„Од исконот“ е насловот на вокално-инструменталниот проект со кој вечерва во МОБ ќе почне манифестацијата

Со вокално-инструменталниот проект „Од Исконот“, вечерва во Македонската опера и балет во 20 часот, свечено ќе почне годинашното, 31 издание на манифестацијата „Денови на македонска музика“. Под диригентство на Саша Николовски-Ѓумар, а во режија на Сашо Миленковски, хорот и оркестарот на Операта и неколкумина македонски оперски солисти ќе изведуваат дела од постарата и средна генерација македонски композитори: Стојче Тошевски, Кирил Македонски, Трајко Прокопиев, Живојин Глишиќ, Томислав Зографски и Ристо Аврамовски. Како солисти ќе настапат оперските пејачи: Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Зоран Сотиров, Александра Лазаровска, Марика Поповиќ, Славица Петровска-Галиќ, Горан Начевски и Весна Гиновска-Илкова. Сценограф на проектот е Живоин Трајановиќ.

Идејата за овој концерт со кој ќе се отвори единствената манифестација во земјава што ја третира македонската современа класична музика, е да се претстават дела кои се обединети во една заедничка тематика - фолклорот и нивниот однос кон историските случувања на Македонија. Претседателот на Сојузот на композиторите на Македонија кој е долгогодишен организатор на манифестацијата, Марко Коловски, вели дека вечерашниот концерт нема да биде обичен оперски концерт. „Со самото тоа што ќе има и режисер и сценограф, нумерите ќе бидат врзани во една лабава целина, ќе има определена хронолошка димензија и ќе има определена симболика која во контекстот во кој се наоѓаме, ќе го искаже односот на македонската музика кон актуелните политички теми, иако делата се пишувани во различни периоди“.

Годинашното издание на „Деновите на македонска музика“ ќе трае до 2 април и ќе се одвива на различни локации, во МОБ, во Домот на АРМ, Даут пашиниот амам и Музејот на град Скопје. Во деветте фестивалски вечери ќе бидат изведени најновите остварувања на македонските музички автори, дела од автори кои веќе не се меѓу нас, а оставиле неизбришлива трага во нашата музичка култура, како и дела на композитори од странство. Годинава ќе се реализираат 30 праизведби, а на фестивалот ќе настапат околу 300 музички исполнители.

„Деновите на македонска музика“ се поддржани од Министерството за култура, а се одвиваат под покровителство на претседателот на Македонија, Бранко Црвенковски. (Т.И.)

Утрински весник