови, звуци, ритми и јазици. рп/ссм/9:25