Скопје, 25 јуни (МИА) - На Скопско лето в недела ќе настапи пијано виртуозот Симон Трпчески, а в понеделник на истата сцена - Македонската опера и балет ќе гостува 16-годишниот Илич Ривас од Венецуела, според критиката најперспективен светски диригент.

Концертите се дел од тридеценискиот јубилеј на музичко-сценската манифестација во главниот град и ги организираат Дирекцијата за култура и уметност и здружението КултурОп, во соработка со лондонската концертна агенција ИГМ-Артистс и со поддршка на Амбасадата на САД во Скопје.

Првиот концерт е насловен „Камерна вечер со Симон Трпчески и пријателите“. Со него ќе настапат виолинистите Ана Кондратенко, Даниел Лазаревски, Милена Тодороска, виолончелистот Паскал Краповски, кларинетистите Игор Бакревски и Ристо Ѓоревски, Владимир Димовски на виола и студентите на Трпчески по пијано Едита Хаџи-Хамза, Ана Арангелова, Андреј Наунов и Душко Ичев.

Тие ќе свират дела од композитори на 20 век - Равел, Прокофјев, Хиндемит и Мио, од кои повеќето првпат ќе прозвучат на македонска сцена. Меѓу нив е и краткото и комплицирано дело „за два клавира и петта рака“ од Морис Равел, за кое познатиот француски композитор бил  инспириран од  поема за Вардар напишана од италијански поет кој во Првата светска војна престојувал во Македонија.

 - Драго ми е што ќе бидам дел од 30-тото издание на Скопско лето, на кое учествував уште како ученик. Сметам дека тоа е убава можност да се даде нова димензија и продолжување на идејата за ново светло на музицирањето во Македонија, истакна Трпчески.

За диригентот Илич Ривас, кој ќе гостува на 29 јуни, Трпчески истакна дека е импресиониран од „природниот, нормалниот, спонтаниот однос“ на својот млад пријател и од неговата „човечка димензија многу важна во музицирањето“. 

„Светското диригентско чудо од дете“, како што го нарекуваат критичарите, ќе го води Младинскиот оркестар на КултурОп кој ќе изведе дела од Верди, Чајковски и од Менделсон. Солист на концертот ќе биде виолинистот Климент Тодоровски.

- Очекувам тоа да биде одличен концерт. Се чувствувам добредојдено и  удобно ми е со музичарите, рече Ривас, заблагодарувајќи му се на Трпчески за концертот во Скопје. Своите музички способности тој ги наследил од својот татко Алехандро Ривас, актуелен музички директор на симфонискиот оркестар Метро Стејт во Денвер, кој на прес-конференцијата рече дека неговиот син диригира од шестгодишна возраст.

- Ме следеше на концертите од четири години и се интересираше за инструментите. Неверојатниот талент кај него го открив многу рано и почнав да го подучувам, што резултираше со брз и голем напредок. Тој најмногу се должи на неговата љубопитност која е движечка сила на неговиот талент, истакна Алехандро Ривас.

На Илич Ривас во август му претстои големо професионално деби со Симфонискиот оркестар на Атланта.

Директорот на Дирекцијата за култура и уметност - Скопје Никола Глигоров рече дека цените за двата концерта се симболични за да и  излезат во пресрет на заинтересираната публика. Тој особено ја поздрави подготвеноста на Трпчески да соработува со Скопско лето.

- Со тоа тој потврдува дека не ги заборава пријателите и дека сака да помогне во зачувувањето на традицијата на оваа манифестација и во нејзината понатамошна афирмација, истакна Глигоров. хс/скс/13:14